Кои се најбогати меѓу најбогатите луѓе на светот?
8 март 2012Има многу богати луѓе на светот, но само малкумина спаѓаат во кругот на најбогатите. Ако за граница се земе имот од 10 милијарди долари, тогаш во тој круг спаѓаат само 83 луѓе. Од нив 27 се Американци, 17 Европејци, по 5-мина Кинези и Индијци... Во просек овие луѓе се на возраст од 66 години, но во последно време се пробиваат се’ помлади - тука се обајцата основачи на Гугл, како и 28-годишниот Марк Закерберг, основач на Фејсбук.
„Тоа покажува дека кој има брилијантна идеја, која е вистински иновативна и прави промени во една цела индустрија, тој може да стигне до врвот на најбогатите“, вели Руперт Хугверф, составувач на списокот на најбогатите луѓе на светот.
Богатите стануваат уште побогати
На чело на списокот и натаму е Мексиканецот Карлос Слим, претприемач во телекомуникациите, со богатство проценето на 55 милијарди долари. Веднаш зад него се Американците Бил Гејтс (еден од основачите на Мајкрософт) и Ворен Бафет (супермаркети „Волмарт“) - и покрај загубите што тој ги претрпе на берзата.
Независно од економската криза, богатите стануваат се’ побогати. Составувачот на списокот првобитно сакал да направи листа на 50 најбогати, но бргу увидел дека има значително повеќе луѓе со имот од преку 10 милијарди. Во тоа се опфатени акции, недвижности, вредноста на нивното претпријатие и нивните удели во други фирми.
Паѓа в очи се’ поголемата застапеност на Азијци, кои парите ги „направиле“ во областа на недвижностите и со настап на берзите. Од петтемина Кинези поголемиот дел се од Хонгконг. „По 15 години мислам дека меѓу најбогатите ќе има 20-ина Кинези. Но, и другиот дел од светот дотогаш ќе се промени и ќе има повеќе луѓе со имот поголем од 10 милијарди долари“, проценува Руперт Хугверф. Тој со години го составува списокот на најбогатите Кинези, а сега за првпат и на глобално најбогатите - и го потисна конкурентот Форбс.
Германците добро котираат
Во ексклузивниот клуб на милијардери, според Хугверф, има и седуммина Германци. Карл Албрехт, сопственик на супермаркетите „Алди“, е меѓу десетте најбогати, со имот вреден 26 милијарди долари. „Кај Германците е забележливо дека се многу воздржани“, нагласува составувачот на списокот и се жали дека јавно биле достапни само минимален број информации, посебно за претпријатија во приватна сопственост. Проценки за имотот се правеле од објавените бројки за постигнатиот обем на продажба и за стапките на пораст. „Германците се веројатно уште повоздржани од Кинезите“, вели Руперт Хугверф.
Имотот на најбогатите, земен во целост, изнесува 1,5 билиони долари (илјада и петстотини милијарди). Тоа можеби не е доволно за спас на еврото, но го покрива севкупниот долг на земја како Велика Британија!
Автор: Рут Кирхнер / Зоран Јордановски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска