Коронавирус: Без Божиќни пазари во Германија?
25 септември 2020За многу Германци зимата се чини уште далеку. Но, експертите се загрижени за претстојната студена сезона и што тоа може да значи за бројот на инфицирани со коронавирус. На дневна база, во изминатите четири недели тој број постојано расте во целата земја, во последните 24 часа се регистрирани 2153 новоинфицирани. Други европски земји размислуваат за нова тура „локдаун". Германските законодавци внимателно предложуваат планови за справување со новиот бран случаи и да одлучат дали настаните во зима ќе се одржат или не.
Еве четири нешта што може да се очекуваат за време на есента и зимата:
Монтажни клиники
Министерот за здравство Јенс Шпан објави план за т.н.клиники за надворешни пациенти каде ќе може да се тестираат за Ковид-19 и да добијат третман. Тие би го намалиле бројот на инфекции во самиот здравствен систем.
„Како стојат нештата, германскиот здравствен систем можеше да се справи со зголемениот број случаи во изминатите четири недели”, изјави Шпан за весникот „Рајнише пост". Но, нов бран би можел да ги преоптовари клиниките. Таквите дополнителни клиники одвоени од главните болници, би можеле да примат втор бран случаи и така да ги ограничат бројките на зараза. „Треба да бидат достапни низ цела земја до есента”, потврди Шпан.
Побрзо и пошироко тестирање
Третина од сите тестови за корона направени во Германија се од изминатите четири недели, покажуваат статистиките, што укажува на зголемена потреба за тестирање. Во моментов, пациентите треба да избегнуваат јавен транспорт и да одат пеш, со велосипед или автомобил за да се тестираат, но тоа станува сѐ потешко со заладувањето на времето.
Повеќе:
Германија планира нови корона-мерки спроти сезоната на грип
Како Минхен „издржува“ без Октоберфест?
Германија: „Веројатни“ се повеќе корона-вакцини
Коронавирус: Може ли Европа да избегне втор целосен карантин?
Шпан вели дека нова стратегија за тестирање ќе се дискутира со премиерите на 16-те покраини во октомври. Секој со симптоми се охрабрува да прави тест.
До минатата недела Германија нудеше бесплатни тестирања за повратници од ризични региони. Тие што патувале во региони наведени како ризични мораат самите да платат за тестирањето. Шпан објави планови и за побрзи тестови, најмногу за да се заштитат стари лица и лица кои се во домови. „Мора да спречиме вирусот да навлезе таму”, изјави тој.
Маски на михенските плоштади
Изминатиот викенд ќе беше првиот од познатиот Октоберфест, пивски фестивал во Минхен. Додека шаторите годинава не се подигнаа, сликите од викенд покажуваат развеселени лица на главниот плоштад како пијат, ги игнорираат правилата за социјално дистанцирање и се приближени едни до други.
За баварскиот премиер Маркус Зедер овие слики се „вознемирувачки“ и предложи задолжително носење маски и на отворено, на плоштадите и во сите места во градот каде „дистанцирањето не може да се забележи или не е посакувано.“
Во последниве недели во Баварија е регистриран особено зголемен број на новозаразени, поради што Зедер побара средба на премиерско ниво за да се разговара за оваа тема. Зедер беше еден од првите покраински премиери кои пролетоска најавија поголеми рестрикции во јавниот живот, но можеби не е подготвен уште еднаш да ја жртвува економијата во својата богата покраина. Минхен наесен обично има наплив на туристи, со над 6 милиони луѓе кои го посетувааат Октоберфест.
„Минимизирани“ Божиќни пазари
По Октоберфест, традиционалните Божиќни пазари во Германија се најпознат настан кој се случува секоја година. Странски и домашни туристи ги преплавуваат градовите како Минхен, Франкфурт и Берлин за да пијат варено вино и да слушаат божиќна музика. Зедер е еден од покраинските премиери кој повика Божиќните пазари сепак да се одржат.
„Би биле во минимизирана форма,“ рече и покраинсиот премиер на Тирингија, Бодо Рамелов во изјава за Ди Велт. Луѓето имаат „емотивна потреба за нормалност“, додаде тој. Околу два милиони гости го посетија минатата година Божиќниот пазар во главниот град на Тирингија, Ерфурт – број кој годинава би бил незамислив, рече Рамелов.
И покраинскиот премиер на Саарланд, Тобиас Ханс се согласува дека Божиќните пазари сепак треба да се одржат, но повика на ограничување на потрошувачката на алкохол. Многу законодавци стравуваат дека доколку луѓето се пијани, потешко би било одржување дистанца.
Градоначалникот на Франкфурт, Петер Филдман напиша на Твитер дека се согласува со желбата на Зедер за одржување на Божиќните пазари со „добро осмислен концепт“ со кој би се заштитиле луѓето.
Божиќните пазари во Германија традиционално се отвораат на почетокот од декември и траат до Божиќ. Зедер изјави дека ќе мора да се обележат места за влез и излез, а носењето маски да е задолжително. Ризикот од зараза може да биде помал, бидејќи Божиќните пазарчиња се одржуваат на отворено, додаде тој.